Luke (5/24)  

1. Еднаш, додека народот се туркаше околу Него за да го слуша Божјото Слово, а Тој стоеше крај Генисаретското Езеро,
2. крај брегот забележа два кораба. Рибарите беа излегле од нив и ги плавеа мрежите.
3. Тој влезе во еден од корабите, кој беше на Симон и го замоли да го оддалечи малку од копното. Потоа седна и го поучуваше народот од коработ.
4. А кога прекрати да зборува, му рече на Симон: "Навлези кон подлабокото и фрлете ги мрежите за лов!"
5. Симон Му одговори, велејќи: "Господаре, цела ноќ се трудевме и ништо не уловивме, но на Твој збор, ќе ги фрлиме мрежите."
6. А кога го сторија тоа, уловија многу риби, тики почнаа да им се кинат мрежите.
7. И им дадоа знак на другарите во другиот кораб, за да дојдат и да им помогнат. А тие дојдоа и ги наполнија двата кораба, па почнаа да тонат.
8. Кога Симон Петар го виде тоа, падна пред Исусовите нозе и рече: "Бегај од мене, Господи, зашто сум грешен човек!"
9. Се вчудовидоа тој и сите што беа со него, заради многуте риби што ги уловија,
10. а исто така и Забедеевите синови, Јован и Јаков, кои му беа другари на Симон. А Исус му рече на Симон: "Не плаши се! Отсега ќе ловиш луѓе!"
11. И кога ги извлекоа корабите на суво, оставија сè и тргнаа по Него.
12. Кога беше во еден град, ете, човек, целиот лепрозен, штом Го виде Исуса, падна ничкум и Го преколнуваше, велејќи: "Господи, ако сакаш, можеш да ме исчистиш."
13. Тогаш Тој ја протегна раката, го допре и рече: "Сакам, биди чист!" И веднаш лепрата го напушти.
14. И му заповеда никому да не му кажува, туку му рече: "Оди, покажи му се на свештеникот и принеси жртва за твоето исчистување како што заповеда Мојсеј, ним за сведоштво!"
15. А гласот за Него, сè повеќе се разнесуваше и едночудо народ доаѓаше да Го слуша и да биде исцелен од нивните болести.
16. А Тој честопати се повлекуваше во пустината и се молеше.
17. И кога еден ден поучуваше, седеа фарисеите и закониците, кои беа дојдени од сите галилејски и јудејски села и од Ерусалим. А Господовата сила беше таму со Него за да исцелува.
18. И ете, луѓето донесоа на носила парализиран човек и се обидуваа да го внесат и да го положат пред Него.
19. А бидејќи не најдоа од каде да го внесат, заради толпата, се искачија на покривот и го спуштија низ отвор, сосе носила, насреде пред Исус.
20. Кога ја виде нивната вера, Тој рече: "Човеку, гревовите ти се простени."
21. Тогаш закониците и фарисеите почнаа да се расправаат, велејќи: "Кој е Овој, што богохулствува ? Кој може да простува гревови освен единствениот Бог?"
22. А Исус, знаејќи ги нивните мисли, во одговор им рече: "Зошто размислувате така во своите срца?
23. Што е полесно да се рече: 'Гревовите ти се простени' или 'Стани и оди'!
24. Но, за да знаете дека Синот Човеков има власт на земјата да простува гревови, му рече на парализираниот: "Тебе ти велам, стани, дигни го носилото и оди си дома!"
25. И веднаш стана пред нив, го зеде она на кое лежеше, и си отиде дома славејќи Го Бог.
26. А тие сите се вчудовидоа, Го славеа Бог и исполнети со страв, зборуваа: "Денес видовме чудесни нешта!"
27. Потоа излезе и го забележа даночникот по име Левиј, како седи на местото каде што се собира данок, и му рече: "Оди по Мене!"
28. Тој остави сè, стана и тргна по Него.
29. И Левиј му приреди голема гозба во својот дом, имаше и многу даночници и други прилегнати со нив крај трпезата.
30. А фарисеите и нивните законици негодуваа пред Неговите ученици, велејќи: "Зошто јадете и пиете со даночници и грешници?"
31. Исус одговори и им рече: "Здравите немаат потреба од лекар, туку болните.
32. Не дојдов да ги повикам праведните на покајание, туку грешниците."
33. А тие тогаш Му рекоа: "Јовановите ученици постат често и се молат, како и фарисејските, а Твоите јадат и пијат?"
34. Исус пак им рече: "Можете ли да ги натерате сватовите да постат додека е младоженецот со нив?
35. Но ќе дојдат дни кога младоженецот ќе биде отмен од нив; во тие дни ќе постат."
36. А им ја кажа и оваа споредба: "Никој не кине парче од нова облека, за да ја закрпи старата. Зашто новата ја кине, а на старата не и прилега алтица од новата.
37. И никој не налева ново вино во стари мешини; инаку новото вино ќе ги скине мешините и ќе истече, а мешините ќе пропаднат.
38. Туку ново вино треба да се налева во нови мешини.
39. И никој, откако пиел старо вино, не сака ново, зашто вели: 'Старото е подобро.'"

  Luke (5/24)