Matthew (20/28)  

1. "Зашто небесното царство прилега на човек, домаќин, кој излезе рано наутро да фати аргати за на лозје.
2. И откако се погоди со работниците по денариј на ден, ги испрати во своето лозје.
3. А кога излезе пак околу третиот час, виде други како стојат на пазарот, без работа,
4. и им рече: "Појдете и вие во моето лозје, па колку ќе чини ќе ви дадам!"
5. И тие отидоа. А кога пак излезе околу шестиот и деветтиот час го направи истото.
6. А околу единаесеттиот час пак излезе и најде други, како стојат, и им рече: "Зошто стоите тука цел ден без работа?"
7. Му рекоа: "Никој не нè зеде на работа." Тој им рече: "Појдете и вие во моето лозје."
8. Кога се свечери, господарот на лозјето му рече на својот управител: "Повикај ги работниците и плати им, почнувајќи од последните, па до првите!"
9. И така, дојдените околу единаесеттиот час примија по денариј.
10. Кога дојдоа првите, помислија дека ќе примат повеќе, но и тие примија по денариј.
11. Штом го примија, мрмореа против домаќинот, велејќи:
12. "Последниве работеа еден час, а ти ги спореди со нас, кои ги претрпевме мачнотиите на денот и жегата."
13. А тој му одговори на еден од нив, велејќи: "Пријателе, не ти чинам неправда; зар не се погоди со мене за денариј?
14. Земи си го своето и оди си; а јас сакам на последниов да му дадам колку и на тебе.
15. Зар немам право со своето да правам што сакам? Или твоето око е зло, зашто сум добар?"
16. Така, последните ќе бидат први, а првите - последни."
17. Кога Исус се искачуваше кон Ерусалим, ги зеде дванаесеттемина насамо и по пат им рече:
18. "Еве, се искачуваме кон Ерусалим, а Синот Човеков ќе им биде предаден на првосвештениците и закониците, кои ќе Го осудат на смрт,
19. и ќе им Го предадат на неевреите, за да Му се ругаат, да Го камшикуваат и да Го распнат. Но на третиот ден ќе воскресне."
20. Тогаш мајката на синовите Зебедееви Му пристапи заедно со своите синови, поклонувајќи Му се, за да измоли нешто од Него.
21. А Тој и рече: "Што сакаш?" Му одговори: "Заповедај двајцава мои синови да седнат, едниот од Твојата десна, а другиот од Твојата лева страна, во Твоето царство!"
22. А Исус одговори, велејќи: "Не знаете што барате! Можете ли да ја испиете чашата што ќе ја испијам Јас." Тие Му рекоа: "Можеме."
23. Им рече: "Мојата чаша ќе ја испиете; но да Ми седнете оддесно или одлево, за тоа не решавам Јас, туку ќе им припадне на оние, за кои Мојот Татко го приготвил."
24. И кога го чуја тоа десеттемина, им се налутија на двајцата браќа.
25. А Исус ги повика и рече: "Знаете дека владетелите господарат над своите народи и дека големците владеат со нив.
26. Меѓу вас нека не биде така! Туку, оној што сака да биде најголем меѓу вас, нека ви служи!
27. И кој сака да биде прв меѓу вас, нека ви биде слуга,
28. така како што Синот Човеков не дојде да Му служат, туку да служи, и да ја даде Својата душа за откуп на мнозина."
29. А додека излегуваа од Ерихон, многу народ тргна по Него.
30. И ете, двајца слепи, седејќи крај патот, чуја дека Исус минува, и викаа велејќи: "Господи, Сине Давидов, смилувај ни се!"
31. Народот ги прекори да молкнат, а тие викаа уште погласно: "Господи, Сине Давидов, смилувај ни се!"
32. И Исус застана, ги повика и рече: "Што сакате да сторам за вас?"
33. Тие Му рекоа: "Господи, да ни се отворат очиве!"
34. Исус се сожали, им ги допре очите и веднаш прогледаа и тргнаа по Него.

  Matthew (20/28)