Luke (3/24)  

1. Bо петнаесеттата година од владеењето на цезарот Тибериј, кога Понтиј Пилат беше управител на Јудеја, и Ирод тетрарх на Галилеја, а неговиот брат Вилип тетрарх на Итуреја и Трахонитида, а Лисаниј - тетрарх на Абилена,
2. кога Ана и Кајафа беа врховни свештеници, Божјиот збор дојде во пустината до Јован, синот на Захарија.
3. И тој одеше по целата област околу Јордан и проповедаше покајничко крштавање за проштавање на гревовите,
4. како што е напишано во книгата со зборовите на пророкот Исаија: "Глас на оној кој вика во пустината: 'Подгответе го патот за Господ, исправете ги Неговите врвици!
5. Нека се исполни секоја долина, и секоја гора и ритче нека се снижат; и што е кривулесто нека се исправи, а нерамните патишта нека се израмнат!
6. И секој еден ќе го види Божјото Спасение!'
7. На народот, пак, кој доаѓаше да се крсти, му велеше: "Змиска породо! Кој ве предупреди да бегате од гневот што иде?
8. Затоа, донесете плодови достојни за покајание и не зборувајте сега во себеси: 'Го имаме Авраам за татко!' Зашто ви велам дека Бог може и од овие камења да му издигне деца на Авраам.
9. А и секирата веќе лежи при коренот на дрвјата. Затоа, секое дрво што не дава добар плод се сече и се фрла в оган."
10. А народот Го прашуваше, велејќи: "Тогаш, што да правиме?"
11. А тој им одговараше и велеше: "Кој има две туники, нека ги сподели со оној кој нема, и кој има храна нека го прави истото!"
12. Дојдоа и даночниците да ги крсти и му рекоа: "Учителе, што да правиме ние?"
13. Тој им рече: "Не земајте ништо повеќе од она што ви е наредено!"
14. Го прашаа и војниците: "Што да правиме ние?" И им рече: "Не изнудувајте пари од никого, не обвинувајте лажно, и бидете задоволни со својата заработка!"
15. А бидејќи луѓето беа во очекување и сите размислуваа во своите срца за Јован, да не е тој Христос,
16. Јован им одговори на сите: "Јас ве крштавам со вода, но иде посилен од мене, Кому јас не сум достоен да Му ги одврзам ремените на Неговите сандали. Тој ќе ве крсти со Светиот Дух и оган.
17. Bо Неговата рака е лопатата, за да го исчисти Своето гумно и за да ја собере пченицата во Својот амбар, а плевата ќе ја изгори со неизгаслив оган."
18. И со многу други поуки му го проповедаше Евангелието на народот.
19. А тетрархот Ирод, кого тој го прекори заради Иродијада, жената на брата му, и за сите зли дела што ги беше направил Ирод,
20. кон сите нив го додаде уште ова: го затвори Јована в зандана.
21. Кога се крсти сиот народ, се крсти и Исус и додека се молеше - небото се отвори,
22. и Светиот Дух слезе на Него, во телесен облик, како гулаб, и се чу глас од небото: "Ти си Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја."
23. А Самиот Исус имаше триесетина години кога почна да проповеда и беше, како што мислеа, син на Јосиф од Или,
24. син на Матат од Леви, син на Мелхи од Јанај, син на Јосиф од
25. Мататиј, син на Амос од Наум, син на Хесли од Нагај,
26. син на Маат од Мататиј, син на Семеин од Јосиех, син на Јода од
27. Јоанан, син на Реза од Зоробабел, син на Салатил од Нери,
28. син на Мелхи од Ади, син на Косам од Елмодам, син на Ир од
29. Јошуа, син на Елиезер од Јорим, син на Матат од Леви,
30. син на Симеон од Јуда, син на Јосиф од Јонан, син на Елијаким од
31. Мелеа, син на Мена од Мататиј, син на Натан од Давид,
32. син на Јесеј од Обед, син на Бооз од Салмон, син на Насон од
33. Аминадаб, син на Админ од Арни, син на Хесром од Варес, син на Јуда од
34. Јаков, син на Исак од Авраам, син на Тара од Нахор,
35. син на Серух од Рага, син на Валек од Ебер, син на Сала од
36. Каинам, син на Арфаксад од Сем, син на Ное од Ламех,
37. син на Матусал од Енох, син на Јаред од Малелел, син на Каинам од
38. Енос, син на Сет од Адам, Божји.

  Luke (3/24)