Matthew (21/28)  

1. И кога наближија до Ерусалим и дојдоа во Бетфага, кај Маслиновата Гора, Исус испрати двајца ученици, велејќи им:
2. "Појдете во селото што е пред вас и таму ќе најдете врзана магарица и магаренце со неа. Одврзете ги и доведете Ми ги!
3. А ако некој ви рече нешто, кажете му: 'Потребни Му се на Господ', и веднаш ќе ги пушти."
4. А тоа стана, за да се исполни кажаното преку пророкот кој вели:
5. "Кажете и на Сионската ќерка: 'Еве, твојот Цар доаѓа кај тебе, кроток, јавајќи на магаренце, младо од магарица!"
6. Учениците отидоа и сторија како што им заповеда Исус.
7. Ги дотераа магарицата и магаренцето, ги ставија врз нив своите наметки, и Тој седна над нив.
8. Мнозинството од народот ги постилаа своите облеки по патот, а други сечеа гранки од дрвјата и ги постилаа по патот.
9. А врволицата, која одеше пред Него и по Него извикуваше, велејќи: "Осана на Давидовиот Син! Благословен е Тој кој доаѓа во Господово име! Осана во висините!"
10. И кога влезе во Ерусалим, целиот град се раздвижи, говорејќи: "Кој е Овој?"
11. А народот одговараше: "Овој е Пророкот Исус, од Назарет во Галилеја."
12. Тогаш Исус влезе во Храмот и ги истера сите што купуваа и продаваа во Храмот, па им ги преврте масите на менувачите на пари и тезгите на продавачите на гулаби,
13. и им рече: "Напишано е: 'Мојот Дом ќе биде наречен Дом на молитва', а вие го направивте разбојничко дувло."
14. И Му пристапија слепи и сакати, во Храмот, и Тој ги исцели.
15. А кога првосвештениците и закониците ги видоа чудата што ги направи, и децата кои викаа во Храмот: "Осана на Давидовиот Син!", се налутија
16. и Му рекоа: "Слушаш ли што зборуваат овие?" А Исус им рече: "Да, зар не сте прочитале никогаш: 'Од устата на децата и доенчињата Си приготви пофалба?'",
17. па ги остави и замина од градот во Бетанија и таму преноќи.
18. Утредента кога се враќаше во градот огладне.
19. И кога виде смоква крај патот, отиде до неа, но не најде ништо на неа, освен лисјата, и и рече: "Отсега да немаш плод довека!" И смоквата веднаш се исуши.
20. А кога учениците го видоа тоа, се зачудија и рекоа: "Како се исуши смоквата веднаш?"
21. Исус одговори, велејќи: "Bистина ви велам, ако имате вера и не се посомневате, ќе го правите не само тоа што и се случи на смоквата, туку ако и речете на оваа гора: 'Дигни се оттука и фрли се во морето!' ќе стане така,
22. и сè што ќе побарате во молитва, со вера, ќе добиете."
23. Кога дојде Исус во Храмот, додека поучуваше Му пристапија првосвештениците и народните старешини, велејќи: "Со каква власт го правиш тоа? И кој Ти ја даде таа власт?"
24. А Исус во одговор им рече: "И Јас ќе ве прашам нешто, па ако ми кажете, и Јас ќе ви кажам со каква власт го правам ова.
25. Од каде беше Јовановото крштавање? Од небото или од луѓето?" А тие размислуваа во себе, велејќи: "Ако речеме 'од небото', ќе ни рече: 'Зошто тогаш не му поверувавте?'
26. А ако речеме: 'од луѓето' се плашиме од народот, зашто сите го сметаат Јован за пророк."
27. И во одговор Му рекоа: "Не знаеме!" И Тој им рече: "Ни Јас нема да ви кажам со каква власт го вршам ова."
28. "И, што мислите за ова? Еден човек имаше два сина, па отиде кај првиот и му рече: 'Синко, појди на лозје и работи денес таму!'
29. Тој одговори, велејќи: 'Ќе појдам господару', но не отиде.
30. Потоа дојде кај вториот и му го рече истото. А тој одговори и рече: 'Не одам!', но потоа се покаја и отиде.
31. Кој од двајцата ја исполни татковата волја?" Тие рекоа: "Bториот!" Исус им рече: "Bистина ви велам, даночниците и блудниците пред вас ќе влезат во Божјото царство.
32. Зашто, Јован дојде кај вас по патот на праведноста - и не му поверувавте, а даночниците и блудниците му поверуваа; вие видовте, но подоцна не се покајавте, за да му поверувате."
33. "Чујте една друга споредба! Беше еден домаќин кој насади лозје, го загради со плот, и ископа во него гмечало за грозје; изгради кула, им го даде под наем на лозарите и си замина на пат.
34. А кога наближи времето за грозјебрање, ги прати своите слуги кај лозарите, за да го приберат родот.
35. А лозарите ги фатија неговите слуги и едниот го натепаа, другиот го убија, а третиот го каменуваа.
36. Тој пак испрати други слуги, повеќе од првите, но и со нив постапија исто.
37. Најпосле кај нив го испрати својот син, велејќи: "Ќе се засрамат од мојот син!"
38. Но кога лозарите го видоа синот, си рекоа меѓу себе: "Овој е наследникот! Ајде да го убиеме и да го присвоиме неговото наследство!"
39. И го фатија, го исфрлија од лозјето и го убија.
40. Кога ќе дојде господарот на лозјето, што ќе им стори на лозарите?"
41. Тие Му одговорија: "Тие злосторници страшно ќе завршат, а лозјето ќе им го даде под наем на други лозари, кои ќе му ги даваат плодовите навреме."
42. Исус им рече: "Зар не сте прочитале никогаш во Писмата: 'Каменот што го отфрлија ѕидарите, стана темелен камен. Од Господ е тоа, и чудесно е во нашите очи?"
43. Затоа ви велам дека ќе ви биде одземено Божјото царство и ќе му биде дадено на народ, кој ќе ги донесува плодовите на Царството!
44. И кој ќе падне врз тој камен - ќе се распарчи, а врз кого ќе падне тој - ќе го смачка. "
45. Кога првосвештениците и фарисеите ги чуја овие Негови споредби, сфатија дека зборува за нив,
46. и гледаа да Го фатат, но се плашеа од народот, зашто народот Го сметаше за пророк.

  Matthew (21/28)