Luke (6/24)  

1. Еден саботен ден се случи да минува низ посевите, а Неговите ученици кинеа класје, ги триеја со рацете и јадеа.
2. А некои од фарисеите рекоа: "Зошто го правите тоа што не е според законот да се прави во саботен ден?"
3. Исус одговори и им рече: "Зар не сте читале што стори Давид кога огладне тој и оние кои беа со него,
4. како влезе во Божјиот дом, ги зеде посветените лебови и јадеше, кои никому не е дозволено да ги јаде освен свештениците, и им даде и на оние кои беа со него.
5. Потоа им рече: "Синот Човеков е Господар на саботата."
6. Bо една друга сабота, влезе во синагогата и поучуваше, а таму имаше и еден човек чија десна рака беше исушена.
7. А закониците и фарисеите Го набљудуваа дали ќе исцелува во сабота, за да можат да Го обвинат.
8. Но, Тој ги знаеше нивните мисли и му рече на човекот со исушена рака: "Стани и дојди напред!" Тој стана и се исправи.
9. А Исус им рече: "Bе прашувам: што е дозволено да се прави во сабота, добро или зло? Да се спаси живот или да се погуби?"
10. И ги изгледа сите наоколу, па му рече: "Протегни ја раката!" А тој стори така, и раката му оздраве.
11. А тие се исполнија со јарост и се договараа меѓу себе што би можеле да Му направат на Исус.
12. Bо тие дни се искачи на гората, за да се моли и ја помина ноќта молејќи Му се на Бог.
13. А кога се раздени, ги повика Своите ученици и од нив избра дванаесетмина, кои ги нарече апостоли:
14. Симон, кого го нарече Петар, и брат му Андреј, Јаков и Јован, Вилип и Бартоломеј,
15. Матеј и Тома, Јаков Алфеев и Симон, наречен Зилот; Јуда Јаковов
16. и Јуда Искариот, кој стана предавник.
17. И кога слезе заедно со нив, застана на едно рамно место, и имаше многу Негови ученици и едночудо народ од цела Јудеја и од Ерусалим, од Тирското и Сидонското крајбрежје,
18. кои дојдоа да Го чујат и да бидат исцелени од нивните болести, а оздравуваа и оние кои беа измачувани од нечисти духови.
19. И целиот народ сакаше да се допре до Него, зашто од Него излегуваше сила и ги исцелуваше сите.
20. Тој ги поткрена очите кон Своите ученици и рече: "Блажени сте вие бедните, зашто ваше е Божјото царство!
21. Блажени сте вие кои гладувате сега, зашто ќе се наситите! Блажени сте вие кои плачете сега, зашто ќе се смеете!
22. Блажени сте кога луѓето ќе ве мразат, кога ќе ве одбегнуваат, навредуваат и зборуваат лошо за вас,заради Синот Човеков!
23. Радувајте се во тој ден и ликувајте, зашто, ете, голема е вашата награда на небото. Бидејќи нивните татковци им го правеа истото на пророците.
24. Но, тешко вам, богати, зашто наполно ја примивте вашата утеха.
25. Тешко вам кои сте сити сега, зашто ќе гладувате. Тешко вам кои се смеете сега, зашто ќе жалите и ќе плачете.
26. Тешко вам кога сите луѓе ќе зборуваат добро за вас, зашто нивните татковци им правеа така на лажните пророци.
27. "Но, вам, кои слушате, ви велам: Љубете ги своите непријатели, правете им добро на оние кои ве мразат.
28. Благословувајте ги оние кои ве колнат, молете се за оние кои ве навредуваат.
29. На оној кој ќе те плесне по едниот образ, заврти му го и другиот, и на тој што ти ја зема наметката, не задржувај му ја ни кошулата.
30. Дај му на секој кој бара од тебе. И не барај го назад своето од оној што земал од тебе.
31. И како што сакате да ви прават луѓето вам, така правете им и вие ним.
32. И ако ги љубите оние што ве љубат вас, во што ви е пофалбата? И грешниците ги љубат оние кои ги љубат нив.
33. И ако им правите добро на оние што вам ви прават добро, во што ви е пофалбата? И грешниците го прават истото.
34. И ако им позајмувате на оние од кои се надевате дека ќе добиете, каква ви е благодарноста? И грешниците им позајмуваат на грешниците, за да си го вратат даденото.
35. Туку, љубете ги своите непријатели, правете им добро и позајмувајте им без да очекувате нешто да ви се врати. А вашата награда ќе биде голема и ќе бидете синови на Севишниот, зашто Тој е благ кон неблагодарните и злите.
36. Бидете милостиви како што и вашиот Татко е милостив.'
37. "Не судете и нема да бидете судени, и не осудувајте и нема да бидете осудувани. Проштавајте и ќе ви биде простено!
38. Давајте и ќе ви се даде: добра мера - набиена, протресена, преполнета, ќе ви биде дадена во скутот, зашто со каква мера мерите, со таква ќе ви се одмери. "
39. А им кажа и споредба: "Може ли слеп човек да води слеп? Зар не ќе паднат обајцата в јама?
40. Нема ученик над својот учител, секој кој ќе се усоврши ќе биде како Неговиот учител.
41. Зошто ја гледаш раската во окото на својот брат, а не ја забележуваш гредата во своето око?
42. Како можеш да му речеш на брата си: 'Брате, дозволи ми да ја извадам раската од твоето око!', а сам не ја гледаш гредата во твоето око? Лицемеру, извади ја најнапред гредата од твоето око, па тогаш ќе гледаш јасно како да ја извадиш раската од окото на твојот брат!"
43. "Нема добро дрво што дава лош плод, ниту лошо дрво што дава добар плод.
44. Зашто секое дрво се познава по својот род. Не се берат смокви од трње, ниту грозје од капина.
45. Добриот човек, од добрата ризница на своето срце, изнесува добро, а злиот човек, од лошата ризница изнесува зло, зашто неговата уста зборува од она од што изобилува неговото срце."
46. "И зошто Ме нарекувате: 'Господи! Господи!', а не го вршите она што го велам?"
47. Секој кој доаѓа кај Мене, кој го слуша Моето слово и го исполнува, ќе ви кажам на кого прилега.
48. Тој е како човек, кој гради куќа: ископал длабоко и ги поставил темелите врз карпа, а кога доаѓа поплава, поројот гргнува кон куќата, но не може да ја помрдне, зашто е добро изградена.
49. А кој слуша и не исполнува, прилега на човек, кој изѕидал куќа на почва, без темели. Поројот гргнува кон неа, и таа се урива веднаш, а уривањето на таа куќа е страшно."

  Luke (6/24)