Matthew (16/28)  

1. Дојдоа фарисеите и садукеите и, искушувајќи Го, побараа да им покаже знак од небото.
2. Но Тој одговори, велејќи им: "Кога се свечерува, велите: 'Ќе биде ведро, зашто небото е црвено',
3. а наутро: 'Денес ќе има невреме, зашто небото е црвено и стушено.' Навистина знаете да го разликувате изгледот на небото, а знаците на времињата не можете!
4. Злото и прељубничкото поколение бара знак, но нема да му биде даден друг знак, освен знакот на пророкот Јона." Та ги остави и си замина.
5. Неговите ученици преминаа на другата страна и заборавија да земат леб.
6. А Исус им рече: "Bнимавајте и чувајте се од фарисејскиот и садукејскиот квас!"
7. А тие расправаа меѓу себе, велејќи: "Ова го вели зашто не зедовме леб."
8. А Исус знаејќи го тоа, им рече: "Маловерни, зошто расправате меѓу себе оти не зедовте леб?
9. Уште ли не сфативте и не помните ли за петте лебови на пет илјади души и колку кошеви собравте?
10. Ни за седумте лебови на четири илјади души и колку кошеви собравте?
11. Како не можете да разберете дека не ви зборувам за леб? Туку чувајте се од фарисејскиот и садукејскиот квас!"
12. Тогаш сфатија дека не им рече да се чуваат од лебниот квас, туку од фарисејското и садукејското учење.
13. А кога Исус дојде во околината на Цезареја Вилипова, ги праша учениците и рече: "Што велат луѓето за Мене, Кој е Синот Човеков?"
14. А тие рекоа: "Едни велат дека си Јован Крстителот, други дека си Илија, а трети пак дека си Еремија или еден од пророците."
15. Тој им рече: "А вие што велите, Кој Сум Јас?"
16. Одговори Симон Петар и рече: "Ти си Христос, Синот на живиот Бог."
17. Исус одговори, велејќи: "Блажен си Симоне, сине Јонин, зашто тоа не ти го открија телото и крвта, туку Мојот Татко, Кој е на небесата.
18. А Јас пак ти велам дека си Петар, и на таа карпа ќе ја изградам Мојата црква и портите на Адот нема да ја надвладеат.
19. И ќе ти ги дадам клучевите на небесното царство, па сè што ќе сврзеш на земјата, ќе биде сврзано на небото, и што ќе разврзеш на земјата, ќе биде разврзано на небото."
20. Тогаш ги предупреди Своите ученици да не кажуваат никому дека Тој е Христос.
21. Оттогаш Исус почна да им кажува на Своите ученици дека мора да замине за Ерусалим и многу да пострада од старешините, првосвештениците и закониците, да биде убиен и на третиот ден да воскресне.
22. А Петар Го тргна настрана и почна да Го прекорува, велејќи: "Не дај Боже, Господи; тоа никогаш нема да Ти се случи!"
23. А Тој се обѕрна и му рече на Петар: "Тргни се зад Мене, сатано! Ти си Ми соблазнив, зашто не ти е на ум она што е Божјо, туку она што е човечко."
24. Тогаш Исус им рече на Своите ученици: "Ако некој сака да тргне по Мене, нека се откаже од себеси, нека го земе својот крст и нека Ме следи.
25. Зашто, кој сака да ја спаси својата душа, ќе ја загуби, а кој ќе ја загуби својата душа заради Мене, ќе ја најде.
26. Зашто, каква полза ќе има човекот ако го придобие целиот свет, а ја загуби својата душа? Или што ќе даде човек во замена за својата душа?
27. Зашто Синот Човеков ќе дојде во славата на Својот Татко, со Своите ангели и тогаш секому ќе му возврати според неговите дела.
28. Bистина ви велам дека меѓу овие што стојат тука, има некои кои нема да вкусат смрт додека не Го видат Синот Човеков како доаѓа во Своето царство."

  Matthew (16/28)