Matthew (26/28)  

1. А кога Исус ги заврши сите тие говори, им рече на Своите ученици:
2. "Знаете дека Пасхата е по два дни, и дека ќе Го предадат Синот Човеков, за да Го распнат."
3. Тогаш првосвештениците и народните старешини се собраа во дворот на врховниот свештеник, кој се викаше Кајафа,
4. и се договорија да Го фатат Исус на измама и да Го убијат.
5. Но велеа: "Не на празникот, за да не се побуни народот."
6. А кога Исус беше во Бетанија, во куќата на Симон лепрозниот,
7. Му се приближи жена, со сад од алабастер со скапоцен мирис, па го излеа врз Неговата глава, додека беше прилегнат крај трпезата.
8. Штом учениците го видоа тоа, негодуваа и рекоа: "Зошто вакво растурање?
9. Тој мирис можеше да биде продаден скапо, а сребрениците да им се дадат на сиромасите!"
10. Но Исус, знаејќи го тоа, им рече: "Зошто и додевате на жената? Таа Ми направи добро дело,
11. бидејќи сиромашните ги имате секогаш со себе, а Мене Ме немате секогаш;
12. зашто кога таа го излеа мирисот врз Моето тело, го стори тоа за Мојот погреб.
13. Bистина ви велам, кај-годе да се проповеда Евангелието по целиот свет, ќе се раскажува и тоа што го стори таа, за нејзин спомен."
14. Тогаш еден од дванаесеттемина, по име Јуда Искариот, отиде кај првосвештениците и им рече:
15. "Што ќе ми дадете, за да ви Го предадам?" А тие му изброија триесет сребреници.
16. И оттогаш бараше згодна можност за да Го предаде.
17. А во првиот ден на Бесквасните лебови, учениците пристапија кај Исус и Го прашаа: "Кај сакаш да Ти приготвиме да ја јадеш Пасхата?"
18. Тој рече. "Појдете в град кај тој и тој човек и речете му: Учителот вели: Моето време е близу; кај тебе ќе ја празнувам Пасхата со Своите ученици."
19. И учениците сторија како што им заповеда Исус, и ја приготвија Пасхата.
20. А кога се стемни, Тој прилегна со дванаесеттемина ученици крај трпезата.
21. И додека јадеа, им рече: "Bистина ви велам дека еден од вас ќе Ме предаде."
22. А тие многу се натажија и почнаа да зборуваат еден по друг: "Да не сум јас тој, Господи?"
23. А Тој одговори: "Оној што ќе ја натопи со Мене раката во чинијата, тој ќе Ме предаде!
24. Bпрочем, Синот Човеков си оди како што е напишано за Него, но тешко му на оној човек, преку кого ќе биде предаден Синот Човеков; добро ќе беше за тој човек, ако не беше се родил!"
25. А Јуда, кој Го предаде, во одговор рече: "Да не сум јас, Раби?" А Тој му рече: "Ти кажа!"
26. А кога јадеа, Исус зеде леб, го благослови, го раскрши, им го раздаде на учениците, и рече: "Земете, јадете, ова е Моето тело."
27. Потоа ја зеде чашата, заблагодари, им ја даде и рече: "Пијте сите од неа,
28. зашто ова е Мојата крв на Заветот, која се пролева за мнозина, за проштавање на гревовите.
29. Но, ви велам, отсега нема да пијам од овој лозов плод сè до оној ден кога со вас ќе пијам нов во Царството на Мојот Татко."
30. И откако испеаја песна, се искачија на Маслиновата Гора.
31. Тогаш Исус им рече: "Сите вие, оваа ноќ ќе се соблазните заради Мене, зашто е пишано:'Ќе го убијам пастирот, а овците од стадото ќе се разбегаат!'
32. Но по Моето воскресение пред вас ќе отидам во Галилеја."
33. Тогаш Петар одговори, и рече: "Ако сите се соблазнат заради Тебе, јас никогаш нема да се соблазнам."
34. Исус му рече: "Bистина ти велам, уште ноќеска трипати ќе се откажеш од Мене пред да пропее петел."
35. Петар Му рече: "Ако треба и да умрам со Тебе, нема да се откажам од Тебе." И сите ученици го рекоа истото.
36. Тогаш Исус дојде со нив на местото што се вика Гетсеманија, и им рече на учениците: "Седете тука додека Јас отидам онаму да се помолам."
37. Ги поведе со себе Петар и двајцата Зебедееви синови, го обзеде тага и се вознемири.
38. Тогаш им рече: "Мојата душа е длабоко натажена, до смрт; останете тука и бдејте со Мене!"
39. И отиде малку потаму и падна ничкум и се помоли, велејќи: "Татко Мој! Ако е можно, нека Ме одмине оваа чаша, но не како што сакам Јас, туку како што сакаш Ти!"
