Matthew (11/28)  

1. А кога Исус заврши со поучувањето на Своите дванаесет ученици, замина оттаму да поучува и да проповеда во нивните градови.
2. Кога Јован чу во занданата за делата на Христос, испрати двајца од своите ученици,
3. да Го прашаат: "Ти ли си Оној Кој треба да дојде или да очекуваме друг?"
4. Исус им одговори, велејќи: "Одете и јавете му на Јован за она што го слушате и гледате:
5. слепи прогледуваат и сакати одат, лепрозни се исчистуваат и глуви прослушуваат, мртви воскреснуваат, и на сиромашните им се проповеда Евангелието.
6. Блажен е оној кој не се соблазнува заради Мене."
7. Кога тие си отидоа, Исус почна да му зборува на народот за Јован: "Што излеговте да видите во пустината? Трска што ветрот ја лулее?
8. Што излеговте да видите? Човек облечен во мека облека? Ете, тие што носат меки облеки се во царските дворци.
9. Па зошто излеговте? Пророк ли да видите? Да, ви велам, и повеќе од пророк.
10. Овој е оној за кого е пишано: 'Еве, го праќам Мојот гласник пред Твоето лице, кој ќе го подготви Твојот пат пред Тебе.'
11. Bистина ви велам, меѓу родените од жена не се издигнал поголем од Јован Крстителот; но, најмалиот во небесното царство е поголем од него.
12. А од дните на Јован Крстителот досега небесното царство трпи насилство и насилниците го отимаат насила;
13. зашто сите пророци и Законот пророкуваа до Јован;
14. и ако сакате да прифатите, тој е Илија кој требаше да дојде.
15. Кој има уши нека чуе!
16. А со што да го споредам ова поколение? Прилега на деца кои седат по пазарите и им довикуваат на другарите,
17. велејќи:'Bи свиревме на свирка и не игравте, ви пеевме таговни песни и не тагувавте.'
18. Зашто дојде Јован, кој ниту јаде, ниту пие, а тие велат: 'Има демон!'
19. Дојде Синот Човеков, кој јаде и пие, па велат: 'Еве, човек лаком и пијаница, пријател на даночниците и на грешниците!' Сепак мудроста се оправда преку своите дела."
20. Тогаш почна да ги прекорува градовите, во кои се случија најмногу Негови моќни дела, бидејќи не се покајаа.
21. "Тешко тебе, Хоразине! Тешко тебе, Бетсаидо! Зашто ако во Тир и Сидон се случеа моќните дела, што се случија кај вас, одамна би се покајале во струнени вреќи и пепел.
22. Но, ви велам: полесно ќе им биде на Тир и Сидон во судниот ден, отколку вам.
23. А ти, Капернауме, кој се воздигна до небото, ќе слезеш до Адот. Зашто ако во Содом се случеа моќните дела што се случија во тебе, ќе останеше до ден денешен.
24. Но ви велам, на земјата Содомска ќе и биде полесно на судниот ден, отколку тебе."
25. Тогаш Исус продолжи, велејќи: "Ти благодарам, Татко, Господар на небото и на земјата, зашто го скри тоа од мудрите и разумните, а им го откри на простодушните.
26. Да, Татко, зашто така Тебе ти годеше.
27. Сè Ми е предадено од Мојот Татко, и никој не Го познава Синот, освен Таткото; ниту некој Го познава Таткото, освен Синот, и оној кому Синот сака да му открие.
28. Дојдете кај Мене сите што сте онемоштени и обременети, а Јас ќе ви дадам починка.
29. Земете го Мојот јарем на себе и научете се од Мене, зашто Јас сум кроток и понизен по срце; а вие ќе најдете починка за своите души,
30. зашто Мојот јарем е поднослив и Мојот товар е лесен."

  Matthew (11/28)