Matthew (18/28)  

1. Bо тој час учениците дојдоа кај Исус и го прашаа: "Кој е, всушност, најголем во небесното царство?"
2. А Тој викна едно дете кај Себе, го постави сред нив
3. и рече: "Bистина ви велам, ако не се преобратите и станете како деца, нема да влезете во небесното царство.
4. И затоа, секој што ќе се понизи себеси како ова дете, ќе биде поголем во небесното царство.
5. И секој кој прима такво дете во Мое име, Мене Ме прима."
6. "А кој ќе наведе на грев едно од овие мали кои веруваат во Мене, за него поарно е да му се обеси воденички камен на вратот и да потоне во морската длабочина.
7. Тешко му на светот од соблазни! Зашто неизбежно е соблазните да дојдат, но тешко му на оној човек, преку кого ќе дојдат соблазните!
8. Ако твојата рака или твојата нога те наведува на грев, отсечи ја и фрли ја од себе; подобро е за тебе да влезеш во животот осакатен и куц, отколку имајќи две раце или две нозе да бидеш фрлен во вечниот оган.
9. И ако те наведува на грев твоето око, извади го и фрли го; подобро е за тебе да влезеш во животот со едно око, отколку имајќи две очи да бидеш фрлен во огнениот пекол."
10. "Гледајте да не презрете некое од малечкиве; зашто ви велам дека нивните ангели на небесата постојано Го гледаат лицето на Мојот Татко, Кој е на небесата.
11. Зашто Синот Човеков дојде да го спаси она што е изгубено.
12. Што мислите? Ако некој човек има сто овци и едната од нив скитне, не ќе ги остави ли деведесет и деветте во планините и не ќе ли ја бара заскитаната?
13. И ако се случи да ја најде, вистина ви велам дека ќе и се радува повеќе отколку на деведесет и деветте што не скитнале.
14. Па така, не е волјата на вашиот Татко Кој е на небесата да загине ни едно од малечкиве."
15. „Ако ти згреши брат ти, појди и искарај го насамо. Ако те послуша, си го придобил брата си.
16. Ако пак не те послуша, земи со себе уште еден или двајца, па од устата на двајца или тројца сведоци нека се потврди секој збор.
17. А ако не ги послуша нив, кажи и на црквата; па ако не ја послуша и црквата, нека ти биде како неверник и како даночник.
18. Bистина ви велам, сè што ќе сврзете на земјата, ќе биде сврзано на небото и сè што ќе разврзете на земјата, ќе биде разврзано на небото.
19. Пак, ви велам: ако двајца од вас сложно побараат што-годе на земјата, ќе им биде дадено од Мојот Татко, Кој е на небесата.
20. Зашто каде што се двајца или тројца собрани во Мое име, таму Сум и Јас меѓу нив."
21. Тогаш Петар пристапи и Му рече: "Господи, колку пати да му простам на брата си кој греши против мене? Дали до седумпати?"
22. Исус му рече: "Не ти велам до седумпати, туку до седумдесет пати по седум."
23. Затоа небесното царство прилега на некојси цар, кој сакал да си ги расчисти сметките со своите слуги,
24. а кога почна да ги расчистува, кај него беше доведен еден, кој му должеше десет илјади таланти.
25. И бидејќи немаше како да ги врати, господарот заповеда да го продадат него, неговата жена и децата, и сè што имаше, за да наплати.
26. Тогаш слугата клекна и му се поклонуваше, велејќи: 'Господару, имај трпение спрема мене и сè ќе ти исплатам.'
27. И поттикнат од сожаление, господарот се смилува на слугата, го пушти, и му го прости долгот.
28. Но штом слугата излезе, и најде еден од своите сослужители, кој му должеше сто денарии, фати да го дави, велејќи му: 'Bрати ми го долгот.'
29. Тогаш сослужителот падна пред неговите нозете и го молеше, велејќи: 'Имај трпение спрема мене, и сè ќе ти исплатам.'
30. Но тој не сакаше, туку отиде и го фрли в зандана, додека не му го исплати долгот.
31. А кога неговите сослужители видоа што се случи, мошне многу се нажалија и отидоа та му кажаа на својот господар сè што се случи.
32. Тогаш господарот го повика и му рече: 'Пакосен слуго! Ти го простив сиот долг, зашто ме преколнуваше.
33. Не требаше ли и ти да му се смилуваш на твојот сослужител, како што и јас ти се смилував тебе?"
34. И неговиот господар се разгневи и им го предаде на мачителите, сè додека не му исплати сè што му должеше.
35. Така и Мојот небесен Татко ќе ви стори вам, ако секој од вас не му прости од срце на својот брат."

  Matthew (18/28)