Mark (9/16)  

1. И им рече: "Bистина ви велам - има некои меѓу вас, кои стојат тука, а кои нема да вкусат смрт, додека не го видат Божјото царство како стапува во сила."
2. И по шест дни, Исус ги зеде Петар, Јаков и Јован и со Себе ги поведе само нив на една висока гора, насамо, и се преобрази пред нив;
3. неговата облека стана блескава и многу бела, како што ниедно белило на земјата не може да ја избели.
4. И им се јави Илија со Мојсеј, па разговараа со Исус.
5. А Петар проговори и Му рече на Исус: "Раби, добро е да сме тука. Да направиме три сеници: една за Тебе, една за Мојсеј и една за Илија."
6. Bсушност, не знаеше што да рече, зашто беа многу уплашени.
7. И наиде облак и ги засени, а од облакот се чу глас: "Овој е Мојот возљубен Син! Слушајте Го!"
8. И одеднаш кога се обѕрнаа, веќе никого не видоа крај себе, освен Исус.
9. А кога слегуваа од гората, им заповеда никому да не му кажуваат што видоа, додека Синот Човеков не воскресне од мртвите."
10. И тие го држеа цврсто тој збор, меѓусебно расправајќи: што значи - воскреснување од мртвите?
11. И Го прашаа: "Зошто закониците велат дека најпрвин треба да дојде Илија?"
12. А Тој им рече: "Прво ќе дојде Илија, и сè ќе воспостави. А како што е напишано за Синот Човеков: Тој треба многу да претрпи и да биде презрен?
13. Но, Јас ви велам дека Илија дојде, и дека постапија со него како што сакаа, како што е напишано за него."
14. И кога дојдоа кај Исусовите ученици, видоа едночудо луѓе околу нив, и законици кои се препираа со нив.
15. Штом целиот народ Го здогледа, се вчудовиде, а луѓето се стрчаа и Го поздравуваа.
16. А Тој ги праша: "За што се препирате со нив?"
17. А еден од народот му одговори: "Учителе, Ти го доведов својот син, во кого има дух кој го онемува;
18. и кога го фаќа, го кутнува, му тече пена на уста, чкрта со забите и се вкочанува. Им реков на Твоите ученици да го истераат, но не можеа."
19. А Тој одговори, велејќи: "О неверно поколение, до кога ќе бидам со вас? До кога ќе ве трпам? Доведете го кај Мене!"
20. И Му го доведоа. А штом духот Го виде Него, веднаш го стресе момчето и тоа падна наземи, тркалајќи се со пена на устата.
21. Тогаш го праша татка му: "Колку време има откако му се случува ова?" А тој рече: "Од детството,
22. а често го фрла во оган и во вода, за да го погуби. Но, ако можеш нешто да сториш, смилувај ни се и помогни ни!"
23. Исус пак му рече: "Ако можеш! Сè е можно за оној што верува!"
24. Таткото на момчето веднаш извика, велејќи: "Bерувам! Помогни му на моето неверие!"
25. А Исус, штом виде дека се собира народ, му се закани на нечистиот дух и му рече: "Духу, кој предизвикуваш немост и глувост, Јас ти заповедам, излези од него и повеќе не влегувај во него!"
26. И откако извика, силно го стресе детето и тој излезе. А тоа беше небаре мртво, така што мнозина велеа дека умрело.
27. Исус, пак, го фати за рака, го поткрена и тоа стана.
28. А кога дојде во куќата, Неговите ученици Го прашаа насамо: "Зошто ние не можевме да го истераме?"
29. Тој им одговори: "Оваа порода со ништо не може да се истера, освен со молитва."
30. Кога заминаа оттаму, минуваа низ Галилеја, и не сакаше никој да дознае за тоа;
31. имено, Тој ги поучуваше Своите ученици, велејќи: "Синот Човеков ќе биде предаден во човечки раце, и ќе Го убијат, и откако ќе Го убијат, Тој ќе воскресне на третиот ден.
32. Но тие не ја разбраа таа изјава, а се плашеа да Го прашаат."
33. И дојдоа во Капернаум, и кога беше во куќата, Тој ги праша: "За што се расправавте по пат?"
34. А тие молчеа, зашто по пат се расправаа меѓусебно за тоа кој е најголем.
35. Тој, пак, седна, ги повика дванаесеттемина и им рече: "Кој сака да биде прв, нека биде последен и слуга на сите!"
36. Тогаш зеде едно дете, го постави меѓу нив, го прегрна и им рече:
37. "Кој прима едно вакво дете во Мое име, Мене Ме прима, а кој Ме прима Мене, не Ме прима Мене, туку Оној Кој Ме испрати."
38. Јован Му рече: "Учителе, видовме еден кој во Твое име изгонуваше демони, а не нè следи, та му забранивме, зашто не оди по нас."
39. А Исус рече: "Не бранете му! Зашто нема никој кој би правел чудо во Мое име, а да може веднаш потоа лошо да зборува за Мене.
40. Оти, оној кој не е против нас, тој е со нас.
41. И кој ќе ви даде чаша студена вода во Мое име, бидејќи сте Христови, вистина ви велам, нема да ја загуби својата награда."
42. А кој ќе наведе на грев едно од овие малечкиве кои веруваат во Мене, за него подобро ќе биде да му обесат на вратот воденички камен и да го фрлат в море.
43. И ако твојата рака те наведува на грев, отсечи ја. Подобро е да влезеш без рака во животот, отколку со двете раце да отидеш во пеколот, во неугаслив оган,
44. каде што нивниот црв не умира, и огнот не згаснува.
45. Ако твојата нога те наведува на грев, отсечи ја! Подобро е за тебе да влезеш во животот сакат, отколку со двете нозе да бидеш фрлен во пеколот,
46. каде што нивниот црв не умира, и огнот не згаснува.
47. И ако и твоето око те наведува на грев, извади го! Подобро е за тебе да влезеш во Божјото царство со едно око, отколку да бидеш со двете очи фрлен во пеколот,
48. каде што нивниот црв не умира, и огнот не згаснува.
49. Зашто секој ќе биде посолен со оган.
50. Солта е добра, но ако солта стане несолена, со што ќе ја осолите? Имајте сол во себе и имајте мир меѓу себе."

  Mark (9/16)