Mark (6/16)  

1. И замина оттаму и дојде во Својот роден крај, а Неговите ученици одеа по Него.
2. А кога дојде саботниот ден, почна да поучува во синагогата, и мнозина кои слушаа се зачудија и рекоа: "Од каде Му е ова Нему? И каква е оваа мудрост што Му е дадена? И какви чуда прават Неговите раце?
3. Не е ли овој дрводелецот, Синот на Марија, и братот на Јаков, Јосиј, Јуда и Симон? И не се ли Неговите сестри тука меѓу нас?" И се навредија од Него.
4. А Исус им рече: "Пророкот никаде не е без почести, освен во својот роден крај, меѓу своите роднини и во својот дом."
5. И не можеше таму да направи ниедно чудо, освен што исцели неколку болни, полагајќи ги рацете врз нив.
6. И се чудеше на нивното неверие. Тој одеше по околните села и поучуваше.
7. И откако ги повика дванаесеттемина, почна да ги праќа по двајца, давајќи им власт над нечистите духови.
8. И Тој им заповеда да не носат ништо за по пат освен стап: ни леб, ни торба, ниту пари во појасот,
9. туку да се обуени во сандали и да не облекуваат по две облеки.
10. И им рече: "Ако влезете во некој дом, останете таму додека не излезете оттаму.
11. А ако не ве примат и не ве послушаат, излезете оттаму а потоа истресете го правот од своите нозе, за да се осведочат!"
12. И тргнаа проповедајќи покајание.
13. И изгонуваа многу демони, и многу болни помазуваа со миро и ги исцелуваа.
14. Слушна и царот Ирод (зашто Неговото име беше прочуено), и зборуваше: "Јован Крстителот станал од мртвите и затоа во него дејствуваат моќни сили!"
15. Едни пак велеа дека е Илија, а други дека е пророк, небаре еден од пророците.
16. Но кога Ирод чу, рече: "Јован, кому јас му ја отсеков главата, станал од мртвите."
17. Имено, Ирод испрати по Јован, го фати и го затвори в зандана, заради Иродијада, жената на брат му Вилип, со која се ожени,
18. зашто Јован му велеше на Ирод: "Не ти е дозволено да ја имаш жената на твојот брат."
19. А Иродијада беше озлобена на него и сакаше да го убие, но не можеше,
20. зашто Ирод се плашеше од Јован, знаејќи дека е човек праведен и свет, и го пазеше, а кога го слушаше, се збунуваше многу, но сепак го слушаше со задоволство.
21. И кога дојде згоден ден, откако Ирод на својот роденден им даде вечера на своите големци, војводи и галилејски првенци,
22. влезе ќерката на Иродијада, поигра и им угоди на Ирод и на неговите гости, а царот и рече на девојката: "Побарај од мене што сакаш и ќе ти дадам,"
23. и и се заколна: "Што и да побараш од мене, ќе ти дадам - до половина од моето царство."
24. А таа излезе и ја праша мајка си: "Што да побарам?" Таа рече: "Главата на Јован Крстителот."
25. И веднаш, откако влезе брзо кај царот, побара, велејќи: "Сакам да ми ја дадеш, сега веднаш, на чинија, главата на Јован Крстителот."
26. Е, тогаш, царот многу се натажи, ама поради заклетвата и гостите, не сакаше да ја одбие,
27. па веднаш испрати џелат и му нареди да ја донесе неговата глава. И тој отиде, му ја отсече главата во занданата,
28. ја донесе на чинија и и ја даде на девојката, а девојката и ја предаде на мајка си.
29. Кога неговите ученици чуја, дојдоа и го зедоа неговото тело и го положија в гроб.
30. Апостолите се собраа околу Исус и Го известија за сè што направиле и како поучувале.
31. А Тој им рече: "Дојдете на осамено место и сами одморете се малку!" Зашто, мнозина доаѓаа и си заминуваа, а немаа време ни да јадат.
32. И сами тргнаа со кораб на осамено место.
33. Арно ама народот ги виде кога заминуваа и мнозина ги познаа и се упатија пеш, од сите градови, и стигнаа пред нив.
34. А кога излезе од коработ, Тој виде едночудо луѓе и се сожали над нив, зашто прилегаа на овци без пастир, и почна да ги поучува за многу нешта.
35. И бидејќи времето поодмина, Неговите ученици Му пристапија и Му рекоа: "Местово е пусто, а веќе е доцна.
36. Распушти ги, нека отидат по околните села и населби, и нека си купат нешто за јадење!"
37. А Тој одговори, велејќи: "Bие дајте им да јадат!" Тие Му рекоа: "Да одиме да купиме леб за двесте денарии и да им дадеме да јадат?"
38. А Тој изусти: "Колку лебови имате? Појдете, видете!" И откако се вратија, рекоа: "Пет леба и две риби."
39. И им заповеда да ги распоредат сите по групи, на зелената трева.
40. И испоседнаа во групи по сто и педесет.
41. А Тој ги зеде петте леба и двете риби, погледна кон небото, благослови и ги раскрши лебовите, па им даваше на учениците да ги ставаат пред нив; и двете риби им ги раздели на сите.
42. И сите јадеа и се наситија.
43. И кренаа дванаесет кошници полни со парчиња леб и риби.
44. А оние што го јадеа лебот, беа пет илјади мажи.
45. Bеднаш потоа ги натера Своите ученици да влезат во коработ и побргу од Него да отидат на спротивната страна, кон Бетсаида, додека Тој да го распушти народот.
46. И откако се раздели од нив, отиде на гората да се помоли.
47. Приквечер коработ беше сред море, а Тој остана сам на копното.
48. И кога ги виде како се мачат веслајќи, зашто ветрот им доаѓаше отспротива, околу четвртата ноќна стража, дојде до нив одејќи по морето, со намера да ги одмине.
49. А тие, кога Го видоа како оди по морето, помислија дека е привидение и извикаа,
50. зашто сите Го видоа и се исплашија. Но, Тој веднаш им проговори, велејќи: "Бидете храбри! Јас Сум! Не плашете се!"
51. Тогаш влезе кај нив во коработ, а ветрот стивна. Тие се вчудовидоа,
52. зашто не го сфатија ни чудото со лебовите, бидејќи срцето им беше закоравено.
53. И кога преминаа, дојдоа на копно во Генесарет, каде слегоа.
54. Кога излегоа од коработ, луѓето веднаш Го препознаа,
55. се растрчаа по целата околина и почнаа да носат болни на постели, каде што ќе чуеја дека е Тој.
56. И каде и да влегуваше, во села или во градови, или по полињата, на пазариштата ги ставаа болните и Го молеа да се допрат барем до ресите на Неговата облека. И сите што Го допреа беа исцелени.

  Mark (6/16)