Matthew (24/28)  

1. Кога Исус излезе од Храмот, Неговите ученици Му се приближија за да Му ги покажат зградите на Храмот.
2. А Тој им одговори: "Го гледате ли сево ова? Bистина ви велам: нема да остане тука ниту камен на камен што не ќе биде урнат."
3. Кога седеше пак на Маслиновата Гора, Неговите ученици дојдоа кај Него насамо и Му рекоа: "Кажи ни кога ќе биде тоа и кој е знакот на Твоето доаѓање и на крајот на времето?"
4. А Исус одговори, велејќи им: "Гледајте да не ве заведе некој,
5. зашто мнозина ќе дојдат во Мое име, говорејќи: 'Јас Сум Христос' и ќе заведат мнозина.
6. И ќе чуете за војни и гласови за војни. Bнимавајте да не се уплашите; зашто тоа треба да се случи, но тоа уште не е крајот.
7. Зашто ќе се дигне народ против народ и царство против царство, и ќе има глад, помор и земјотреси на разни места.
8. Но сето тоа е само почеток на родилните маки.
9. Тогаш ќе ве предадат на маки и ќе ве убиваат, и сите народи ќе ве замразат заради Моето име.
10. Тогаш мнозина ќе се соблазнат, секој ќе предава секого и секој ќе ги мрази другите;
11. и ќе се јават многу лажни пророци кои ќе заведат мнозина.
12. И заради многуте беззаконија, љубовта ќе олади кај мнозина.
13. А кој ќе издржи докрај, ќе биде спасен.
14. И ова Евангелие за Царството ќе биде проповедано по целиот свет за сведоштво на сите народи, и тогаш ќе дојде крајот."
15. "И така, кога ќе го видите гнасното опустошување, за кое зборуваше пророкот Даниел, како владее на светото место (кој чита - нека разбере!),
16. тогаш жителите на Јудеја нека бегаат по горите;
17. а оној што ќе биде на покрив, нека не слегува да земе нешто од својата куќа;
18. и кој ќе биде в поле, нека не се враќа за да ја земе наметката!
19. Но тешко им на бремените и на доилките во тие денови!
20. Молете се вашето бегство да не биде во зима или во саботен ден,
21. зашто тогаш ќе има големо страдање, какво што не било од создавањето на светот досега, ниту пак ќе биде.
22. И ако не се скратат тие дни, не ќе се спаси ниту еден. Но заради избраните, тие дни ќе бидат скратени.
23. Ако некој ви рече тогаш: 'Еве, Христос е тука' или 'таму е'- не верувајте,
24. зашто ќе се појават лажни христоси и лажни пророци, и ќе прават големи знаци и чуда, за да ги заведат, ако е можно, и избраните.
25. Ете, ви кажав однапред!
26. И така, ако ви речат: 'Ене Го во пустината!' - не излегувајте! 'Ене Го во една од внатрешните соби!' - не верувајте.
27. Зашто, како што молњата излегува од исток и свети до запад, такво ќе биде и доаѓањето на Синот Човеков.
28. Зашто каде што има мрша, таму ќе се собираат мршојадците!"
29. "Bеднаш по страдањата во тие денови, сонцето ќе потемни, месечината нема повеќе да свети, ѕвездите ќе паѓаат од небото и небесните сили ќе се растресат.
30. Е тогаш на небото ќе се јави знакот на Синот Човеков. Тогаш ќе проплачат сите племиња на земјата и ќе Го видат Синот Човеков како доаѓа на небесните облаци, со сила и со голема слава.
31. И Тој ќе ги испрати Своите ангели со силен глас од труба, а тие ќе ги соберат Неговите избраници од четирите ветра, од едниот крај на небото до другиот."
32. "А од смоквата научете ја поуката! Кога нејзината гранка ќе смекне и ќе потераат лисја, знаете дека летото е близу.
33. Така и вие, кога ќе го видите сето тоа, знајте дека е близу, на прагот е!
34. Bистина ви велам, ова поколение нема да мине додека не се збидне сето тоа.
35. Небото и земјата ќе поминат, но Моите зборови нема да поминат."
36. "А за тој ден и час, никој не знае, ни небесните ангели, ни Синот, туку само Таткото.
37. Како што беше во Ноевите денови, така ќе биде и при доаѓањето на Синот Човеков.
38. Зашто, како што во деновите пред потопот јадеа и пиеја, се женеа и мажеа до денот кога Ное влезе во ковчегот,
39. и не сфатија додека не дојде потопот и однесе сè, така ќе биде и при доаѓањето на Синот Човеков.
40. Тогаш двајца ќе бидат на поле - еден ќе биде однесен, а другиот оставен.
41. Две жени ќе мелат на мелница - едната ќе биде однесена, а другата оставена.
42. Затоа, бдејте зашто не знаете кога ќе дојде вашиот Господ!
43. А знајте го ова: ако домаќинот би знаел за време на која ноќна стража ќе дојде крадецот, би бдеел и не би дозволил да му се провали во куќата.
44. Затоа и вие бидете подготвени, зашто Синот Човеков ќе дојде во час кога не се надевате."
45. "И така, кој верен и мудар слуга, господарот не го поставил над слугите свои, за да им дава храна навреме?
46. Блажен е тој слуга, кого неговиот господар, кога ќе дојде, ќе го најде да прави така.
47. Bистина ви велам: ќе го постави над сиот свој имот.
48. Ако пак злиот слуга рече во своето срце: 'Мојот господар ќе се забави долго',
49. па почне да ги тепа своите сослужители, и да јаде и да пие со пијаниците,
50. господарот на тој слуга ќе дојде во ден кога не очекува, и во час што не го знае,
51. па ќе го расчеречи и ќе го стави меѓу лицемерите. Таму ќе има лелек и чкртање со заби."

  Matthew (24/28)