Luke (24/24)    

1. Bо првиот ден на седмицата, многу рано, жените дојдоа на гробот, носејќи ги мирисите што ги беа приготвиле.
2. Но го најдоа каменот тргнат од гробот.
3. А кога влегоа, не го најдоа телото на Господ Исус.
4. И додека стоеја збунети заради тоа, ете, пред нив застанаа двајца мажи во светли облеки.
5. Бидејќи беа уплашени, ги наведнаа лицата кон земјата, а тие им рекоа: "Зошто Го барате Живиот меѓу мртвите?
6. Тој не е тука! Bоскресна! Спомнете си како ви зборуваше, додека уште беше во Галилеја,
7. говорејќи: 'дека Синот Човеков треба да биде предаден во рацете на грешниците и дека ќе биде распнат и дека ќе воскресне на третиот ден!'
8. И се сетија на Неговите зборови.
9. И кога се вратија од гробот, им го соопштија сето тоа на единаесеттемина и на сите други.
10. А тие беа: Марија од Магдала, и Јоана, и Марија, мајката на Јаков, и други жени со нив та им го кажаа тоа на апостолите.
11. А ним овие зборови им се чинеа невистина, и не сакаа да им поверуваат.
12. Но Петар стана и отрча до гробот, се наведна и ги виде само ленените завои, и отиде назад, вчудовидени од она што се случило.
13. И ете, во истиот ден, двајца од нив одеа кон едно село наречено Емаус, оддалечено околу десет километри од Ерусалим,
14. и разговараа меѓу себе за сите овие настани.
15. И додека тие разговараа и се прашуваа, Самиот Исус им се приближи и одеше со нив.
16. Но на нивните очи не им беше дадено да Го препознаат.
17. И им рече: "Какви се тие зборови што ги разменувате меѓу себе одејќи по пат?" А тие застанаа гледајќи нажалено.
18. Едниот од нив, по име Клеопа, Му одговори и рече: "Дали си Ти единствениот туѓинец во Ерусалим, Кој не знае, што се случи во него овие дни?"
19. И им рече: "Што?" А тие Му рекоа: "Она што стана со Исус Назареќанецот, Кој беше пророк, силен на дело и на збор, пред Бог и пред целиот народ,
20. и како нашите првосвештеници и старешини Го предадоа да биде осуден на смрт и Го распнаа.
21. А ние се надевавме дека Тој е Оној што ќе го избави Израел. И покрај сето тоа, веќе е трет ден откако стана ова.
22. А нè збунија и некои од нашите жени, кои беа отишле многу рано на гробот,
23. и не го нашле Неговото тело. Дојдоа и кажаа дека виделе и јавување на ангели, кои им рекле дека Тој е жив.
24. Некои од нашите отидоа до гробот и го нашле точно како што рекоа жените, но Него не Го виделе."
25. Тој им рече: "О неразумни и бавни во сфаќањето на сето она што го рекоа пророците!
26. Не требаше ли Христос да го претрпи тоа, и да влезе во Својата Слава?"
27. Та кога почна од Мојсеј и од сите пророци, им објасни што е пишано за Него во Писмото.
28. Кога се приближија до селото во кое одеа, Тој се направи небаре сака да продолжи понатаму.
29. Но тие Го задржуваа, велејќи: "Остани со нас, зашто ноќта наближува, а денот веќе превали!" И Тој влезе за да остане со нив.
30. И додека беше прилегнат со нив крај трпезата, зеде леб, благослови, го раскрши и им го даде.
31. Тогаш им се отворија очите и Го препознаа, но Тој стана невидлив за нив.
32. И си рекоа еден на друг: "Не гореа ли нашите срца во нас, кога ни зборуваше по пат и ни ги толкуваше Писмата?"
33. И во истиот час станаа и се вратија во Ерусалим, каде ги најдоа собрани единаесеттемина, и оние кои беа со нив,
34. кои зборуваа: "Господ навистина воскреснал и му се јавил на Симон!"
35. А тие, пак, раскажаа што им се случи по пат и како Го препознаа при раскршувањето на лебот.
36. И додека тие уште зборуваа за тоа, Самиот Исус застана сред нив и им рече: "Мир вам!"
37. А тие збунети и уплашени мислеа дека гледаат дух.
38. А Тој им рече: "Зошто сте збунети? И зошто се јавуваат сомнежи во вашите срца?
39. Погледнете ги Моите раце и Моите нозе - Јас сум ! Допрете Ме и видете, зашто дух нема месо и коски, а како што гледате, Јас имам."
40. И кога го рече тоа, им ги покажа рацете и стапалата.
41. А бидејќи тие од радост уште не веруваа, туку се чудеа, им рече: "Имате ли тука нешто за јадење?"
42. И Му дадоа парче печена риба.
43. Тој го зеде и јадеше пред нив.
44. И им рече: "Тоа се зборовите што ви ги зборував додека уште бев со вас, дека треба да се исполни сè што е напишано за Мене во Мојсеевиот Закон, во Пророците и во Псалмите."
45. Тогаш им го отвори умот, за да ги разберат Писмата,
46. и им рече: "Напишано е дека Христос треба да настрада и да воскресне од мртвите на третиот ден,
47. и да биде навестувано во Негово име покајание и прошка на гревовите на сите народи, почнувајќи од Ерусалим.
48. Bие сте сведоци на тоа,
49. а еве, Јас ви го праќам ветувањето на Мојот Татко, а вие останете во градот, додека не се облечете во сила озгора!"
50. Потоа ги изведе до Бетанија, ги поткрена Своите раце и ги благослови.
51. И додека ги благословуваше, се оддели од нив.
52. А тие се вратија во Ерусалим со голема радост,
53. и беа постојано во Храмот благословувајќи Го Бог.

  Luke (24/24)