Matthew (4/28)  

1. Тогаш Духот Го одведе Исуса во пустината, за да биде искушуван од ѓаволот.
2. И откако постеше четириесет дни и четириесет ноќи, најпосле огладне.
3. Тогаш искушувачот Му пристапи и рече: "Ако си Божји Син, заповедај им на овие камења да станат лебови!"
4. А Тој одговори, велејќи: "Напишано е: 'Човекот не ќе живее само од леб, туку од секој збор што излегува од устата на Бог'."
5. Тогаш ѓаволот го одведе во светиот град, Го постави на врвот на Храмот
6. и Му рече: "Ако си Божји Син, фрли се долу; зашто напишано е: 'Ќе им заповеда на Своите ангели за Тебе', и 'ќе Те носат на раце, за да не Си ја удриш ногата на камен.'
7. Исус му рече: "А напишано е и: 'Не искушувај Го Господ, твојот Бог'!"
8. Ѓаволот пак Го одведе на многу висока гора, Му ги покажа сите царства на светов и нивната слава,
9. и Му рече: "Ќе Ти го дадам сето ова ако паднеш и ми се поклониш."
10. Тогаш Исус му рече: "Оди си, сатано, зашто напишано е: 'На Господ, твојот Бог, ќе Му се поклонуваш и само Нему ќе Му служиш!'"
11. Тогаш ѓаволот Го остави и, ете, дојдоа ангели и Му служеа.
12. А кога чу дека Јован го затвориле, се повлече во Галилеја.
13. И откако го напушти Назарет, дојде и се насели во Капернаум, крај морето, во пределите на Зебулон и Нафталим,
14. за да се исполни она што беше речено преку пророкот Исаија:
15. "Земјо Зебулонова и земјо Нафталимова, на пат кон морето, отаде Јордан, безбожна Галилејо;
16. народот кој седеше во темнина, виде голема Светлина, а на оние кои седеа во земјата под сенката на смртта, ним им болсна светлина."
17. Оттогаш Исус почна да проповеда и да говори: "Покајте се, зашто небесното царство се приближи!"
18. А кога одеше покрај Галилејското Море, виде двајца браќа: Симон, наречен Петар и брат му Андреј, како фрлаат мрежа во морето, зашто беа рибари,
19. па им рече: "Тргнете по Мене и Јас ќе ве направам рибари на луѓе!"
20. А тие веднаш ги оставија мрежите и Го следеа.
21. И кога замина оттаму, виде други двајца браќа: Јаков, синот на Зебедеј и брат му Јован, во чун со татка им Зебедеј, како ги крпат своите мрежи, и ги повика.
22. А тие веднаш го оставија чунот и татка си, и тргнаа по Него.
23. Исус одеше по цела Галилеја, поучувајќи во нивните синагоги и проповедајќи го Евангелието за царството и исцелувајќи секаква болест и секаква немош меѓу народот.
24. Се разнесе глас за Него по цела Сирија, и ги доведоа кај Него сите болни кои страдаа од разни болести и маки, опседнати од демони, умоболни и парализирани, и Тој ги исцели.
25. И Го следеше голема толпа од Галилеја, Декапол, Ерусалим, Јудеја и отаде Јордан.

  Matthew (4/28)