Mark (15/16)  

1. А во мугрите, првосвештениците, старешините, закониците и целиот Совет Го врзаа Исуса, Го одведоа и му Го предадоа на Пилат.
2. А Пилат Го праша: "Ти ли си Царот на Евреите?" А Тој му одговори, велејќи: "Така е како што велиш!"
3. Првосвештениците Го обвинуваа за многу работи.
4. Пилат пак Го праша: "Ништо ли не одговараш? Гледај за колку многу работи те обвинуваат!"
5. Но Исус веќе ништо не одговараше, па Пилат се чудеше.
6. А на секој празник тој им ослободуваше по еден затвореник, кого ќе го побараа.
7. Таму беше и еден по име Бараба, кој беше окован заедно со други бунтовници, кои во еден бунт беа извршиле убиство.
8. И народот извика гласно и почна да го моли да го направи она што секогаш го правел.
9. А Пилат им одговори, велејќи: "Сакате ли да ви Го ослободам Царот на Евреите?",
10. зашто знаеше дека првосвештениците Го предадоа од завист.
11. Но првосвештениците го наговорија народот дека е подобро да им го пушти Бараба.
12. Пилат, пак, одговори, велејќи: "Тогаш, што да направам со Оној, Кого Го викате Цар на Евреите?"
13. А тие повторно извикуваа: "Распни Го!"
14. Пилат пак им рече: "Какво зло сторил?" Но тие уште погромко извикуваа: "Распни Го!"
15. Тогаш Пилат, сакајќи да ја задоволи толпата, го ослободи Бараба, а Исус, откако Го камшикуваа, Го предаде да биде распнат.
16. Bојниците Го одведоа во дворот, односно во преторијата, и ја собраа целата чета.
17. Му облекоа пурпурна наметка, сплетоа и Му ставија венец од трње,
18. и почнаа да Го поздравуваат: "Биди поздравен, Цару еврејски!"
19. И Го удираа со трска по главата, Го плукаа и паѓајќи на колена, Му метанисуваа.
20. А кога Му се изнаругаа, ја соблекоа од Него пурпурната наметка и Му ја облекоа Неговата облека, и Го поведоа да Го распнат.
21. И натераа еден минувач, Симон од Киринеја, татко на Александар и Руф, кој се враќаше од полето, да го носи Неговиот крст.
22. И Го доведоа на местото Голгота, што значи Место на черепи.
23. И Му даваа вино со смирна, но Тој не прими.
24. Потоа Го распнаа и ја поделија Неговата наметка, фрлајќи жрепка за неа - кој што да земе.
25. А беше третиот час, кога Го распнаа.
26. И имаше напишано натпис, што ја означуваше Неговата вина: "ЦАРОТ НА ЕBРЕИТЕ."
27. И со Него распнаа двајца разбојници; еден оддесно, а еден одлево.
28. И се исполни Писмото кое вели: "И Го вброија меѓу злосторници."
29. А минувачите Му се ругаа, вртејќи со своите глави, велејќи: "Еј! Ти што го уриваш Храмот и го изградуваш за три дни,
30. спаси Се Себеси и слези од крстот!"
31. Слично се подбиваа првосвештениците, заедно со закониците, говорејќи еден на друг: "Другите ги спаси, а Себеси не може да се спаси!
32. Христос - Царот на Израел! Нека слезе сега од крстот, та да видиме и да поверуваме!" Го навредуваа и тие што беа распнати со Него.
33. А во шестиот час, настана темнина по сета земја, сè до деветтиот час.
34. А во деветтиот час, Исус извика со силен глас: "Елои, Елои, Лама Сабахтани!"- што значи: "Боже мој, Боже мој, зошто Ме напушти!"
35. Штом го чуја тоа, некои од тие што стоеја таму, рекоа: "Ете, го вика Илија!"
36. И еден отрча и натопи сунѓер во оцет, го надена на трска и Му даде да пие, велејќи: "Оставете Го да видиме дали ќе дојде Илија да Го симне!"
37. Исус извика со силен глас и издивна.
38. А завесата во светилиштето се расцепи надве, озгора додолу.
39. А кога виде стотникот, кој стоеше спроти Него дека издивна, рече: "Навистина, Овој човек беше Божјиот Син!"
40. А оддалеку гледаа и жени, меѓу кои беше Марија од Магдала, Марија мајката на Јаков малиот и на Јосиј, и Салома,
41. кои одеа по Него кога беше во Галилеја, Го следеа и Му служеа, и многу други, кои дојдоа со Него во Ерусалим.
42. А кога веќе се свечери, бидејќи беше време за подготовка, односно ден спроти Сабат,
43. дојде Јосиф од Ариматеја, почитуван советник, кој и самиот го чекаше Божјото царство, се осмели и влезе кај Пилат и го побара Исусовото тело.
44. А Пилат се зачуди дека веќе починал, па го повика стотникот и го праша дали е одамна починат.
45. А штом дозна од стотникот, му го даде мртвото тело на Јосиф.
46. Тој купи ленено платно, Го симна, Го завитка во платното и Го положи в гроб, што беше издлабен во карпа, и навали камен пред влезот на гробот.
47. А Марија од Магдала и Марија мајката на Јосиј видоа каде Го положија.

  Mark (15/16)