Mark (2/16)  

1. И кога по неколку дена пак дојде во Капернаум се чу дека е во една куќа.
2. И се собраа мнозина, така што немаше веќе место пред вратата; и им го говореше Словото.
3. И дојдоа носејќи кај Него парализиран, кого го носеа четворица.
4. И бидејќи не можеа да го донесат до Него, заради навалот од луѓе, го открија покривот над местото каде што беше Тој, го пробија и го спуштија леглото, на кое лежеше парализираниот.
5. А Исус, кога ја виде нивната вера, му рече на парализираниот: "Синко, ти се проштаваат гревовите."
6. А некои од закониците седеа таму и размислуваа во своите срца:
7. "Што зборува Овој вака? Тој хули! Кој може да проштава гревови, освен Самиот Бог?"
8. И Исус веднаш штом созна со Својот Дух дека тие размислуваат така во себе, им рече: "Зошто размислувате така во своите срца?
9. Што е полесно да му се рече на парализираниот: 'Ти се простуваат гревовите', или да му се рече: 'Стани и земи ја својата постела, и оди!'
10. Туку да знаете Синот Човеков има власт да проштава гревови на земјата!" Па му се обрна на парализираниот:
11. 'Тебе ти велам - стани, крени го своето легло и оди си дома!'
12. И тој стана, вчас, го крена леглото, и излезе пред сите, а тие се восхитуваа и Го славеа Бог, велејќи: "Bакво нешто уште никогаш не сме виделе!"
13. Излезе пак крај брегот, и многу народ доаѓаше кај Него, и Тој го поучуваше.
14. И минувајќи, го виде Левиј, синот на Алфеј, како седи во даночницата, и му рече: "Оди по Мене!" А тој стана и тргна по Него.
15. И кога прилегна крај трпезата во неговата куќа, многу даночници и грешници беа крај трпезата со Исус и со Неговите ученици, зашто ги имаше мнозина, и тие одеа по Него.
16. А кога фарисејските законици Го видоа како јаде со грешници и даночници, им рекоа на Неговите ученици: "Зошто јаде и пие заедно со даночници и грешници?"
17. А Исус, кога го чу тоа, им рече: "Не им треба лекар на здравите, туку на болните. Не дојдов да ги викам праведните на покајание, туку грешниците."
18. Јовановите ученици и фарисеите постеа. И дојдоа, па Му рекоа: "Зошто Јовановите ученици и учениците на фарисеите постат, а Твоите ученици не постат?"
19. Исус им рече: "Можат ли сватовите да постат додека е младоженецот со нив? Додека го имаат со себе младоженецот, не можат да постат.
20. Но, ќе дојдат дни кога ќе биде отмен младоженецот од нив; и тогаш, во тој ден, ќе постат.
21. Никој не пришива алтица од ново платно врз стара облека, зашто новата алтица ќе ја раскина старата облека, и дупката ќе биде поголема.
22. И никој не налева ново вино во стари мешини; зашто новото вино ќе ги раскине мешините, па ќе пропаднат и виното и мешините; туку, ново вино во нови мешини!"
23. А кога во саботен ден одеше низ посевите, Неговите ученици поминувајќи почнаа да кинат класје.
24. И фарисеите Му рекоа: "Гледај! Зошто го прават тоа што во саботен ден не е дозволено?"
25. Им рече: "Зар никогаш не сте читале што направи Давид кога беше во нужда и кога огладне тој и тие што беа со него?
26. Како влезе во Божјиот дом, во времето на врховниот свештеник Авијатар, и ги изеде поставените лебови, кои никој не смееше да ги јаде, освен свештениците; и им даде на оние, кои беа со него!"
27. И им рече: "Саботата е воспоставена заради човекот, а не човекот заради саботата.
28. И така, Синот Човеков е Господар и на саботата."

  Mark (2/16)