Matthew (23/28)  

1. Тогаш Исус му се обрна на народот и на Своите ученици,
2. велејќи: "На Мојсеевото место седнаа закониците и фарисеите,
3. затоа сè што ќе ви речат извршувајте и внимавајте, но не постапувајте според нивните дела, зашто зборуваат, а не извршуваат!
4. И врзуваат тешки и неподносливи бремиња, и ги ставаат врз плеќите на луѓето, а самите не сакаат ни со прст да ги помрднат.
5. А сите свои дела ги прават за да ги забележат луѓето; затоа ги рашируваат своите молитвеници и ги издолжуваат ресите на наметките;
6. ги сакаат челните места по гоштавките, првите места во синагогите,
7. поздравите на јавните места и милуваат луѓето да ги нарекуваат 'раби'.
8. А вие не нарекувајте се учители, зашто Еден е вашиот Учител, а вие сите сте браќа.
9. И никого на земјата не нарекувајте го 'отец', зашто Еден е вашиот Татко Кој е на небесата.
10. Не нарекувајте се водачи, зашто Еден е вашиот Bодач, Христос.
11. А најголемиот меѓу вас нека ви биде слуга.
12. Кој се воздига себеси, ќе биде понизен, а кој се понизува себеси, ќе биде возвишен.
13. Тешко вам, законици и фарисеи, лицемери, кои го затворате небесното царство пред луѓето, зашто самите не влегувате, ниту ги пуштате внатре оние кои сакаат да влезат.
14. (Тешко вам, законици и фарисеи, лицемери, зашто ги проголтувате домовите на вдовиците, и се престорувате дека се молите долго. Затоа ќе добиете поголема осуда!)
15. Тешко вам, законици и фарисеи, лицемери, кои обиколувате море и копно, за да создадете еден прозелит, и кога ќе стане таков, го правите син на пеколот, двапати полош од вас!
16. Тешко вам, слепи водачи, кои велите: 'Ако некој се заколне во Храмот, не е ништо; ако пак се заколне во храмското злато, тогаш го обврзува заклетвата!'
17. Безумни и слепи! Што е поважно: златото или Храмот што го осветува златото?
18. И: 'Ако некој се заколне во жртвеникот, не е ништо; а ако се заколне во дарот што е врз него, тогаш го обврзува заклетвата.'
19. Слепци! Што е поважно: дарот или жртвеникот што го осветува дарот?
20. И така, кој се колне во жртвеникот, се колне во него и во сè што е врз него.
21. И кој се колне во Храмот, се колне во него и во Оној Кој живее во него.
22. И кој се колне во небото, се колне во Божјиот престол и во Оној Кој седи на него."
23. Тешко вам, законици и фарисеи, лицемери, кои давате десеток од нане, копар и ким, а го запоставувате поважното во Законот: правдата, милоста и верноста. Ова требаше да го правите, а она да не го запоставувате!
24. Слепи водачи, кои ја цедите вошката, а ја проголтувате камилата.
25. Тешко вам, законици и фарисеи, лицемери, кои ја чистите надворешноста на чашата и садот, а внатре сте полни со грабеж и лакомост!
26. Слеп фарисеју! Исчисти ја најпрвин внатрешноста на чашата и садот, за да им биде чиста и надворешноста!
27. Тешко вам, законици и фарисеи, лицемери, зашто прилегате на варосани гробови, што однадвор изгледаат убаво, а внатре се полни со мртовечки коски и секаква нечистотија!
28. Така и вие однадвор им се покажувате праведни на луѓето, а внатре сте полни со лицемерство и беззаконие.
29. Тешко вам, законици и фарисеи, лицемери, кои им градите гробови на пророците и им ги украсувате спомениците на праведните,
30. и велите: 'Ако живеевме во деновите на нашите татковци, не ќе бевме нивни соучесници во крвта на пророците.'
31. Така сведочите за себе, дека сте синови на оние кои ги убија пророците.
32. И вие ја дополнивте мерата на вашите татковци!
33. Змии, змиски породи! Како ќе и избегнете на пресудата на пеколот?
34. Затоа, еве, Јас ви праќам пророци, мудреци и законици. Од нив едните ќе ги убиете и распнете, а другите ќе ги камшикувате во вашите синагоги и ќе ги прогонувате од град до град,
35. та врз вас да дојде сета праведна крв, пролеана на земјата, од крвта на праведниот Авел до крвта на Захариј, синот на Барах, кого го убивте меѓу Храмот и жртвеникот.
36. Bистина ви велам, сето тоа ќе падне врз ова поколение."
37. "О, Ерусалиме! Ерусалиме, ти што ги убиваш пророците и што ги каменуваш испратените кај тебе! Колкупати сакав да ги соберам твоите деца, како што квачката ги собира своите пилиња под крилата, но не сакавте!
38. Еве, пуст ви останува вашиот дом!
39. Зашто ви велам: отсега нема да Ме видите додека не речете: 'Благословен е Оној Кој доаѓа во Господовото име!'"

  Matthew (23/28)