Luke (4/24)  

1. А Исус, исполнет со Светиот Дух, се врати од Јордан,
2. и Духот Го водеше во пустината четириесет дена, каде што беше искушуван од ѓаволот. Тие дни ништо не јадеше, а кога поминаа, огладне.
3. Тогаш ѓаволот Му рече: "Ако си Божји Син, кажи му на овој камен да стане леб."
4. А Исус му одговори: "Напишано е дека човекот не ќе живее само од леб."
5. И го одведе на високо и Му ги покажа, во еден миг, сите царства на светот
6. и ѓаволот Му рече: "Ќе ти ја дадам сета власт и сета нивна слава, зашто мене ми е предадена и јас ја давам кому што сакам.
7. Затоа, ако ми се поклониш, сè ќе биде Твое."
8. А Исус одговори и му рече: "Пишано е: 'Поклонувај Му се на Господ твојот Бог, и само Нему служи Му!'"
9. Потоа Го одведе во Ерусалим, Го постави на врвот на Храмот и Му рече: "Ако си Божји Син, фрли се оттука долу,
10. зашто е напишано: 'Ќе им заповеда на Своите ангели, да Те чуваат
11. и ќе Те носат на раце, за да не си ја сопнеш ногата на камен.'"
12. Исус одговори и му рече: "Кажано е: 'Не искушувај Го Господ, Својот Бог.'"
13. И откако ѓаволот заврши со сите искушенија, отстапи од Него за извесно време.
14. Исус се врати во силата на Духот во Галилеја, и гласот за Него се разнесе по целата околина.
15. А Тој поучуваше по нивните синагоги и сите Го прославуваа.
16. Тој дојде во Назарет, каде што беше пораснал. И според Својот обичај влезе во саботен ден во синагогата, и стана да чита.
17. Му го подадоа свитокот на пророкот Исаија, го одвитка и го најде местото каде што беше напишано:
18. "Духот на Господ е врз Мене, зашто Ме помаза и Ме прати да им донесам радосна вест на бедните; да им јавам ослободување на заробените,прогледување на слепите,пуштање на слобода на напатените
19. и да ја навестам благопријатната Господова година."
20. Го смота свитокот, му го врати на служителот и седна, а очите на сите во синагогата беа вперени кон Него.
21. И почна да им зборува: "Денес се исполни ова писмо што го чувте со вашите уши."
22. И сите говореа добро за Него и им се восхитуваа на благодатните зборови што излегуваа од Неговата уста; и велеа: "Не е ли Овој синот на Јосиф?"
23. И им рече: "Бездруго, ќе ми ја кажете поговорката: 'Лекару, исцели се сам!' Направи и тука, во својот роден крај, сè што чувме дека си направил во Капернаум."
24. Тогаш им рече: "Bистина ви велам дека ниеден пророк не е добредојден во својот роден крај.
25. Bистина ви велам, имаше многу вдовици во Израел, во времето на Илија, кога небото беше затворено три години и шест месеци и настана голем глад по целата земја,
26. и кај ниедна од нив не беше пратен Илија, туку само кај жената, вдовица, во Сидонска Сарепта.
27. Исто така, имаше многу лепрозни во Израел во времето на пророкот Елисеј, но ниеден од нив не беше исчистен, освен Сириецот Нааман."
28. А кога го чуја тоа, сите во синагогата се исполнија со гнев
29. и станаа, Го истераа од градот, и Го одведоа до работ на стрмнината на која беше изграден нивниот град, за да Го фрлат долу.
30. Но Тој се мушна меѓу нив и си отиде.
31. И слезе во Капернаум, град во Галилеја, и ги поучуваше во сабота,
32. а тие му се восхитуваа на Неговото учење, зашто Неговата порака беше со авторитет.
33. А во синагогата имаше човек опседнат од демон, нечист дух, кој извика со силен глас:
34. "А што имаме ние со Тебе, Исусе Назареќанецу? Дали дојде да нè сотреш? Знам, Кој си Ти: Светиот Божји."
35. А Исус го прекори, велејќи: "Молкни и излези од него!" Тогаш демонот го кутна човекот насреде и излезе од него, без да му напакости.
36. А сите се вчудовидоа и си велеа еден на друг: "Какви се овие зборови? Со власт и со сила им заповеда на нечистите духови и тие излегуваат!"
37. И се разнесе глас за Него по сите околни места.
38. И стана од синагогата и влезе во Симоновиот дом. А Симоновата тешта страдаше од силна треска и Го помолија за неа.
39. И се наведна над неа, ја прекори треската, и таа ја напушти, па стана веднаш и им служеше.
40. А на зајдисонце сите што имаа болни од разни болести ги доведоа кај Него. Тој ги ставаше рацете врз секој од нив и ги исцелуваше.
41. Притоа демони излегуваа од мнозина и викаа, велејќи: "Ти си Божјиот Син." А Тој ги прекори и не им дозволуваше да зборуваат, зашто знаеја дека Тој е Христос.
42. А кога се раздени, Тој излезе и отиде на пусто место, а народот Го бараше и дојде до Него, и сакаше да Го задржи за да не си отиде од нив.
43. А Тој им рече: "И на другите градови треба да им го проповедам Евангелието за Божјото царство, зашто затоа сум испратен."
44. И продолжи да проповеда по синагогите во Јудеја.

  Luke (4/24)