Matthew (2/28)  

1. А кога Исус се роди во Bитлеем, во Јудеја, во деновите на царот Ирод, ете, мудреци од исток пристигнаа во Ерусалим,
2. и рекоа: "Каде е Тој кој се родил како Цар на Евреите? Зашто ја видовме Неговата ѕвезда на исток и дојдовме да Му се поклониме."
3. Кога го чу тоа, царот Ирод се вознемири, и целиот Ерусалим со него.
4. И ги собра сите првосвештеници и закониците од народот, па ги распрашуваше каде треба да се роди Христос.
5. А тие му рекоа: "Bо Bитлеем, во Јудеја, зашто така е напишано од пророкот:
6. 'И ти, Bитлееме, земјо Јудина, никако не си помал меѓу првенците Јудини, зашто од тебе ќе излезе Bладетел, Кој ќе го води Мојот народ Израел.'"
7. Тогаш Ирод ги повика тајно мудреците и внимателно го дозна од нив времето кога се појавила ѕвездата,
8. и испраќајќи ги во Bитлеем им рече: "Отидете и распрашајте се точно за Детето, а кога ќе Го најдете, јавете ми за да дојдам и јас да Му се поклонам."
9. Откако го ислушаа царот, тие тргнаа, и ете, ѕвездата што ја видоа на исток, одеше пред нив додека не дојде и не застана над местото каде што се наоѓаше Детето.
10. И кога ја видоа ѕвездата, многу се зарадуваа.
11. Кога влегоа во куќата, го видоа Детето со мајка Му Марија, паднаа ничкум и Му оддадоа чест; ги отворија своите ковчежиња и Му принесоа дарови: злато, темјан и смирна.
12. И откако насон беа предупредени од Бог, да не се враќаат кај Ирод, по друг пат заминаа кон својата земја.
13. А кога си отидоа тие, ете, Господов ангел му се јави на Јосиф насон и му рече: "Стани, земи Го Детето и мајка Му, бегај во Египет, и остани таму додека не ти јавам, зашто Ирод ќе Го бара Детето за да Го погуби."
14. И тој стана, ги зеде ноќе Детето и мајка Му, и замина за Египет.
15. Таму беше сè до Иродовата смрт, за да се исполни реченото од Господ преку пророкот кој вели: "Од Египет Го повикав Својот Син."
16. Тогаш Ирод, кога виде дека е измамен од мудреците, се разгневи многу, па нареди и ги закла, во Bитлеем и во целата негова околина, сите машки деца од две години и помали, според времето што точно го дозна од мудреците.
17. Така се исполни реченото од пророкот Јеремија кој рече:
18. "Пискотници се слушаат во Рама, лелек и голема тага; Рахела ги оплакува своите деца, и не сака да се утеши, зашто ги нема веќе."
19. А кога умре Ирод, ете, Господов ангел му се јави на Јосиф насон, во Египет,
20. и му рече: "Стани, земи Го Детето и мајка Му и оди во земјата израелска, зашто умреа оние кои ја бараа душата на Детето."
21. И тој стана, го зеде Детето и мајка Му, и дојде во земјата израелска.
22. Но кога чу дека во Јудеја царува Архелај, наместо татко му Ирод, се уплаши да отиде таму; та предупреден насон, замина во галилејските предели;
23. и откако дојде, се насели во градот наречен Назарет, за да се исполни реченото од пророците: 'Ќе се вика Назареќанец'.

  Matthew (2/28)