Matthew (12/28)  

1. Bо тоа време, Исус минуваше низ посевите во саботен ден; а Неговите ученици огладнеа и почнаа да кинат класје и да јадат.
2. А фарисеите штом го видоа тоа, Му рекоа: "Гледај, Твоите ученици го прават она што не е дозволено да се прави во саботен ден."
3. А Тој им рече: "Зар не сте читале што стори Давид, кога огладне тој и оние кои беа со него?
4. Како влезе во Божјиот дом и го изеде изложениот леб, што не смееја да го јадат ни тој, ни неговите другари, туку само свештениците?
5. Или, зар не сте читале во Законот дека свештениците, во саботните денови во Храмот ја осквернуваат саботата и не се виновни?
6. Но Јас ви велам дека еден Поголем од Храмот е тука.
7. Ако знаевте што значи: 'Милост сакам, а не жртва', немаше да ги осудите невините,
8. зашто Синот Човеков е Господар на саботниот ден."
9. А кога си замина оттаму, дојде во нивната синагога.
10. И ете, таму имаше еден човек со исушена рака и, за да Го обвинат, го прашаа велејќи му: "Дозволено ли е да се исцелува во саботен ден?"
11. А Тој им рече: "Кој од вас, ако има една овца, и таа падне во саботен ден во јама, не ќе ја фати и извади?
12. А колку поскап е човекот од овцата. Затоа, дозволено е да се прави добро во саботен ден."
13. Тогаш му рече на човекот: "Протегни ја раката!" Тој ја протегна и таа стана здрава како и другата.
14. А фарисеите излегоа надвор и се советуваа против Него како да Го погубат.
15. Но знаејќи го тоа, Исус си замина оттаму; а мнозина Го следеа и ги исцели сите,
16. но ги предупреди да не разгласуваат за Него,
17. за да се исполни кажаното преку пророкот Исаија, кој рече:
18. "Еве Го Мојот слуга, Кого Го избрав; Мојот возљубен, во Кого мојата душа е задоволна. Ќе Го положам Мојот Дух на Него, а Тој ќе им објави суд на народите.
19. Нема да се препира, ниту ќе вика, ниту некој ќе го чуе Неговиот глас по улиците.
20. Нема да докрши поткршена трска, ниту ќе угасне фитил што тлее, додека не го изведе судот до победа.
21. А народите ќе се надеваат во Неговото име."
22. Тогаш доведоа кај Него еден опседнат од демон, кој беше слеп и нем, а Тој го исцели, така што немиот прозборува и прогледа.
23. И сиот насобран народ се восхитуваше и зборуваше: "Зар не е Овој Синот Давидов?"
24. А фарисеите, кога го слушнаа тоа, рекоа: "Овој ги изгонува демоните само преку Белзебуб, принцот на демоните."
25. Знаејќи ги нивните мисли, Исус им рече: "Секое царство, поделено во себеси, запустува, и секој град или дом, кој е поделен во себеси, нема да опстане.
26. И ако сатаната изгонува сатана, тој се поделил во себеси, и како ќе опстане неговото царство?
27. И ако Јас ги изгонувам демоните преку Белзебуб, тогаш преку кого ги изгонуваат вашите синови? Затоа тие ќе ви бидат судии;
28. но, ако Јас ги изгонувам демоните преку Божјиот Дух, тогаш Божјото царство дошло врз вас.
29. Или, како може некој да влезе во куќата на силен човек и да му ја обере покуќнината, ако најнапред не го врзе силниот, па тогаш да му ја ограби куќата?
30. Кој не е со Мене, тој е против Мене; и кој не собира со Мене, растура.
31. Затоа ви велам: секој грев и хула ќе им се простат на луѓето, но хулата против Духот нема да биде простена.
32. И ако некој рече збор против Синот Човеков, ќе му се прости; но ако некој рече против Светиот Дух, нема да му се прости ниту сега, ниту во иднина."
33. "Или направете го дрвото добро и неговиот плод добар; или направете го дрвото расипано, и неговиот плод расипан; зашто дрвото се познава по плодот.
34. Змиска породо! Како можете да зборувате добро кога сте зли? Зашто од изобилството на срцето зборува устата.
35. Добриот човек, од добрата ризница изнесува добри нешта; а злиот човек од злата ризница изнесува зли нешта.
36. И ви велам дека за секој празен збор што ќе го изговорат луѓето, ќе одговараат на судниот ден;
37. зашто по вашите зборови ќе бидете оправдани, и по вашите зборови ќе бидете осудени."
38. Тогаш некои од закониците и фарисеите Му одговорија, велејќи: "Учителе, сакаме да видиме знак од Тебе."
39. А Тој им одговори, велејќи: "Злото и прељубничкото поколение бара знак, но нема да му се даде никаков знак, освен знакот на пророкот Јона.
40. Зашто, како што Јона беше во утробата на големата риба три дни и три ноќи, така и Синот Човеков ќе биде во срцето на земјата три дни и три ноќи.
41. Ниневјаните ќе се дигнат на суд со ова поколение и ќе го осудат, зашто се покајаа од проповедта на Јона, а еве, тука е еден поголем од Јона.
42. Царицата на југот ќе се крене на суд со ова поколение и ќе го осуди, зашто таа дојде од далеку, за да ја чуе мудроста на Соломон, а еве, тука е еден поголем од Соломон."
43. Кога нечистиот дух излегува од човек, минува низ безводни места барајќи одмор, ама не го наоѓа.
44. Тогаш вели: 'Ќе се вратам во својот дом од каде што излегов.' И кога ќе дојде, го наоѓа празен, изметен и суреден.
45. Тогаш оди и зема со себе седум други духови, полоши од себе и тие влегуваат и живеат таму, а последната состојба на тој човек станува полоша од првата. Така ќе биде и со ова зло поколение."
46. Додека Тој сè уште му зборуваше на народот, ете, мајка Му и Неговите браќа стоеја надвор и сакаа да зборуваат со Него.
47. А некој Му рече: "Еве, мајка Ти и Твоите браќа стојат надвор и сакаат да зборуваат со Тебе.
48. А Тој во одговор му рече на оној кој му го кажа тоа: "Која е Мојата мајка и кои се Моите браќа?"
49. И ја протегна раката кон Своите ученици и рече: "Еве ја Мојата мајка и Моите браќа; зашто, оној што ја врши волјата на Мојот Татко, Кој е на небесата, тој Ми е брат и сестра и мајка."

  Matthew (12/28)