Luke (8/24)  

1. Потоа, одеше по градовите и селата, навестувајќи и проповедајќи го Божјото царство. А со Него беа дванаесеттемина
2. и некои жени, кои беа исцелени од зли духови и болести: Марија од Магдала, од која беа излегле седум демони;
3. и Јоана, жената на Иродовиот управител Хуза, Сузана и многу други кои ги помагаа со лични средства.
4. Откако се собра едночудо народ и кога луѓе од сите градови дојдоа кај Него, Им рече во споредба:
5. "Излезе сејач да сее семе. И додека сееше - едно падна крај патот, го изгазија и небесните птици го исколваа.
6. Друго пак падна на камен, изникна и се исуши зашто немаше влага.
7. Трето падна сред трње и трњето, растејќи со него, го задушија.
8. А четврто падна на добра земја, изникна и донесе стократен плод." Кога го рече тоа, извика: "Кој има уши да слуша, нека слуша!"
9. А Неговите ученици Го прашаа што значи оваа споредба?
10. Тој им рече: "Bам ви е дадено да ги знаете тајните на Божјото царство; а на другите им се даваат во споредби, така што гледајќи, да не гледаат и слушајќи да не разбираат.
11. А оваа споредба значи: семето е Божјото слово.
12. Оние крај патот, тие го слушнале, потоа доаѓа ѓаволот и им го зема словото од нивните срца, за да не поверуваат и да не се спасат.
13. На камен се оние кои, штом ќе го слушнат, со радост го примаат словото, но ни тие немаат корен; веруваат некое време, но отпаѓаат во времето на искушенија.
14. Паднатото меѓу трње, тоа се оние кои слушале и кога ќе си отидат ги задушуваат грижите, богатството и световните наслади, и не донесуваат зрел плод.
15. А она на добрата почва, тоа се оние кои ќе го слушнат словото, го чуваат во добро и чисто срце и донесуваат плод со истрајност."
16. "Никој, кој запалил светилка, не ја покрива со поклопка, ниту ја става под леглото, туку ја става на свеќник, за да ја видат светлината оние кои влегуваат.
17. Зашто нема ништо тајно, што не ќе стане јавно, ниту скриено, што не ќе се разбере и излезе на видело.
18. И така, внимавајте како слушате! Зашто, кој има, ќе му се даде, кој нема, ќе му се одземе и она што му се чини дека го има."
19. Мајка Му и Неговите браќа дојдоа кај Него, но не можеа да Му се приближат поради множеството народ.
20. А некој Му јави: "Мајка Ти и Твоите браќа стојат надвор и сакаат да Те видат."
21. А Тој им одговори и рече: "Моја мајка и Мои браќа се оние кои го слушаат Божјото слово и го извршуваат."
22. А еден ден, Тој влезе во кораб со Своите ученици и им рече: "Да минеме од другана страна на езерово!" И отпловија.
23. А Тој заспа додека пловеа. Тогаш над езерото се спушти бура и коработ почна да се полни со вода, та се најдоа во опасност.
24. Дојдоа и Го разбудија, велејќи: "Господаре, Господаре! Гинеме!" А Тој се разбуди, го прекори ветрот и големите бранови и тие престанаа, па сè стивна.
25. А ним им рече: "Каде ви е верата?" А тие, уплашени, се чудеа и си рекоа еден на друг: "Кој е Овој што им заповеда дури и на ветровите и на водата, а тие Го слушаат?"
26. И допловија до Гадаринскиот крај, спроти Галилеја.
27. А кога излезе на копно, Го сретна еден човек од градот, кој беше опседнат со демони, и долго време не носеше облека, ниту живееше во куќа, туку во гробовите.
28. Кога Го виде Исуса, извика, падна пред Него и рече гласно: "Што имам со Тебе, Исусе, Сине на Сèвишниот Бог? Те молам, не мачи ме!"
29. Bсушност му беше заповедал на нечистиот дух да излезе од човекот, кого честопати го напаѓаше, така што го врзуваа со вериги и го држеа во окови, и го чуваа под стража, но тој ги раскинуваше оковите и демонот го гонеше по пустините.
30. Исус го праша: "Како се викаш?" Тој рече: "Легион", зашто многу демони беа влегле во него.
31. И Го замолија да не им наредува да одат во бездната.
32. А таму по ридот имаше големо крдо свињи што пасеа. Демоните Го преколнуваа да им дозволи да влезат во свињите и Тој им дозволи.
33. И откако демоните излегоа од човекот, влегоа во свињите, и тие се урнаа низ стрмнината во езерото и се удавија.
34. А кога свињарите видоа што се случи, избегаа и јавија за тоа во градот и по селата.
35. Луѓето излегоа да видат што се случи, па дојдоа кај Исус и го најдоа човекот од кого излегоа демоните како седи до Исусовите нозе, облечен и разумен, и се исплашија.
36. А очевидците им раскажаа како беше ослободен опседнатиот.
37. И сиот народ од Гадаринската околина Го замоли да си замине, зашто го опфати голем страв. Тој пак влезе во коработ и се врати.
38. А човекот од кого излегоа демоните Го молеше да остане со Него. Но Тој го отпушти, велејќи:
39. "Оди си дома и раскажувај какво големо нешто ти стори Бог!" И си отиде разгласувајќи по целиот град што му направи Исус.
40. А кога се врати Исус, народот Го пречека, зашто сите Го очекуваа.
41. И ете, дојде човек, по име Јаир, кој беше настојник на синагогата, падна пред Исусовите нозе и Го молеше да дојде во неговата куќа,
42. зашто имаше ќерка единица, на околу дванаесет години, која беше на умирачка. Кога одеше, народот се туркаше околу Него.
43. Една жена која страдаше дванаесет години од крвавење, а никој не можеше да ја излекува,
44. Му пристапи одзади и се допре до работ од Неговата наметка, и веднаш прекрати крвавењето.
45. А Исус рече: "Кој ме допре?" И додека сите одрекуваа, Петар рече: "Господаре, многу народ Те турка и притиска."
46. Исус пак рече: "Некој ме допре, зашто почувствував дека сила излезе од Мене."
47. А штом жената виде дека не може да се скрие, пристапи треперејќи, падна пред Него и кажа пред сиот народ, зошто се допрела до Него и како оздравела веднаш.
48. А Тој и рече: "Ќерко, твојата вера те исцели. Оди си со мир!"
49. Додека Тој уште зборуваше, дојде некој од куќата на настојникот и рече: "Ќерка ти умре, не додевај Му повеќе на Учителот!"
50. Штом Исус чу, му рече: "Не плаши се! Само верувај и ќе и биде добро."
51. А кога дојде во куќата, не дозволи никому да влезе со Него, освен на Петар, Јован и Јаков, и на таткото и мајката на девојчето.
52. Сите плачеа и тажеа по неа. Тој им рече: "Не плачете, зашто не е мртва, туку спие!"
53. Тие Му се потсмеваа зашто знаеја дека е умрена.
54. А Тој ја фати нејзината рака и извика: "Чедо, стани!"
55. Духот и се врати, и стана веднаш, и Тој нареди да и дадат да јаде.
56. Нејзините родители се стаписаа, а Тој им заповеда никому да не кажуваат за тоа што се случило.

  Luke (8/24)