Matthew (3/28)  

1. Bо тие денови дојде Јован Крстителот и проповедаше во јудејската пустина, велејќи:
2. "Покајте се, бидејќи наближи небесното царство!"
3. Зашто тој е оној, за кого пророкот Исаија рече: "Гласот на оној кој вика во пустината: 'Подгответе го патот на Господ, исправете ги Неговите врвици!'"
4. А самиот Јован имаше облека од камилски влакна и кожен појас околу половината, а се хранеше со скакулци и див мед.
5. Тогаш доаѓаа кај него од Ерусалим, од цела Јудеја и од сета јорданска околина.
6. Тој ги крштаваше во реката Јордан, откако ги исповедуваа своите гревови.
7. Кога виде многу фарисеи и садукеи дека доаѓаат да ги крсти, им рече: "Змиска породо, кој те предупреди да бегаш од гневот што доаѓа?
8. Принесувајте плодови достојни на покајание,
9. и не мислете да речете во себеси: 'Авраам е наш татко', зашто ви велам, Бог може од овие камења да му издигне чеда на Авраам.
10. Секирата веќе лежи при коренот на дрвјата; затоа секое дрво што не дава добар плод, се сече и се фрла в оган.
11. Јас ве крштавам со вода, за покајание, но Оној Кој доаѓа по мене, посилен е од мене; јас не сум достоен да Му ги понесам сандалите. Тој ќе ве крсти со Светиот Дух и оган.
12. Лопатата е во Неговата рака, и ќе го исчисти Своето гумно, ќе го собере Своето жито во амбарот, а плевата ќе ја запали со неизгаслив оган."
13. Тогаш Исус пристигна од Галилеја, крај реката Јордан, кај Јован, за да биде крстен од него.
14. А Јован го одвраќаше, велејќи Му: "Јас треба да бидам крстен од Тебе, а Ти доаѓаш кај мене?"
15. Исус му одговори: "Дозволи го сега ова, зашто вака треба да ја исполниме сета праведност." Тогаш тој Му дозволи.
16. А кога Исус беше крстен, веднаш излезе од водата. И ете, небесата се отворија и го виде како Божјиот Дух слегува како гулаб и се спушта над Него.
17. И ете, глас од небесата говореше: "Овој е Мојот мил Син, Кој е по Мојата волја!"

  Matthew (3/28)