40. И дојде кај учениците, па ги најде како спијат, и му рече на Петар: "Значи така! Не можевте ли ни еден час да бдеете со Мене?
41. Бдејте и молете се, за да не паднете во искушение! Духот е бодар, но телото е немоќно!"
42. И повторно отиде и се помоли, велејќи: "Татко Мој! Ако не може да Ме одмине оваа чаша, да не ја пијам, нека биде Твојата волја."
43. И кога дојде, пак ги најде како спијат, зашто очите им беа натежнале.
44. И пак ги остави и отиде да се помоли, по третпат, и ги изговори истите зборови.
45. Тогаш дојде кај учениците и им рече: "Сè уште ли спиете и почивате. Еве, наближи часот кога Синот Човеков ќе биде предаден во рацете на грешниците.
46. Станете, да си одиме! Ете, наближи Мојот предавник."
47. И додека Тој уште зборуваше, ете, Јуда, еден од дванаесеттемина, дојде со голема толпа, со мечови и тојаги, испратени од првосвештениците и народните старешини.
48. А Неговиот предавник се беше договорил за знакот, велејќи: "Оној Кого ќе Го бакнам - Тој е, Него фатете Го!"
49. И веднаш се приближи до Исус, рече: "Биди поздравен, Учителе!" и срдечно Го бакна.
50. А Исус му рече: "Пријателе, стори го тоа за кое си дојден!" Тогаш пристапија, ставија раце на Исус и Го фатија.
51. И ете, еден од оние кои беа со Исус, извади меч и го удри слугата на врховниот свештеник и му го отсече увото.
52. Тогаш Исус му рече: "Bрати го мечот на своето место, зашто сите што се фаќаат за меч - од меч ќе загинат.
53. Или мислиш дека не можам да Го помолам Мојот Татко да Ми испрати веднаш повеќе од дванаесет легии ангели?
54. Но, како инаку би се исполниле Писмата, кои велат дека вака треба да биде?"
55. Тогаш Исус и се обрати на толпата: "Нагрваливте како на разбојник, со мечови и стапови, за да Ме фатите. Секој ден седев во Храмот и поучував и не Ме фативте.
56. А ова сè се збидна за да се исполнат пророчките Писма." Тогаш сите ученици Го оставија и се разбегаа.
57. Оние што Го фатија Исуса, Го одведоа кај врховниот свештеник Кајафа, каде што беа собрани закониците и старешините.
58. А Петар одеше по Него на растојание, сè до дворот на врховниот свештеник, и откако влезе внатре седна со присутните за да го види крајот.
59. А првосвештениците и целиот Совет бараа лажно сведоштво против Исус, за да Го убијат, но не најдоа,
60. иако дојдоа многу лажни сведоци.
61. Најпосле дојдоа двајца и рекоа: "Овој рече: 'Можам да го разурнам Божјиот Храм и да го изѕидам за три дни.'"
62. Тогаш врховниот свештеник стана и Му рече: "Ништо ли не одговараш? Што сведочат овие против Тебе?"
63. А Исус молчеше. Bрховниот свештеник Му рече: "Те заколнувам во живиот Бог да ни кажеш дали си Ти Христос, Божјиот Син?"
64. Исус изусти: "Ти рече! Но, Јас ви велам: отсега ќе Го гледате Синот Човеков, како седи оддесно на Силата и како доаѓа на небесните облаци."
65. Тогаш врховниот свештеник ја раскина својата облека и рече: "Овој богохули! Зошто ни се потребни уште сведоци? Ете, сега ја чувте хулата.
66. Што мислите?" А тие одговорија, велејќи: "Заслужува смрт!"
67. Тогаш Му плукаа в лице и насилнички Го тепаа,
68. а други му удираа шлаканици, говорејќи: "Проречи ни, Христе, кој Те удри?"
69. А Петар седеше надвор, во дворот, и една слугинка дојде кај него и му рече: "И ти беше со Галилеецот Исус!"
70. А тој се откажа пред сите, велејќи: "Не знам за што зборуваш!"
71. А кога излезе пред главната порта, го виде друга и им рече на оние што беа таму: "И овој беше со Исус од Назарет."
72. Тој повторно се заколна и откажа: "Не го знам Човекот."
73. Малку потоа му се приближија оние што стоеја, и му рекоа на Петар: "Навистина, и ти си од нив, зашто и твојот говор те издава."
74. Тогаш почна да ги колне и да се заколнува: "Не го знам Човекот."
75. И веднаш запеа петел. Петар се сети на зборовите на Исус Кој му ги рече: "Пред да пропее петел, трипати ќе се откажеш од Мене." Потоа излезе надвор и заплака горко.

  Matthew (26/28)