Matthew (13/28)  

1. Тој ден Исус излезе од куќата и седна крај морето.
2. И многу народ се собра околу Него, така што Тој влезе во кораб и седна, а луѓето стоеја на брегот.
3. Им говореше за многу нешта во споредби, велејќи: "Ете, сејач излезе да сее,
4. и кога сееше, некои зрна паднаа крај патот, птици дојдоа и ги исколваа.
5. Други паднаа на карпести места, каде што немаше многу земја и набргу никнаа, зашто немаше длабока земја.
6. А кога изгреа сонцето изгореа, и бидејќи немаа корен се исушија.
7. Други паднаа меѓу трње, а трњето израсна и ги задуши.
8. Некои паднаа на добра земја и дадоа плодови: едно стократен, друго шеесет, а трето триесет.
9. Кој има уши нека чуе!"
10. Учениците Му се приближија и Му рекоа: "Зошто им зборуваш во споредби?"
11. А Тој им одговори, велејќи: "Затоа што вам ви е дадено да ги знаете тајните на небесното царство, а ним не им е дадено.
12. Зашто кој има, ќе му се даде и ќе има изобилство; а кој нема, ќе му се одземе и она што го има.
13. Затоа им зборувам во споредби, зашто гледаат, а не можат да видат и слушаат, а не можат да чујат, ниту пак разбираат.
14. И врз нив се исполнува пророштвото на Исаија, кое вели: 'Ќе слушате и нема да разберете; ќе гледате и нема да распознаете.
15. Зашто срцето на овие луѓе отапело; и со ушите одвај слушаат, ги затвориле очите; за да не гледаат со нив, ниту да слушаат со ушите, и да разберат со срцето и да се обратат, за Јас да ги исцелам.'
16. Но блажени се вашите очи, бидејќи гледаат и вашите уши, бидејќи слушаат.
17. Зашто вистина ви велам дека многу пророци и праведници посакуваа да го видат ова што го гледате вие, а не го видоа; и да го слушнат она што го слушате вие, а не го слушнаа."
18. "Затоа, чујте ја споредбата за сејачот.
19. Кога некој го слуша словото за царството, а не го разбира, тогаш доаѓа лукавиот и го граба тоа што е посеано во неговото срце; тоа е она што е посеано крај патот.
20. А посеаното на карпести места е оној што го слуша словото и веднаш го прима со радост,
21. но нема корен во себе и привремен е, а кога ќе настане невола или прогонство заради словото, веднаш се откажува.
22. А посеаното меѓу трње е оној кој го слуша словото, но грижите за светов и измамливото богатство го задушуваат словото и станува неплоден.
23. Додека посеаното на добра земја е оној кој го слуша словото и го разбира; тој кој навистина раѓа плод и донесува: еден - сто, друг - шеесет, а трет - триесет."
24. Им претстави и друга споредба, велејќи: "Небесното царство прилега на човек кој посеал добро семе на својата нива.
25. Но, кога луѓето спиеле, дошол неговиот непријател и посеал какол меѓу пченицата и си отишол.
26. А кога посевот порасна и донесе плод, тогаш се покажа и каколот.
27. Слугите на домаќинот пристапија и му рекоа: 'Господару, зар не посеа добро семе на својата нива? Тогаш, од каде е каколот?'
28. А тој им рече: 'Човек непријател го направи тоа.' Слугите пак му рекоа: 'Сакаш ли тогаш да одиме и да го исплевиме?'
29. А тој рече: 'Не, да не би собирајќи го каколот да ја откорнете со него и пченицата.
30. Оставете ги нека растат двете заедно до жетвата. А за време на жетвата ќе им кажам на жетварите: 'Соберете го најнапред каколот и врзете го во снопови, за горење, а житото приберете го во мојот амбар'."
31. И друга споредба им претстави, велејќи: "Небесното царство прилега на синапово зрно, кое човек го зема и го сее на својата нива;
32. тоа е навистина најмало од сите семиња, но кога ќе порасне, поголемо е од сите градинарски растенија и станува дрво, па небесните птици доаѓаат и си прават гнезда на неговите гранки."
33. Друга споредба им кажа: "Небесното царство е слично на квас што го зема жена и го става во три мери брашно, сè додека не скисне сето."
34. Сето ова Исус му го кажа на народот во споредби и без споредби ништо не говореше;
35. за да се исполни реченото преку пророкот, кој вели: "Ќе им зборувам во споредби; ќе го објавам скриеното од настанувањето на светот."
36. Тогаш го отпушти народот и влезе во куќата. А Неговите ученици дојдоа кај Него и рекоа: "Објасни ни ја споредбата за каколот на нивата."
37. А Тој им одговори, велејќи: "Сејачот на доброто семе е Синот Човеков.
38. Нивата е светот, доброто семе, тоа се синовите на Царството, а каколот се синовите на злиот,
39. а непријателот што го посеа, е ѓаволот. Жетвата е крајот на времето, а жетварите се ангели.
40. Како што каколот се собира и се гори в оган, така ќе биде и при крајот на времето.
41. Синот Човеков ќе ги испрати Своите ангели. Тие ќе го соберат од Неговото царство сето она што наведува на грев и оние кои вршат беззаконие
42. и ќе ги фрлат во огнената печка; таму ќе има лелек и чкртање со заби.
43. Тогаш праведниците ќе болскотат како сонце во царството на својот Татко. Кој има уши, нека чуе!"
44. "Небесното царство прилега на богатство скриено во нива, кое човекот го нашол и го скрил, па од преголема радост оди и продава сè што има, и ја купува нивата."
45. "Небесното царство прилега и на трговец кој бара убави бисери.
46. А кога ќе најде еден скапоцен бисер, оди и продава сè што има, и го купува."
47. "Небесното царство прилега уште и на мрежа фрлена во морето, која собира риби од секаков вид.
48. Кога ќе се наполни, ја извлекуваат на брегот и седнуваат, па ги собираат добрите во садови, а лошите ги фрлаат.
49. Така ќе биде и на крајот на времето; ангелите ќе излезат и ќе ги издвојат злите од праведните,
50. и ќе ги фрлат во огнена печка; таму ќе има лелек и чкртање со заби."
51. Исус им рече: "Дали го разбравте сето ова?" А тие Му рекоа: "Да, Господи!"
52. А Тој им рече: "Затоа секој законик, кој станал ученик на небесното царство, прилега на домаќин кој од својата ризница го изнесува новото и старото."
53. А кога Исус заврши со споредбите, замина оттаму.
54. И откако дојде во своето родно место, ги поучуваше во нивните синагоги, а тие се чудеа и зборуваа: "Од каде Му се на Овој оваа мудрост и моќни дела?
55. Не е ли овој синот на дрводелецот? Мајка Му не ли се вика Марија, а Неговите браќа: Јаков, Јосиф, Симон и Јуда?
56. И сите Негови сестри не се ли кај нас? Од каде Му е тогаш на Овој сето тоа?"
57. И се соблазнија од Него. А Исус им рече: "Пророкот не е без чест, освен во својот роден крај и во својот дом."
58. И не направи таму многу моќни дела, поради нивното неверување.

  Matthew (13/28)