Luke (23/24)  

1. Тогаш сите заедно станаа и Го одведоа кај Пилат.
2. И почнаа да Го обвинуваат, велејќи: "Го најдовме Овој како го заведува нашиот народ и забранува да се дава данок на цезарот, а за Себе вели дека е Христос, цар."
3. А Пилат Го запраша, велејќи: "Ти ли си царот на Евреите?" А Тој како одговор му рече: "Ти тоа го велиш."
4. Тогаш Пилат им рече на првосвештениците и на толпата: "Не наоѓам никаква вина кај овој човек."
5. Но, тие уште поупорно извикуваа: "Тој го бунтува народот, зашто поучува по цела Јудеја, почнувајќи од Галилеја па довде."
6. А кога Пилат го чу тоа, праша дали е Тој Галилеец.
7. И кога разбра дека е под надлежноста на Ирод, Го испрати кај него, кој во тие денови, исто така, беше во Ерусалим.
8. А кога Ирод Го виде Исуса, се зарадува многу, бидејќи одамна имаше желба да Го види, зашто беше чул за Него и се надеваше дека ќе види некое чудо што ќе го направи Тој.
9. И Му поставуваше многу прашања, но Тој ништо не му одговори.
10. А првосвештениците и закониците стоеја и непрестајно Го обвинуваа.
11. Тогаш Ирод, со своите војници, откако покажа презир и Му се изнаруга, Го облече во раскошна облека и Го испрати назад кај Пилат.
12. Bо истиот ден Пилат и Ирод се спријателија, зашто порано беа непријатели.
13. А Пилат ги свика првосвештениците, управителите и народот, и им рече:
14. "Ми Го доведовте овој човек под обвинение дека го бунтува народот, а еве, јас Го испитав пред вас и не најдов во Него никаква вина за која Го обвинувате.
15. А ниту Ирод, зашто Го прати назад кај нас. Овој не сторил ништо што заслужува смрт.
16. Затоа, ќе Го казнам ама потоа ќе Го ослободам."
17. А требаше за празникот да им ослободи еден затвореник.
18. Но сите тие извикаа едногласно: "Земи Го Овој, а пушти ни го Бараба!"
19. А тој беше фрлен в зандана, заради некаков бунт во градот и заради убиство.
20. А Пилат им се обрати повторно, сакајќи да Го ослободи Исуса,
21. но тие викаа, повторувајќи: "Распни Го! Распни Го!"
22. А тој им рече по третпат: "Та какво зло сторил? Јас не најдов во Него ништо што заслужува смрт. Затоа ќе Го ослободам откако ќе Го казнам."
23. Но тие навалуваа со голема викотница и бараа да биде распнат, и нивното викање надвладеа.
24. Тогаш Пилат реши да им го исполни барањето.
25. И им го пушти оној, кого го бараа, а кој беше фрлен в зандана заради бунт и убиство, а Исуса им Го предаде на нивна волја.
26. И кога Го поведоа, фатија некојси Симон Киринеец, кој се враќаше од поле, па врз него го ставија крстот, за да го носи по Исуса.
27. По Него одеше долга врволица мажи и жени, кои плачеа и лелекаа за Него.
28. Но Исус им се обѕрна и им рече: "Ќерки ерусалимски, не плачете за Мене, туку плачете за себеси и за своите деца!
29. Зашто, ете, доаѓаат денови кога ќе се рече: Блажени се неплодните, и утробите што не родиле и градите што не доеле!'
30. Тогаш ќе почнат да им зборуваат на планините: 'Паднете врз нас!' и на ридиштата: 'Покријте нè!'
31. Зашто, ако се постапува вака со зеленото дрво, што ќе биде со сувото?
32. А водеа и други двајца разбојници, за да ги погубат заедно со Него.
33. И кога дојдоа на местото наречено Черепница, таму Го распнаа Него, и злосторниците: едниот оддесно, а другиот одлево.
34. А Исус рече: "Татко, прости им, бидејќи не знаат што прават!" Кога си ја делеа Неговата облека, фрлија жрепка.
35. Народот стоеше и гледаше. А старешините се клештеа, велејќи: "Тој спаси други! Нека се спаси Самиот Себеси, ако е Тој Христос, Божјиот Избраник!"
36. Му се потсмеваа и војниците, кои Му приоѓаа и Му даваа оцет,
37. велејќи: "Ако си цар на Евреите спаси се Самиот!"
38. А над Него имаше натпис: "ОBОЈ Е ЦАРОТ НА ЕBРЕИТЕ."
39. А еден од разбојниците кој висеше таму Го хулеше: "Зар не си Ти Христос? Спаси се Себеси и нас!"
40. А другиот одговори и го прекори: "Зар немаш страв од Бог, кога и ти си исто така осуден.
41. Ние сме праведно осудени, зашто го примаме заслуженото за тоа што го имаме сторено. Но Овој не сторил никакво зло."
42. И рече: "Исусе, сети се на мене кога ќе дојдеш во Твоето Царство!"
43. А Тој му рече: "Bистина ти велам, денес ќе бидеш со Мене во рајот."
44. А беше веќе околу шестиот час, кога настана темнина по целата земја до деветтиот час,
45. кога сонцето ја загуби својата светлина, а завесата во Храмот се расцепи надве.
46. Тогаш Исус извика со силен глас: "Татко, Го предавам Својот Дух во Твоите раце." И откако го рече ова, издивна.
47. А кога стотникот виде што се случи, Го прослави Бога, велејќи: "Навистина, овој човек беше праведен!"
48. И сета толпа што се беше собрала да го гледа ова, кога виде што стана, се враќаше дома, удирајќи се в гради.
49. А сите Негови познати стоеја подалеку, и жените, кои беа дошле по Него од Галилеја, го гледаа тоа.
50. И ете, некој човек по име Јосиф, кој беше член на Советот, добар и праведен човек,
51. кој не се согласи со нивната одлука и со нивното дело, од јудејскиот град Ариматеја, кој го очекуваше Божјото царство,
52. отиде кај Пилат и го побара Исусовото тело.
53. И кога го симна, го замота во ленено платно и го положи в гроб, издлабен во карпа, во кој уште никој не беше положен.
54. А беше ден на подготовката и настапуваше саботата.
55. А жените кои дојдоа со Него од Галилеја, одеа по него, и го видоа гробот и како беше положено Неговото тело.
56. Потоа се вратија и приготвија мириси и миро, а во саботата си се починуваа, според заповедта.

  Luke (23/24)