Mark (13/16)  

1. И кога излегуваше од Храмот, еден од Неговите ученици Му рече: "Учителе! Гледај - какви прекрасни камења и какви зданија!"
2. А Исус му рече: "Ги гледаш ли овие големи градби? Нема да остане камен на камен, што не ќе биде разурнат."
3. И кога седеше на Маслиновата Гора, спроти Храмот, Петар, Јаков, Јован и Андреј Го прашаа насамо:
4. "Кажи ни кога ќе се случи тоа, и каков ќе биде знакот кога сето тоа ќе се исполни?"
5. А Исус почна да им зборува: "Bнимавајте некој да не ве измами!
6. Мнозина ќе дојдат во Мое име и ќе речат: 'Јас Сум' - и ќе измамат многумина.
7. А кога ќе чуете за војни и гласови за војни, не плашете се! Зашто така треба да биде, но тоа уште не е крајот;
8. зашто ќе се крене народ против народ и царство против царство, ќе има земјотреси на разни места, и ќе има глад. Тоа е почетокот на породилните болки.
9. Но вие, чувајте се! Ќе ве предаваат на судовите и ќе ве тепаат во синагогите, пред управници и цареви ќе стоите поради Мене, ним за сведоштво.
10. Најнапред Евангелието треба да им биде проповедано на сите народи.
11. А кога ќе ве поведат и ве предадат, не грижете се однапред што ќе зборувате; туку она што ќе ви биде дадено во тој час, зборувајте го тоа, зашто нема да зборувате вие, туку Светиот Дух.
12. И брат братот свој ќе го предаде на смрт, и татко - своето чедо. И децата ќе станат против родителите и ќе ги убиваат.
13. И сите ќе ве мразат заради Мене, а оној што ќе истрае докрај, ќе биде спасен.
14. А кога ќе видите дека гнасното опустошување стои таму каде што не треба, кој чита, нека разбере, тогаш оние што се во Јудеја нека бегаат по горите!
15. Кој е на покрив, нека не слегува и нека не влегува да земе нешто од својата куќа;
16. а кој е в поле, нека не се враќа да го земе своето наметало.
17. Тешко им на бремените жени и на доилките во тие дни!
18. Молете се, тоа да не биде зиме!
19. Зашто во тие дни ќе има невола каква што немало од почетокот на Божјото создавање, ниту пак ќе има.
20. И ако Господ не ги скуси тие дни, не ќе се спаси ниту еден човек, но заради избраните, што Тој ги избра, ќе ги скрати дните.
21. И ако некој ви рече тогаш: 'Еве, тука е Христос! Ене, таму е!', не верувајте;
22. зашто ќе се појават лажни христоси и лажни пророци и ќе покажат чудотворни знаци и чуда, за да ги измамат избраните, ако е можно.
23. А вие внимавајте! Ете, однапред ви кажав сè!"
24. "Bо тие дни, по тие неволи, сонцето ќе потемни и месечината нема да ја дава својата светлина,
25. ѕвездите ќе паѓаат од небото и небесните сили ќе се разнишаат.
26. И тогаш ќе Го видат Синот Човеков како доаѓа на облаци, со голема сила и слава.
27. Тогаш Тој ќе ги испрати ангелите и ќе ги собере Своите избрани од четирите ветра, од крајот на земјата до крајот на небото."
28. "А од смоквата научете ја оваа споредба: кога нејзината гранка ќе омекне и разлисти, знаете дека летото е близу.
29. Така и вие, кога ќе видите дека се случува ова, знајте дека Тој е близу, пред врата.
30. Bистина ви велам, ова поколение нема да мине додека сето ова не се збидне.
31. Небото и земјата ќе поминат, но Моите зборови нема да поминат."
32. "А за оној ден и час, никој не знае: ни ангелите на небото, ниту Синот, туку само Таткото."
33. "Бдејте и молете се! Зашто не знаете, кога ќе биде времето!
34. Тоа е како човек, кој тргнувајќи на пат го остава својот дом и ги овластува своите слуги, секому определувајќи му ја работата, а на вратарот му наредува да бдее.
35. И така, бдејте, зашто не знаете кога ќе дојде господарот на домот: приквечер или на полноќ, кога петлите ќе пропеат или наутро,
36. за да не дојде одненадеж и да ве најде заспани.
37. А она што ви го зборувам вам, на сите им го зборувам: бдејте!"

  Mark (13/16)