Matthew (25/28)  

1. "Тогаш Небесното царство ќе биде како десетте девици кои ги зедоа своите светилки и тргнаа да го пречекаат младоженецот.
2. Пет од нив беа неразумни, а пет мудри.
3. Зашто неразумните зедоа со себе светилки, но не зедоа масло;
4. а мудрите зедоа масло во садови, заедно со своите светилки.
5. Бидејќи младоженецот се забави, сите ги фати дремка и заспаа.
6. А на полноќ се чу викање: 'Еве го младоженецот, пречекајте го!'
7. Тогаш сите девици станаа и ги приготвија своите светилки.
8. А неразумните им рекоа на мудрите: 'Дајте ни од вашето масло, зашто нашите светилки гаснат.'
9. Но мудрите им одговорија, велејќи им: 'Да не биде малку и за нас и за вас, појдете кај трговците и купете си!'
10. Кога отидоа да купат, младоженецот дојде и подготвените влегоа со него на свадбата, а вратата се затвори.
11. Потоа дојдоа и другите девици и рекоа: 'Господару, Господару, отвори ни!'
12. Но тој им одговори, велејќи им: 'Bистина ви велам - не ве познавам!'
13. А сега, бдејте, зашто не го знаете ни денот ни часот!"
14. "Тоа е како човекот, кој тргнувајќи на пат, ги повика своите слуги и им го предаде својот имот,
15. и на едниот му даде пет таланти, на другиот два, на третиот еден, секому според неговата способност, и отпатува.
16. Оној што ги прими петте таланти, веднаш замина и тргуваше со нив та спечали други пет.
17. Исто така, и оној со двата таланта, спечали други два.
18. А оној кој прими еден, отиде, ископа дупка во земјата и го скри среброто на својот господар.
19. По долго време, дојде господарот на слугите и сакаше да си ја види сметката со нив.
20. Така, кога пристапи оној кој прими пет таланти, донесе други пет таланти и рече: 'Господару, ми даде пет таланти, а еве, јас спечалив и други пет.'
21. Тогаш неговиот господар му рече: 'Арно сторено, добар и верен слуго! Над малку беше верен, ќе те поставам над многу; влези во радоста на својот господар!'
22. А кога пристапи оној кој прими два таланта, рече: 'Господару, ми даде два таланта, а еве, јас спечалив други два.'
23. Тогаш неговиот господар му рече: 'Арно сторено, добар и верен слуго! Над малку беше верен, ќе те поставам над многу; влези во радоста на својот господар!'
24. А кога пристапи оној, кој прими еден талант, рече: 'Господару, знаев дека си строг човек, жнееш каде што не си сеел и собираш каде што не си веел;
25. се исплашив, па отидов и го скрив твојот талант вземи. Еве, ти го твоето!'
26. А неговиот господар одговори, велејќи му: 'Зол и мрзлив слуго, знаеше дека жнеам, каде што не сум сеел и дека собирам каде што не сум веел;
27. затоа требаше да им го дадеш моето сребро на менувачите и јас, по враќањето, ќе го земев моето со добивка.
28. Затоа, одземете му го талантот и дајте му го на оној кој има десет таланти!
29. Зашто секому кој има, ќе му се даде уште и ќе има во изобилство, а оној кој нема, ќе му се одземе и она што го има.
30. А безвредниот слуга фрлете го во крајната темнина, каде што ќе има лелек и чкртање со заби.'"
31. "Кога Синот Човеков ќе дојде во Својата слава и сите ангели со Него, тогаш ќе седне на престолот на славата;
32. и ќе се соберат пред Него сите народи, а Тој ќе ги оддели едни од други, како што пастирот ги одлачува овците од козите.
33. И ќе ги постави овците од својата десна страна, а козите од левата.
34. Тогаш Царот ќе им рече на оние од десната страна: 'Дојдете, благословени од Мојот Татко, наследете го Царството кое ви е подготвено уште од создавањето на светот!
35. Зашто огладнев и Ми дадовте да јадам; ожеднев и Ме напоивте; бев туѓинец и Ме примивте;
36. бев гол и Ме облековте; бев болен и Ме посетивте; бев во зандана и дојдовте кај Мене.'
37. Тогаш праведниците ќе Му одговорат и речат: 'Господи, кога Те видовме гладен и Те нахранивме; или жеден и Те напоивме?
38. Кога Те видовме како туѓинец и Те примивме? Или гол и Те облековме?
39. Кога те видовме болен или в зандана и дојдовме кај Тебе?'
40. А Царот ќе им одговори:'Bистина ви велам, доколку му направивте така на еден од овие Мои најмали браќа, Мене Ми направивте.'
41. Тогаш ќе им рече и на оние од левата страна: 'Одете си од Мене, проклети, во вечниот оган, подготвен за ѓаволот и за неговите ангели!
42. Зашто огладнев и не ми дадовте да јадам; ожеднев и не Ми дадовте да пијам,
43. бев туѓинец и не Ме примивте; бев гол и не Ме облековте; бев болен и в зандана и не Ме посетивте.'
44. Тогаш тие ќе одговорат, велејќи: 'Господи, кога Те видовме гладен, или жеден или како туѓинец, или гол, или болен или в зандана, и не Те послуживме?'
45. Тогаш ќе им одговори: 'Bистина ви велам, доколку не сте му направиле така на еден од овие најмаливе, ни Мене не сте Ми направиле!'
46. И овие ќе отидат во вечна казна, а праведниците во вечен живот.'"

  Matthew (25/28)