Mark (10/16)  

1. И стана оттаму и дојде во пределите на Јудеја, од онаа страна на Јордан; и пак народот Му се придружи, а Тој повторно ги поучуваше, според Својот обичај.
2. Му пристапија фарисеите и Го прашаа, за да Го искушуваат: "Дали е дозволено мажот да ја остави жената?"
3. А Тој им одговори, велејќи: "Што ви заповеда Мојсеј?"
4. Тие рекоа: "Мојсеј дозволи да и се напише разводна книга и да се отпушти."
5. Но Исус им рече: "Заради вашето закоравено срце тој ви ја напиша таа заповед.
6. Но, во почетокот на создавањето, Бог ги создаде како машко и женско.
7. Затоа човекот ќе ги остави татка си и мајка си
8. и двајцата ќе станат едно тело. И така, не се веќе две, туку едно тело.
9. Затоа, она што Бог го соединил, човекот да не го раздвојува."
10. И во куќата, учениците пак го прашаа за тоа.
11. А Тој им рече: "Кој ќе ја напушти својата жена и се ожени со друга, чини прељуба спроти неа.
12. И ако таа го напушти мажот и се омажи за друг, прави прељуба."
13. И Му носеа деца, за да ги допре, а учениците ги прекоруваа.
14. Кога, пак, Исус го виде тоа, негодуваше и им рече: "Оставете ги децата да дојдат кај Мене. Не бранете им, зашто на таквите им припаѓа Божјото царство!
15. Bистина ви велам, кој не го прима Божјото царство како мало дете, нема да влезе во него."
16. И ги гушна и ги благослови, положувајќи ги рацете врз нив.
17. Кога излегуваше на пат, притрча еден, клекна пред Него и Го праша: "Добар Учителе, што да правам за да наследам вечен живот?"
18. А Исус му рече: "Зошто Ме нарекуваш добар! Никој не е добар освен самиот Бог.
19. Ги знаеш заповедите: Не убивај! Не чини прељуба! Не кради! Не сведочи лажно! Не мами! Почитувај го таткото свој и мајката своја!"
20. Но тој Му одговори: "Учителе, за сето тоа се застапував од својата младост."
21. А Исус го погледна, му стана мило и му рече: "Едно ти недовтасува: оди, продај сè што имаш, и раздај им го на сиромасите, па ќе имаш богатство на небото! И дојди, следи Ме!"
22. А тој се натажи од овие зборови и си замина нажален, зашто имаше многу имот.
23. Исус погледна наоколу и им рече на учениците: "Колку е тешко богатите да влезат во Божјото царство!"
24. А тие се вчудовидоа од Неговите зборови. Но Исус пак проговори и им рече: "Чеда, колку е тешко да се влезе во Божјото царство!
25. Полесно и е на камилата да се протне низ иглени уши, отколку богат да влезе во Божјото царство!"
26. А тие се зачудија уште повеќе, велејќи си еден на друг: "Тогаш, кој може да биде спасен?"
27. Исус ги погледна и им рече: "За луѓето тоа е невозможно, но не и за Бог, зашто со Бог сè е можно!"
28. Петар почна да Му зборува: "Гледај, ние оставивме сè и тргнавме по Тебе!"
29. Но Исус, пак, одговори, велејќи: "Bистина ви велам: нема никој, кој ќе остави куќа или браќа, или сестри, или мајка или татко, или деца, или ниви, заради Мене и заради Евангелието,
30. а да не прими, сега стократно, во ова време: куќи, и браќа, и сестри, и мајки, и деца и ниви - со прогонства - а во идниот век, вечен живот.
31. Но мнозина први ќе бидат последни, а последните - први."
32. Кога одеа по патот, искачувајќи се кон Ерусалим, Исус одеше пред нив, а тие беа вџашени, додека оние кои Го следеа беа исплашени. И пак ги одвои дванаесеттемина и почна да им раскажува што ќе Му се случи:
33. "Еве, одиме горе во Ерусалим и Синот Човеков ќе им биде предаден на првосвештениците и на закониците и тие ќе Го осудат на смрт и ќе Го предадат на неевреите;
34. и ќе Му се ругаат, ќе Го плукаат, ќе Го камшикуваат и ќе Го убијат, а Тој по три дена ќе воскресне."
35. И Му пристапија Јаков и Јован, Зебедеевите синови, и Му рекоа: "Учителе, сакаме да направиш за нас сè што ќе побараме од Тебе."
36. А Тој ги праша: "Што сакате да направам за вас?"
37. Тие пак Му рекоа: "Дозволи ни да седнеме еден оддесно, а друг одлево до Тебе во Твојата слава!"
38. А Исус им рече: "Не знаете што барате! Можете ли да ја пиете чашата што Јас ја пијам или да бидете крштавани со крштавањето со кое Јас сум крштаван?"
39. Тие Му одговорија: "Можеме!" Но Исус им рече: "Ќе ја пиете чашата што Јас ја пијам и ќе бидете крштавани со крштавањето со кое Јас се крштавам;
40. но да се седне оддесно или одлево до Мене, тоа не го дозволувам Јас, а ќе им се дозволи на оние за кои е приготвено."
41. А десеттемина кога чуја, почнаа да негодуваат против Јаков и Јован.
42. Но Исус ги повика кај Себе и им рече: "Знаете дека оние што се сметаат за владетели на народите - господарат над нив; и дека нивните големци имаат власт над нив.
43. Но меѓу вас не е така. Кој сака да биде голем меѓу вас нека ви биде слуга!
44. А кој сака да биде прв меѓу вас, нека ви биде слуга на сите,
45. зашто и Синот Човеков не дојде да Му служат, туку да служи и да ја даде Својата душа за откуп на мнозина!"
46. И дојдоа во Ерихон. А кога излегуваше од Ерихон со Своите ученици и со едночудо луѓе, Бартимеј, Тимеевиот син, слеп питач, седеше крај патот.
47. И штом чу дека тоа е Исус Назареќанецот почна да вика, велејќи: "Исусе, сине Давидов, смилувај ми се!"
48. А мнозина му се закануваа да молчи, но тој викаше уште посилно: "Сине Давидов, смилувај ми се!"
49. Исус застана и рече: "Bикнете го!" И го викнаа слепиот и му рекоа: "Не плаши се! Стани, те вика!"
50. А тој ја фрли својата наметка, скокна и дојде кај Исус.
51. Исус пак проговори: "Што сакаш да направам за тебе?" А слепиот Му одговори: "Учителе, да прогледам!"
52. Тогаш Исус му рече: "Оди си - твојата вера те исцели!" И веднаш прогледа и тргна по Него, следејќи Го Неговиот пат.

  Mark (10/16)