Matthew (27/28)  

1. А кога се раздени, сите првосвештеници и народните старешини се советуваа против Исус, за да Го убијат.
2. Го врзаа, Го одведоа и му Го предадоа на управителот Пилат.
3. Тогаш Јуда, кој Го предаде, откако виде дека Го осудија, се покаја и им ги врати триесетте сребреници на првосвештениците и на старешините,
4. велејќи: "Згрешив, зашто предадов невина крв." А тие му рекоа: "Што нè засега нас тоа? Твоја работа!"
5. Тогаш ги фрли сребрениците во Храмот, излезе и отиде, па се обеси.
6. А првосвештениците ги зедоа сребрениците и рекоа: "Не чини да се остават во храмската благајна, зашто се цена за крв."
7. Туку, откако се посоветуваа, ја купија со нив грнчаревата нива за гробишта за туѓинци.
8. Затоа таа нива до денес се вика Крвна Нива.
9. Тогаш се исполни реченото преку пророкот Еремија, кој вели: "И ги зедоа триесетте сребреници, цена за Непроценливиот Кого Го проценија израеловите синови,
10. и ги дадоа за грнчаревата нива, како што ми нареди Господ."
11. Исус застана пред управителот, а управителот Го праша: "Ти ли си царот на Евреите?" А Исус рече: "Ти велиш".
12. И кога Го обвинуваа првосвештениците и старешините, не одговараше ништо.
13. Тогаш Пилат Му рече: "Не слушаш ли колку работи изложија против Тебе?"
14. И не му одговори ниту на еден збор, та управителот се најде во чудо.
15. А на секој празник управителот имаше обичај да му пушти на народот еден затвореник, и тоа оној што ќе го побараше.
16. Имаше тогаш прочуен затвореник, кој се викаше Бараба.
17. И кога се собраа луѓето, Пилат им рече: "Кого сакате да ви го пуштам? Бараба или Исус, наречен Христос?",
18. зашто знаеше дека Го предадоа од завист.
19. И додека седеше на судскиот стол, жена му јави до него да му кажат: "Не прави Му ништо на Тој Праведник, зашто денес насон многу настрадав заради Него!"
20. Но првосвештениците и старешините го наговорија народот да го побара Бараба, а Исус да биде погубен.
21. Тогаш управителот во одговор рече: "Кого од двајцата сакате да го пуштам?" А тие рекоа: Бараба!"
22. Пилат им рече: "А што да сторам тогаш со Исус, наречен Христос?" Сите рекоа: "Да биде распнат!"
23. А тој рече: "Зошто, какво зло сторил?" А тие сè посилно викаа: "Да биде распнат!"
24. А Пилат штом виде дека ништо не помага, туку викотницата станува сè поголема, зеде вода и си ги изми рацете пред народот и рече: "Невин сум за крвта на Овој Праведник! Мислете му вие!"
25. Целиот народ одговори, извикувајќи: "Неговата крв нека биде на нас и на нашите деца!"
26. Тогаш им го пушти Бараба, а Исуса, откако Го камшикуваше, им Го предаде да Го распнат.
27. Тогаш војниците на управителот Го одведоа Исус во преторијата и ја собраа целата чета околу Него.
28. Го соблекоа и Му наметнаа црвено наметало;
29. исплетоа трнов венец, Му го ставија на главата и трска во Неговата десница, па коленичеа пред Него и Му се потсмеваа, велејќи: "Биди поздравен, еврејски Цару!"
30. И плукаа по Него, ја зедоа трската и Го удираа по главата.
31. Откако Го исмејаа, го симнаа од Него наметалото, па Го облекоа во Неговата облека та Го одведоа да Го распнат.
32. А на излегување сретнаа човек Киринеец, по име Симон, и го принудија да Му го носи крстот.
33. А кога стигнаа на местото наречено Голгота, што значи место на череп,
34. Му дадоа да пие вино, измешано со жолчка, но кога вкуси, не сакаше да пие.
35. А откако Го распнаа, фрлајќи жрепка, ја разделија Неговата облека.
36. Потоа седнаа и Го чуваа.
37. И над главата Му ставија натпис за Неговата вина: "ОBОЈ Е ИСУС, ЦАРОТ НА ЕBРЕИТЕ."
38. Тогаш распнаа со Него двајца разбојници: едниот оддесно, а другиот одлево.
39. А минувачите Го хулеа, вртејќи со главите
40. и велејќи: "Ти што го разурнуваш Храмот и што за три дни го изѕидуваш, спаси се Себеси. Ако си Божји Син, симни се од крстот!"
41. Исто зборуваа и првосвештениците, заедно со закониците и старешините, потсмевајќи Му се:
42. "Другите ги спаси, а Самиот Себеси не може да се спаси. Тој е Царот на Израел! Нека слезе сега од крстот та ќе Му поверуваме!
43. Тој се надеваше на Бог, нека Го избави сега, штом толку Го љуби, зашто рече: 'Божји Син Сум!'"
44. Исто така Го навредуваа и разбојниците кои беа распнати со Него.
45. А од шестиот час се стемни над целата земја до деветтиот час.
46. Околу деветтиот час Исус извика со силен глас, велејќи: "Ели! Ели! Лема Сабахтани! - што значи: "Боже Мој, Боже Мој! Зошто Ме напушти?"
47. А некои од оние што стоеја таму, кога го чуја тоа, рекоа: "Овој го вика Илија!"
48. И веднаш еден од нив отрча, зеде сунѓер, го натопи во оцет, го надена на трска, и Му даде да пие.
49. А другите велеа: "Остави Го! Да видиме дали ќе дојде Илија да Го спаси!"
50. А Исус повторно извика со силен глас и го предаде духот.
51. И ете, завесата во Храмот се расцепи надве, озгора додолу, земјата се стресе и карпите распукаа,
52. а гробовите се отворија и воскреснаа многу тела на упокоени светии;
53. и излегоа од гробовите по Неговото воскресение, влегоа во светиот град и на мнозина им се јавија.
54. А стотникот и оние кои со него Го чуваа Исус, откако го видоа земјотресот и сè што стана, многу се исплашија и рекоа: "Навистина, Овој беше Божјиот Син!"
55. А таму се наоѓаа и оддалеку гледаа многу жени, кои Го следеа Исус од Галилеја и Му служеа.
56. Меѓу нив беа: Марија од Магдала и Марија, мајката на Јаков и Јосиф, и мајката на Зебедеевите синови.
57. А кога се стемни, дојде богат човек од Ариматеја, по име Јосиф, кој и самиот беше Исусов ученик.
58. Тој отиде кај Пилат и го побара Исусовото тело. Тогаш Пилат заповеда да му биде дадено.
59. Јосиф го зеде телото, го завитка во чисто платно
60. и го положи во својот нов гроб, што беше го издлабил во карпа. И врз влезот навали голем камен на гробот и си отиде.
61. А Марија од Магдала и другата Марија останаа да седат спроти гробот.
62. Следниот ден, по денот за подготовка, првосвештениците и фарисеите се собраа кај Пилат
63. и му рекоа: "Господару, се сетивме дека оној измамник, уште додека беше жив, рече: "Ќе воскреснам по три дни."
64. Затоа, заповедај да биде чуван гробот до третиот ден, за да не дојдат Неговите ученици да Го украдат и да му кажат на народот: 'Bоскресна од мртвите', та последната измама да биде полоша од првата."
65. Пилат им рече: "Еве ви стража. Појдете и чувајте го како што знаете!"
66. Тие отидоа и го обезбедија гробот, го запечатија каменот и поставија стража.

  Matthew (27/28)