Mark (12/16)  

1. И почна да им говори во споредби: "Еден човек насади лозје, го загради со плет, ископа место за гмечало, изгради кула и го даде под наем на лозарите, па замина.
2. А кога дојде време, испрати слуга кај лозарите да прими од нив дел од плодот на лозјето.
3. Но тие го фатија, го претепаа и го пуштија со празни раце.
4. И пак им испрати друг слуга, а овега го ранија во главата и го навредуваа.
5. Тој испрати и трет, а него го убија; така се случи и со мнозина други: едни претепаа, а други убија.
6. Имаше тој и син кој му беше многу милен. Него го испрати последен кај нив, велејќи: 'Ќе имаат почит спрема мојот син!'
7. Но, лозарите си рекоа меѓу себе: 'Овој е наследникот! Ајде да го убиеме и наследството ќе биде наше.'
8. И го фатија, го убија и го исфрлија надвор од лозјето.
9. И така, што ќе направи сега господарот на лозјето? Ќе дојде и ќе ги погуби лозарите, а лозјето ќе го даде на други.
10. Зар не сте ги прочитале овие зборови во Писмото: 'Каменот што го отфрлија ѕидарите, стана темелен камен;
11. тоа е од Господ и прекрасно е во нашите очи!"
12. А тие демнеа да Го фатат, но се плашеа од народот, зашто разбраа дека за нив ја кажа таа споредба. И така, Го оставија и си отидоа.
13. Тогаш испратија некои од фарисеите и иродовците, за да Го фатат за збор.
14. Тие дојдоа и Му рекоа: "Учителе, знаеме дека ја зборуваш вистината и дека не се плашиш од никого, зашто не гледаш кој е кој, туку вистинито поучуваш за Божјиот пат. Треба ли да му се дава данок на цезарот или не? Да даваме или да не даваме?"
15. А Тој, знаејќи го нивното лицемерство, им рече: "Зошто Ме искушувате? Донесете ми да видам еден денариј!"
16. А тие Му донесоа. И им рече: "Чиј е овој лик и натпис?" Тие рекоа: "На цезарот."
17. Исус им рече: "Дајте му го цезаревото на цезарот, а Божјото на Бог." И тие Му се восхитуваа.
18. Дојдоа кај Него садукеите, кои велат дека нема воскресение, па Го прашаа, велејќи:
19. "Учителе, Мојсеј ни напиша: 'Ако некому умре брат и остави жена, а не остави потомок, неговиот брат да ја земе жена му и да му воздигне потомство на својот брат.'
20. Беа седуммина браќа. Првиот ја зеде жената и умре, а не остави потомок.
21. И вториот ја зеде и умре, а не остави потомок. И третиот исто така.
22. Седумтемина не оставија потомство. А по сите умре и жената.
23. По воскресението, кога ќе воскреснат, на кого од нив ќе му припадне жената, зашто седумтемина ја имаа за жена?"
24. Исус им рече: "Зарем не грешите, затоа што не ги знаете ни Писмата, ниту Божјата сила?
25. Кога ќе воскреснат од мртвите, ниту ќе се женат, ниту ќе се мажат, туку ќе бидат како ангелите на небото.
26. А за мртвите, дека ќе воскреснат, не читавте ли во Мојсеевата книга како Бог му рече кај капината: 'Јас Сум Богот на Авраам, Богот на Исак и Богот на Јаков'?
27. Тој не е Бог на мртвите, туку на живите! Bо заблуда сте!"
28. Пристапи еден од закониците, кој чу како се препираат, а знаејќи дека им одговори добро, Го праша: "Која е прва од сите заповеди?"
29. Исус одговори: 'Првата е: 'Слушај, о Израеле: Господ, нашиот Бог, е единствен Господ,
30. и љуби Го Господ својот Бог со сето свое срце, со сета своја душа, со сиот свој разум и со сета своја сила!'
31. А ова е втората: 'Љуби го својот ближен како себеси!' Друга заповед, поголема од овие, нема."
32. А законикот Му рече: "Точно, Учителе! Ја кажа вистината дека Бог е еден, и нема друг освен Него,
33. и да Го љубиш Него со сето срце, со сиот разум и со сета сила, и да го љубиш ближниот како себеси - тоа е многу повеќе од сите жртви паленици и приноси."
34. А Исус кога виде дека одговори разумно, му рече: "Не си далеку од Божјото царство." И никој повеќе не се осмели да Го праша.
35. Потоа Исус зборуваше, поучувајќи во Храмот: "Зошто велат закониците дека Христос е Давидов Син?
36. Самиот Давид рече преку Светиот Дух: 'Му рече Господ на мојот Господ: - Седни од Мојата десна страна, додека не ги соборам Твоите непријатели под нозете Твои.'
37. Самиот Давид Го нарекува Него 'Господ' - како може тогаш да му биде син?" И многу народ Го слушаше со задоволство.
38. А во Својата поука рече: "Чувајте се од закониците, кои сакаат да одат во долги облеки; да бидат поздравувани по пазариштата;
39. да имаат први места во синагогите, и почесни места на гоштавките,
40. кои ги подјадуваат домовите на вдовиците, и навидум долго се молат - тие ќе бидат судени построго!"
41. И Тој седна спроти ковчежето за прилози и гледаше како народот пушта пари во него, а мнозина богати пуштаа многу.
42. Потоа дојде една бедна вдовица и пушти внатре две парички, односно еден кодрант.
43. Тогаш ги повика Своите ученици и им рече: "Bистина ви велам, дека беднава вдовица даде повеќе од сите што пуштаа во ковчежето.
44. Зашто сите одделија од тоа што им е премногу, а таа од својата немаштина - пушти сè што имаше за живеачка."

  Mark (12/16)