Mark (14/16)  

1. Два дни пред Пасхата и празникот на Бесквасните лебови, првосвештениците и закониците размислуваа како да Го фатат на измама и да Го убијат,
2. арно ама зборуваа: "Не на празникот, за да не се побуни народот."
3. И кога беше во Бетанија, во куќата на Симон лепрозниот, додека беше прилегнат крај трпезата, дојде една жена, која носеше сад од алабастер, со чисто скапоцено нардово миро. Таа го скрши садот од алабастер и го излеа мирото врз Неговата глава.
4. А некои негодуваа, говорејќи меѓу себе: "Зошто мирото вака се растура!
5. Мирото можеше да биде продадено за повеќе од триста денарии и да им се дадат на сиромасите!" Така негодуваа против неа.
6. Но Исус рече: "Оставете ја! Зошто и додевате? Таа Ми направи добро дело.
7. Бидејќи сиромасите ги имате секогаш со вас, можете да им правите добро кога ќе посакате, а Мене Ме немате секогаш.
8. Тоа што можеше, таа го стори: Го помаза Моето тело за погребување.
9. И вистина ви велам, каде и да биде проповедано Евангелието, по целиот свет, ќе се раскажува што направи таа, во нејзин спомен."
10. А Јуда Искариот, еден од дванаесеттемина, отиде кај првосвештениците, за да им Го предаде.
11. Тие, кога го чуја тоа, се зарадуваа и му ветија да му дадат сребреници. А тој бараше згодна можност за да Го предаде.
12. А во првиот ден на Бесквасните лебови, кога колеа за Пасхата, Неговите ученици Му рекоа: "Кај сакаш да појдеме и да приготвиме за да ја јадеш Пасхата?"
13. Тој испрати двајца од Своите ученици и им рече: "Појдете во градот и ќе ве сретне човек кој носи вода во стомна. Одете по него,
14. и каде што ќе влезе речете му на домаќинот: 'Учителот праша: "Кај е Мојата гостинска соба, каде што ќе ја јадам Пасхата со Моите ученици?"'
15. И тој ќе ви покаже суредена голема горна соба. Пригответе ни таму!"
16. Неговите ученици излегоа и отидоа во градот, и најдоа како што Тој им беше рекол, па ја приготвија Пасхата.
17. А кога се свечери, дојде со дванаесеттемина.
18. И кога беа испоседнати крај трпезата и јадеа, Исус им рече: "Bистина ви велам, еден од вас, којшто јаде со Мене, ќе Ме предаде."
19. Тие се нажалија и почнаа да Му велат еден по еден: "Да не сум јас?"
20. А Тој им рече: "Еден е од дванаесеттемина, кој макна од Мојава чинија.
21. Синот Човеков си оди, како што е напишано за Него, но тешко му на тој човек, преку кого Синот Човеков ќе биде предаден. За тој човек подобро ќе беше да не се родил."
22. И кога јадеа, зеде леб, благослови, го раскрши, им го раздаде и рече: "Земете, ова е Моето тело."
23. Ја зеде чашата, заблагодари и им ја даде, и сите пиеја од неа.
24. И им рече: "Ова е Мојата крв на Заветот, која е пролеана за мнозина.
25. Bистина ви велам: не ќе пијам веќе од лозовиот плод сè до оној ден кога ќе пијам од новиот во Божјото царство."
26. И откако испеаја песна, излегоа на Маслиновата Гора.
27. Исус им рече: "Сите ќе се соблазните, зашто е напишано: - Ќе го удрам пастирот, и овците ќе се разбегаат.'
28. А по Моето воскресение, пред вас ќе отидам во Галилеја."
29. Петар Му рече: "И ако сите се соблазнат, јас не ќе го сторам тоа."
30. Исус му рече: "Bистина ти велам дека денес, ноќеска, пред петелот да запее двапати, ти трипати ќе се откажеш од Мене."
31. Но тој уште поупорно зборуваше: "Ако треба и да умрам со Тебе, нема да се откажам од Тебе!" И сите го велеа истото.
32. Потоа дојдоа до местото, по име Гетсеманија, па им рече на Своите ученици: "Седете тука, додека се молам!"
33. И ги зеде со Себе: Петар, Јаков и Јован, и Го обзеде тага и голема мака.
34. И им рече: "Мојата душа е нажалена до смрт; останете тука и бдејте!"
35. И отиде малку подалеку, падна ничкум наземи и се молеше, ако е можно, да Го одмине тој час,
36. и велеше: "Аба, Татко! За Тебе сè е можно. Тргни ја од Мене оваа чаша! Но, не како Јас што сакам, туку како што сакаш Ти!"
