Matthew (17/28)  

1. По шест дни Исус ги зеде со Себе Петар, Јаков и неговиот брат Јован и ги изведе на висока гора, насамо.
2. И се преобрази пред нив, лицето Му болсна како сонцето, а Неговата облека стана бела како светлина.
3. И ете, им се јавија Мојсеј и Илија, и разговараа со Него.
4. А Петар одговори и Му рече на Исус: "Господи, убаво ни е тука; ако сакаш ќе направам три сеници: една за Тебе, една за Мојсеј и една за Илија."
5. Додека тој уште зборуваше, ете, ги засени светол облак, а глас од облакот велеше: "Овој е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја; слушајте Го Него!"
6. А кога учениците го чуја тоа, паднаа ничкум и многу се исплашија.
7. Исус се приближи до нив, ги допре и им рече: "Станете и не бојте се!"
8. А кога ги подигнаа своите очи, не видоа никого, туку само Исуса.
9. Додека слегуваа од гората, Исус им заповеда, велејќи: "Не кажувајте му никому за ова видение, додека Синот Човеков не воскресне од мртвите."
10. А учениците Го прашаа, говорејќи: "Зошто тогаш закониците велат дека најнапред мора да дојде Илија?"
11. А Тој им одговори, велејќи: "Навистина прво треба да дојде Илија и сè да возобнови.
12. Но, ви велам, дека Илија веќе дојде и не го препознаа, туку со него направија сè што сакаа. Така и Синот Човеков ќе пострада од нив."
13. Тогаш учениците разбраа дека им зборуваше за Јован Крстителот.
14. Кога дојдоа кај народот, еден човек Му пристапи, падна на колена пред Него и рече:
15. "Господи, смилувај му се на мојот син, зашто е месечар и се мачи многу, честопати паѓа во огнот и често во водата.
16. Го доведов кај Твоите ученици, а тие не можеа да го исцелат."
17. Исус му одговори и рече: "О, неверен и опак роде! До кога ќе бидам со вас? До кога ќе ве трпам? Доведете Ми го тука."
18. И Исус го прекори, а демонот излезе од него, и момчето вчасум беше исцелено.
19. Тогаш учениците дојдоа кај Исус насамо и рекоа: "Зошто ние не можевме да го истераме?"
20. А Тој им рече: "Заради вашето неверие; зашто, вистина ви велам, ако имате вера колку синапово зрно, ќе и речете на оваа гора: 'Премести се оттука таму!', и ќе се премести. Ништо не ќе ви биде невозможно.
21. А овој вид не излегува инаку туку преку молитва и пост."
22. Додека беа собрани заедно во Галилеја, Исус им рече: "Синот Човеков ќе биде предаден во човечки раце,
23. ќе Го убијат и на третиот ден ќе воскресне." А тие многу се нажалија.
24. Кога дојдоа во Капернаум, собирачите на дводрахми, Храмовиот данок, му пристапија на Петар и му рекоа: "Зарем вашиот Учител не дава дводрахми?"
25. Тој рече: "Дава." И кога влезе во куќата, Исус го испревари, велејќи: "Што мислиш, Симоне, земните цареви од кого земаат царина или данок, од своите синови или од туѓите?"
26. Откако Петар Му рече: "Од туѓите," Исус му рече: "Значи, синовите се слободни.
27. Но за да не ги навредиме, оди до морето, фрли јадица и земи ја првата риба што ќе ја фатиш, а кога ќе и ја отвориш устата ќе најдеш статир. Земи го и дај им го за тебе и за Мене."

  Matthew (17/28)