Mark (8/16)  

1. Bо тие дни, кога пак се собраа едночудо луѓе и немаа што да јадат, ги повика Своите ученици и им рече:
2. "Жал ми е за луѓето, зашто веќе три дни постојано се со Мене а нема што да јадат.
3. Ако ги распуштам гладни по нивните куќи, ќе премалат по патот, зашто некои од нив се дојдени оддалеку."
4. А учениците Му одговорија: "Како може некој да ги нахрани со леб во оваа пустина?"
5. А Тој ги праша: "Колку леба имате?" Тие рекоа: "Седум".
6. Тогаш им заповеда на луѓето да испоседнат наземи. И ги зеде седумте леба, заблагодари и ги раскрши, и им даваше на Своите ученици да ги делат, а тие им ги раздадоа на луѓето.
7. Имаа и малку риби. И откако ги благослови, заповеда да ги поделат и нив.
8. И јадеа до наситка, и дигнаа седум кошеви со преостанати парчиња.
9. А беа околу четири илјади; и Тој ги распушти.
10. И веднаш влезе во коработ со учениците, и дојде во околината на Далманута.
11. Варисеите излегоа и почнаа да се препираат со Него, барајќи од Него знак од небото за да Го искушаат.
12. А Тој воздивна длабоко во духот и рече: "Зошто ова поколение бара знак? Bистина ви велам, на ова поколение нема да му се даде знак."
13. И ги остави, повторно влезе во коработ и премина на другата страна.
14. И заборавија да земат леб, а имаа само еден леб со себе во коработ.
15. Тогаш Тој им заповеда, велејќи им: "Bнимавајте! Чувајте се од фарисејскиот и од Иродовиот квасец!"
16. Тие пак размислуваа меѓу себе: "Па ние немаме леб!"
17. А Исус кога го разбра тоа, им рече: "Зошто мислите дека немате леб? Уште ли не разбирате и не сфаќате? Закоравено ли е вашето срце?
18. Очи имате, а не гледате? Уши имате, а не слушате? И не си спомнувате ли,
19. кога ги раскршив петте леба на пет илјади, колку кошеви полни со парчиња кренавте?" Му рекоа: "Дванаесет."
20. "Кога раскршив седум леба на четири илјади, колку кошеви полни со парчиња кренавте?" Рекоа: "Седум".
21. И им рече; "Уште ли не разбирате?"
22. И дојдоа во Бетсаида, па Му доведоа еден слеп и Го молеа да го допре.
23. Тој го фати слепиот за рака, го изведе надвор од селото и откако му плукна во очите, ги положи рацете на него и го праша: "Гледаш ли нешто?"
24. Тој ги поткрена очите и рече: "Гледам луѓе, небаре се дрвја што одат."
25. Потоа пак ги положи рацете на неговите очи, и тој прогледа и оздраве, и гледаше сè јасно.
26. И го испрати во неговиот дом, велејќи му: "Не навраќај во селото, и никому не кажувај му!"
27. Излезе Исус со Своите ученици по селата на Цезареја Вилипова; а по пат ги прашуваше, велејќи им: "Што велат луѓето, кој сум Јас?"
28. Тие Му рекоа: "Јован Крстителот, други велат Илија, а трети - дека си еден од пророците."
29. Но Тој ги праша: "А вие, за кого Ме сметате?" Петар Му одговори и рече: "Ти си Христос".
30. И им забрани никому да не зборуваат за Него.
31. И почна да ги поучува дека Синот Човеков треба многу да страда и да биде отфрлен од старешините, првосвештениците и закониците; дека ќе Го убијат и дека по три дни ќе воскресне.
32. И тоа го зборуваше отворено. А Петар Го повлече настрана и почна да Го прекорува.
33. Но Тој се заврте и откако ги погледна Своите ученици, го прекори Петар и рече: "Бегај зад Мене, сатано, зашто ти не мислиш за она што е Божјо, туку за она што е човечко."
34. И го повика народот, заедно со Своите ученици, и им рече: "Оној што сака да тргне по Мене, нека се откаже од себеси и нека го земе својот крст, па нека оди по Мене.
35. Зашто, кој сака да ја спаси својата душа, ќе ја загуби, а оној што ќе ја загуби својата душа заради Мене и Евангелието, ќе ја спаси.
36. Зашто, каква полза има човекот, ако го добие целиот свет, а и напакости на својата душа!
37. И што може човекот да даде во замена за својата душа?
38. Зашто, кој се срами од Мене и од Моите зборови во ова прељубничко и грешно поколение, и Синот Човеков ќе се засрами од него, кога ќе дојде во славата на Својот Татко, заедно со светите ангели. "

  Mark (8/16)