Matthew (28/28)    

1. А по саботниот ден, на осамнување на првиот ден од седмицата, дојдоа Марија од Магдала и другата Марија да го видат гробот.
2. И ете, стана голем земјотрес, зашто Господов ангел слезе од небото, пристапи и го помести каменот и седна на него.
3. Лицето му светеше како молња, а неговата облека беше бела како снег.
4. Од страв пред него, стражарите се преплашија и паднаа како мртви.
5. Тогаш ангелот проговори и им рече на жените: "Не плашете се, зашто знам дека Го барате распнатиот Исус.
6. Не е тука, зашто е воскреснат, како што рече! Дојдете и видете го местото каде што лежеше,
7. и отидете бргу и кажете им на Неговите ученици дека воскресна од мртвите. Еве, Тој оди пред вас во Галилеја. Таму ќе Го видите! Ете, ви кажав!"
8. И тие веднаш заминаа од гробот, со страв и со голема радост, и отрчаа да им соопштат на Неговите ученици.
9. А Исус ги пресретна и ги поздрави: "Бидете поздравени!" А тие се приближија до Него, Го фатија за нозете и Му се поклонија.
10. Тогаш Исус им рече: "Не плашете се! Одете и соопштете им на Моите браќа да појдат во Галилеја. Таму ќе Ме видат."
11. А кога одеа, ете, некои од стражарите дојдоа во градот и им соопштија на првосвештениците за сè што беше станало.
12. Потоа се состанаа со старешините, се советуваа и им дадоа на војниците многу пари
13. и им рекоа: "Кажете дека Неговите ученици дојдоа ноќе и Го украдоа, додека ние спиевме.
14. А ако за ова чуе управителот, ние ќе го убедиме и вие нема за што да се грижите."
15. А тие ги зедоа сребрениците и постапија како што ги научија. И тоа се разгласи меѓу Евреите до ден денешен.
16. А единаесеттемина ученици отидоа во Галилеја, на гората, каде што им беше определил Исус.
17. И штом Го видоа, Му се поклонија, а некои се сомневаа.
18. Тогаш Исус им се приближи и им рече: "Дадена Ми е сета власт на небото и на земјата.
19. Затоа одете и направете од сите народи Мои ученици, крштавајќи ги во името на Таткото и Синот и Светиот Дух, учејќи ги да го чуваат сето она што ви го заповедав!
20. И еве, Јас Сум со вас во сите дни до крајот на светот."

  Matthew (28/28)