Mark (4/16)  

1. И пак почна да поучува крај морето. И околу Него се насобра многу народ, а Тој влезе во кораб и се најде во морето, а целиот вриеж беше на копното, крај морето.
2. А Тој со споредби ги поучуваше за многу работи и им рече во Својата поука:
3. "Слушајте! Ете, излезе сејач да сее.
4. И кога сееше, едно семе падна покрај патот, и дојдоа птици и го исколваа.
5. Друго падна на каменлива почва, каде немаше многу земја; и никна брзо, зашто почвата не беше длабока.
6. А кога сонцето изгреа, овена и бидејќи немаше корен, се исуши.
7. И друго падна во трње, и трњето израсна и го задуши, па не донесе плод.
8. А друго падна на добра земја и донесе плод, кој напредуваше и растеше, и принесе: едно триесет, друго шеесет, а трето сто."
9. И рече: "Кој има уши да слуша, нека чуе! "
10. И штом остана Сам, оние кои беа околу Него, заедно со дванаесеттемина, Го прашаа за споредбата.
11. И им рече: "Bам ви е дадена тајната на Божјото царство, а оние кои се надвор добиваат сè во споредби,
12. па ' гледајќи да гледаат, а да не видат; и слушајќи да слушаат, а да не разбираат, да не се покајат и простено да им биде'!"
13. И им рече: "Не ја разбирате ли оваа споредба? Па како ќе ги разберете сите споредби!
14. Сејачот го сее словото.
15. Тие, покрај патот, каде се сее словото, се оние кај кои, кога ќе го чујат, веднаш доаѓа сатаната и го грабнува словото посеано во нив.
16. Слично е и со посеаните врз каменлива почва, кои, штом го чујат словото, го примаат со радост,
17. но немаат во себе корен, туку се непостојани, и кога ќе дојде невола или гонење заради словото, веднаш отпаѓаат.
18. А другите, што се посеани во трње, тоа се оние, кои го чуле словото,
19. но световните грижи, измамливоста на богатството, и копнежот по други работи, кога ќе влезат, го задушуваат словото, и тоа останува без плод.
20. А посеаните на добра земја се оние кои го слушаат словото, го примаат и донесуваат плод: триесет, шеесет, и стократно.
21. И им рече: "Се внесува ли светилка за да се стави под вршник или под легло? Или да се стави на високо?
22. Зашто нема скриено, што не ќе биде откриено, или што е тајно, а да не излезе јавно.
23. Кој има уши да слуша, нека чуе!"
24. И им рече: "Bнимавајте што слушате! Со каква мера мерите, со таква ќе ви се мери, и уште ќе ви се придаде.
25. Зашто кој има, ќе му се даде, а кој нема, ќе му се земе и тоа што го има."
26. И велеше: "Така, Божјото царство прилега на човек кој фрла семе во земја;
27. легнува ноќе и станува дење, а семето никнува и расте, и самиот не знае како.
28. Земјата сама од себе донесува плод, најпрвин стебленце, потоа клас и најпосле клас полн со зрна.
29. А кога плодот узрее, веднаш праќа срп, зашто дошло времето за жетва."
30. И велеше: "Како да го прикажеме Божјото царство? Со каква споредба да го претставиме?
31. Тоа е како синапово зрно, кое, кога се сее во земјата, помало е од сите семиња на светот;
32. но кога е посеано, израснува и станува поголемо од сите растенија во градината и пушта големи гранки, та небесните птици можат да се гнездат под неговата сенка."
33. Со многу такви споредби им го кажуваше словото, сè додека можеа да слушаат.
34. А без споредби ништо не им говореше, туку насамо им објаснуваше сè на Своите ученици.
35. Bечерта, на истиот ден, им рече на Своите ученици: "Да преминеме на другана страна!"
36. И напуштајќи го народот, Го поведоа Исуса со себе, кој беше во коработ; а и други кораби беа со Него.
37. Потоа се дигна силна бура, а брановите се префрлуваа преку коработ, па тој веќе тонеше.
38. А Тој спиеше кај кормилото на перница. Тие Го разбудија и Му рекоа: "Учителе, зар не Си загрижен што гинеме?"
39. И стана, му се закани на ветрот и му рече на морето: "Стивни! Молкни!" И ветрот стивна и настана длабока тишина.
40. Тогаш им рече: "Зошто се плашите толку? Зарем немате вера?"
41. И ги опфати голем страв, и говореа еден на друг: "Кој е Овој што и ветрот и морето Му се покоруваат?"

  Mark (4/16)