Matthew (10/28)  

1. Ги повика Своите дванаесет ученици кај Себе и им даде власт над нечистите духови, да ги изгонуваат и да исцелуваат секаква болест и секаква немош.
2. А ова се имињата на дванаесетте апостоли: првиот Симон, наречен Петар и неговиот брат Андреј, па Јаков, синот на Зебедеј и брат му Јован,
3. Вилип и Бартоломеј, Тома и Матеј даночникот, Јаков синот на Алфеј и Тадеј,
4. Симон Кананеецот и Јуда Искариот, кој и Го предаде.
5. Исус ги испрати овие дванаесетмина и им наложи, велејќи им: "Не одете кај неевреите, и не влегувајте во самаријански град;
6. туку, подобро одете кај изгубените овци на израеловиот дом.
7. И додека одите проповедајте дека се приближи небесното царство.
8. Исцелувајте болни, воскреснувајте мртви, исчистувајте лепрозни, изгонувајте демони; бесплатно добивте, бесплатно давајте.
9. Не носете ни злато, ни сребро, ниту бакар во вашите појаси;
10. ниту торба за пат, ни две облеки, ни обувки, ни стап, зашто работникот ја заслужува својата издршка.
11. А кога ќе влезете во кој и да било град или село, распрашајте кој е достоен во него и останете таму додека не заминете оттаму.
12. Кога ќе влезете во домот, поздравете го.
13. И ако навистина куќата е достојна, вашиот мир нека се спушти на неа, а ако не е достојна, вашиот мир нека ви се врати вам.
14. И ако некој не ве прими, ниту ги послуша вашите зборови, кога ќе излегувате од таа куќа или град, истресете го правот од вашите нозе.
15. Bистина ви велам, полесно ќе им биде на Содом и Гомора во судниот ден, отколку на тој град."
16. "Ете, Јас ве испраќам како овци меѓу волци. Затоа бидете мудри како змии и безопасни како гулаби.
17. Чувајте се од луѓето, зашто ќе ве предаваат на судовите и ќе ве камшикуваат во нивните синагоги.
18. Ќе бидете изведувани пред управители и цареви, заради Мене, за сведоштво на нив и на народите.
19. А кога ќе ве предаваат, не грижете се како или што ќе зборувате, бидејќи во оној час ќе ви биде дадено што треба да кажете;
20. зашто не сте вие тие кои зборувате, туку Духот на вашиот Татко, Кој зборува во вас.
21. И брат ќе предава брата на смрт, и татко - детето, и децата ќе станат против родителите и ќе ги убиваат.
22. И ќе бидете намразени од сите заради Моето име; но, кој ќе истрае докрај, ќе биде спасен.
23. Кога ќе ве прогонуваат во тој град, бегајте во друг; зашто вистина ви велам, нема да поминете низ сите израелски градови додека не дојде Синот Човеков."
24. "Ученикот не е над учителот, ниту робот над својот господар.
25. Доста му е на ученикот да стане како неговиот учител и на робот како неговиот господар. Ако стопанот на куќата го нарекоа Белзебул, колку повеќе неговите домашни?"
26. "Затоа, не плашете се од нив, зашто нема ништо покриено што не ќе се открие, ниту скриено што не ќе се дознае.
27. Она што ви го говорам во темнина, кажете го во светлина; и она што ќе го чуете на уво, разгласете го од покривите.
28. И не плашете се од оние што го убиваат телото, а душата не можат да ја убијат. Туку плашете се повеќе од Оној Кој може да ги погуби и душата и телото во пеколот.
29. Не се продаваат ли две врапчиња за една пара? Сепак ниедно од нив не паѓа на земјата без вашиот Татко.
30. А вам ви се изброени дури и влакната на главата.
31. И така, не плашете се. Bие сте поскапи од многу врапчиња."
32. "И така, секој кој Ме признава Мене пред луѓето, ќе го признаам и Јас него пред Мојот Татко, Кој е на небесата.
33. А кој ќе се откаже од Мене пред луѓето, и Јас ќе се откажам од него пред Мојот Татко, Кој е на небесата."
34. "Не мислете дека дојдов да донесам мир на земјата. Не дојдов да донесам мир, туку меч.
35. Зашто дојдов да донесам непријателство меѓу човекот и неговиот татко, ќерката и нејзината мајка, снаата и нејзината свекрва,
36. а непријатели на човекот ќе бидат неговите домашни.
37. Кој љуби татко или мајка повеќе од Мене, не е достоен за Мене, и кој љуби син или ќерка повеќе од Мене, не е достоен за Мене;
38. и кој не го зема својот крст и не оди по Мене, не е достоен за Мене.
39. Кој ќе ја најде својата душа, ќе ја загуби; и кој ќе ја загуби својата душа заради Мене, ќе ја најде."
40. "Кој ве прима вас, Ме прима Мене, а кој Ме прима Мене, Го прима Оној Кој Ме прати.
41. Кој прима пророк во име на пророк, ќе прими пророчка награда; и кој прима праведник во име на праведник, ќе прими праведничка награда.
42. Кој ќе напои еден од овие малечкиве само со чаша студена вода, во име на ученик, вистина ви велам, никако нема да ја загуби својата награда."

  Matthew (10/28)