Mark (3/16)  

1. И Тој влезе пак во синагогата, а таму имаше човек со исушена рака.
2. И Го дебнеа, дали ќе го исцели во саботен ден, за да Го обвинат.
3. А Тој му рече на човекот кој имаше сува рака: "Застани насреде!"
4. И им рече: "Дали е дозволено во саботен ден да се прави добро или зло? Да се спаси душа, или да се погуби?" А тие молчеа.
5. Тогаш со срдба ги погледна, и натажен заради закоравеноста на нивните срца, му рече на човекот: "Испружи ја раката!" И тој ја испружи и таа беше здрава како другата.
6. А фарисеите, кога излегоа, веднаш се советуваа со иродовците против Него, за да Го уништат.
7. Исус се повлече со Своите ученици кон морето, и голема врволица од Галилеја и од Јудеја тргна по Него,
8. а од Ерусалим, од Идумеја и од другата страна на Јордан, од околината на Тир и Сидон, едночудо луѓе дојдоа кај Него, откако чуја што правел.
9. И Тој им рече на Своите ученици да Му се подготви еден кораб, заради народот, за да не Го притискаат,
10. бидејќи мнозина исцели, та нагрвалуваа на Него сите оние што страдаа, за да Го допрат.
11. И нечистите духови, штом ќе Го здогледаа, паѓаа ничкум пред Него и викаа, велејќи: "Ти си Божјиот Син!"
12. А Тој строго им бранеше да не го разгласуваат тоа.
13. И се искачи на гората и ги викна кај Себе оние, кои ги сакаше и тие отидоа кај Него.
14. И определи дванаесетмина да бидат со Него, да ги праќа да навестуваат
15. и да имаат власт да ги изгонуваат демоните.
16. И ги определи дванаесеттемина: Симон (на кого му го даде името Петар),
17. па Јаков, синот на Зебедеј и Јован, братот на Јаков (на кои им го даде името Боанергес - што значи: 'Синови на Громот'),
18. Андреј, Вилип, Бартоломеј, Матеј, Тома, Јаков, синот на Алфеј, Тадеј, Симон Хананецот
19. и Јуда Искариот, кој и Го предаде.
20. И дојдоа во една куќа, и пак се собра многу народ, па тие не можеа ниту леб да каснат.
21. А кога Неговите чуја за тоа, тргнаа да си Го приберат, зашто се зборуваше: 'Тој не е при Себеси."
22. Закониците, пак, кои дојдоа од Ерусалим, зборуваа: 'Тој е опседнат со Белзебуб" и дека со помош на демонскиот принц ги истерува демоните.
23. И откако ги повика при Себеси, им зборуваше во споредби: "Како може сатаната да изгонува сатана?
24. Ако во едно царство се случи раскол, тоа не може да се одржи.
25. И ако дом се раздели против себеси, тој дом не може да опстане.
26. И ако сатаната станал против себеси и се раздвоил, не ќе може да опстане, туку му дошол крајот.
27. Но никој не може да влезе во куќата на силен и да му ја ограби покуќнината, ако првин не го врзе силниот и потем да му ја обере куќата.
28. Bистина ви велам дека на човековите синови ќе им бидат простени сите гревови и хули како-годе изговорени;
29. но кој ќе похули на Светиот Дух, за него нема прошка довека,
30. туку ќе биде виновен за вечен грев. Зашто велеа: "Има нечист дух!"
31. И тогаш дојдоа Неговата мајка и Неговите браќа и, стоејќи надвор, испратија порака да Го викнат.
32. А околу Него седеа многу луѓе и Му рекоа: "Ете, мајка Ти и Твоите браќа надвор Те бараат!"
33. А Тој, одговарајќи им рече: "Кои Ми се мајка и браќа?",
34. па ги погледна наоколу оние што седеа околу Него и рече: "Еве ги Мојата мајка и Моите браќа;
35. зашто, кој ја исполнува Божјата волја, тој Ми е брат, и сестра, и мајка."

  Mark (3/16)