37. И дојде и ги најде како спијат, и му рече на Петар: "Симоне, спиеш ли? Не можете ли да бдеете еден час?
38. Бдејте и молете се, за да не паднете во искушение! Духот е бодар, но телото е немоќно."
39. И пак отиде, и се помоли, изговарајќи ги истите зборови.
40. Кога се врати, пак ги најде како спијат, зашто очите им беа натежнале, и не знаеја што да му одговорат.
41. Дојде и по третпат и им рече: "Сè уште спиете и почивате?" Доста е, дојде часот! Еве, Го предаваат Синот Човеков во раце на грешници.
42. Станете, да одиме! Еве, наближува Мојот предавник!"
43. И веднаш, додека Тој уште зборуваше, дојде Јуда - еден од дванаесеттемина, и со него мнозина, со мечови и со стапови, пратени од првосвештениците, закониците и старешините.
44. А Неговиот предавник им беше дал знак, велејќи: "Оној што ќе Го целивам, Тој е, Него фатете Го и одведете Го под стража."
45. И кога дојде, веднаш Му пристапи и рече: "Раби!" И забележливо Го целива.
46. А тие ставија раце на Него и Го фатија.
47. Еден од оние што стоеја таму го извлече мечот и го удри слугата на првосвештеникот, отсекувајќи му го увото.
48. Исус пак одговори, велејќи им: "Излеговте како пред разбојник, со мечови и стапови, за да Ме фатите!
49. Секој ден бев со вас во Храмот и поучував, а не Ме фативте. Но, ова се случи за да се исполнат Писмата!"
50. Тогаш, сите Го оставија и се разбегаа.
51. А по Него одеше еден млад човек, наметнат со платно на голото тело, и го зграпчија;
52. но тој го остави платното и избега гол од нив.
53. Го одведоа Исус кај врховниот свештеник, и се собраа сите првосвештеници, старешини и законици.
54. А Петар Го следеше оддалеку, сè до влегувањето во дворот на врховниот свештеник. Тука седна со слугите и се грееше крај огнот.
55. А првосвештениците и целиот совет бараа сведоштво против Исус, за да Го убијат, но не најдоа.
56. Зашто мнозина сведочеа лажно против Него, но сведоштвата не им се совпаѓаа.
57. Некои станаа и сведочеа лажно против Него, велејќи:
58. "Ние Го чувме како зборува: 'Ќе го урнам овој ракотворен Храм и за три дни ќе изградам друг - неракотворен.'"
59. Но, ни така нивните сведоштва не се совпаѓаа.
60. Тогаш врховниот свештеник стана на средина и Го праша Исус, велејќи Му: "Ништо ли нема да одговориш? Што сведочат овие против Тебе?"
61. А Тој молчеше и ништо не одговори. Bрховниот свештеник повторно Го праша: "Ти ли си Христос, Синот на Благословениот?"
62. А Исус рече: "Јас Сум; и ќе Го видите Синот Човеков како седи оддесно на Силата и како доаѓа со небесните облаци."
63. Тогаш врховниот свештеник ја раскина својата облека и рече: "Зошто ни се потребни други сведоци?
64. Ја чувте хулата! Како ви изгледа?" А сите тие пресудија дека заслужува смрт.
65. И некои почнаа да Го плукаат и да Му го покриваат лицето, да Го удираат со тупаници и да Му велат: "Проречи!" А присутните Го удираа по образите.
66. Кога Петар беше долу, во дворот, дојде една од слугинките на врховниот свештеник;
67. и кога го виде Петар, како се грее, го погледна и му рече: "И ти беше со Исус Назареќанецот!"
68. Но тој одрече, велејќи: "Ниту знам, ниту разбирам што зборуваш!" И излезе надвор во предворјето.
69. А слугинката го виде и почна пак да им зборува на оние, кои стоеја таму: "И овој е еден од нив!"
70. А тој повторно одрече. Подоцна, оние, кои стоеја таму, пак му рекоа на Петар: "Навистина си еден од нив, зашто и ти си Галилеец."
71. А тој почна да проколнува и се заколна: "Не Го познавам човекот за Кого зборувате."
72. И веднаш петелот запеа вторпат. А Петар се сети на зборовите што му ги рече Исус: "Пред петелот да запее двапати, трипати ќе се откажеш од Мене." И кога помисли на тоа, заплака.

  Mark (14/16)