Luke (22/24)  

1. Наближуваше празникот на Бесквасните лебови, кој се вика Пасха.
2. Првосвештениците и закониците размислуваа како да Го убијат, но се плашеа од народот.
3. Тогаш сатаната влезе во Јуда, наречен Искариот, еден од дванаесеттемина.
4. Тој отиде и се договори со првосвештениците и со заповедниците како да им Го предаде.
5. А тие се зарадуваа и се договорија да му дадат сребреници.
6. Тој се согласи и чекаше згодна можност да им Го предаде, кога ќе биде одвоен од толпата.
7. Дојде денот на Бесквасните лебови, кога требаше да се заколе пасхалното јагне.
8. Тогаш ги испрати Петар и Јован, велејќи им: "Одете и пригответе ја Пасхата за јадење!"
9. А тие Му рекоа: "Кај сакаш да ја приготвиме?"
10. Тој им рече: "Bидете, кога ќе влезете во градот, ќе ве сретне човек кој носи стомна со вода; одете по него во куќата во која ќе влезе
11. и речете му на домаќинот: 'Учителот прашува: Кај е гостинската соба, во која ќе ја јаде Пасхата со Своите ученици?'
12. И тој ќе ви покаже голема и наместена горна одаја, таму пригответе!"
13. А тие отидоа и најдоа како што им рече и ја приготвија Пасхата.
14. А кога дојде часот, прилегна Тој крај трпезата и апостолите со Него,
15. па им рече: "Имав желба да ја јадам оваа Пасха со вас, пред да настрадам,
16. зашто ви велам: нема веќе да ја јадам додека не се исполни во Божјото царство."
17. И ја крена чашата, се заблагодари и рече: "Земете ја и поделете ја меѓу себе,
18. зашто ви велам, нема да пијам од лозовиот плод додека не дојде Божјото царство!"
19. Потоа го зеде лебот, се заблагодари, го раскрши и им го раздаде, велејќи: "Ова е Моето тело кое се дава за вас; правете го ова за спомен на Мене!"
20. Исто така, по вечерата, ја крена и чашата и рече: "Оваа чаша е Новиот завет во Мојата крв, која се пролева за вас.
21. Но, ете, раката на оној кој Ме предава е со Мене, на трпезава.
22. Зашто Синот Човеков оди, како што е определено, но тешко му на оној човек кој ќе Го предаде!"
23. И почнаа да се расправаат меѓу себе: кој ли ќе е меѓу нив тој што ќе го стори тоа.
24. Настана и расправија меѓу нив за тоа кој е од нив поголем.
25. А Тој им рече: "Царевите на другите народи владеат над нив, а оние кои господарат над нив, се викаат добротвори.
26. А вие, немојте така! Туку, најголемиот меѓу вас да биде како најмалиот, а водачот како слугата.
27. Зашто, кој е поголем - оној кој прилегнал крај трпезата или оној кој слугува? Зар не е поголем оној кој прилегнал крај трпезата? А Јас сум меѓу вас како слуга.
28. Bие сте оние кои останавте со Мене во Моите искушенија.
29. И Јас ви го определувам Царството, како што Мојот Татко Ми го определи Мене,
30. за да јадете и да пиете на Мојата трпеза, во Моето Царство, и да седите на престоли и да им судите на дванаесетте племиња на Израел."
31. "Симоне, Симоне, ете, сатаната побара да ве просее како пченица,
32. но Јас за тебе барав, да не се намали твојата вера. А ти, кога еднаш ќе се обратиш, зацврсти ги своите браќа!"
33. А тој Му одговори: "Господи, готов сум да одам со Тебе и во зандана и во смрт."
34. А Тој рече: "Ти велам, Петре, денес не ќе ни пропее петел, додека трипати не откажеш дека Ме познаваш!"
35. Уште им рече: "Кога ве пратив без ќесе и без торба и обувки, дали ви недостасуваше нешто?" А тие рекоа: "Ништо!"
36. И им рече: "Но сега, кој има ќесе, нека го земе, исто така и торба, а кој нема меч, нека ја продаде својата наметка и нека си купи меч.
37. Зашто ви велам дека треба да се изврши на Мене она што е напишано: 'И Го вброија меѓу беззаконици', зашто она што е пишано за Мене се исполнува."
38. А тие Му рекоа: "Господи, еве два меча!" А Тој им рече: "Доволни се!"
39. Потем излезе и отиде, по навика, на Маслиновата Гора, а учениците одеа по Него.
40. И кога дојде на тоа место, им рече: "Молете се, за да не паднете во искушение "
41. А Тој се оддели од нив, колку што може да се фрли камен, и клекна на колена па се молеше,
42. велејќи: "Татко! Ако ти е по волја, тргни ми ја оваа чаша! Но нека не биде по Моја, туку по Твоја волја!"
43. И Му се јави ангел од небото кој Го поткрепуваше.
44. А кога се најде во претсмртни маки, се молеше уште поусрдно, а потта Му прилегаше на капки крв што паѓаа на земјата.
45. И кога стана од молитвата, дојде кај учениците и ги најде заспани од жалба,
46. и им рече: "Зошто спиете! Станете и молете се, за да не паднете во искушение!"
47. Додека уште зборуваше, дојде толпа што ја предводеше еден од дванаесеттемина кој се викаше Јуда, па Му се приближи на Исус за да Го целива.
48. Но Исус му рече: "Јуда, со целивка ли Го предаваш Синот Човеков!"
49. А кога оние што беа околу Него видоа што ќе стане, рекоа: "Господи, да удриме ли со меч?"
50. И еден од нив, го удри слугата на врховниот свештеник та му го скастри десното уво.
51. А Исус одговори, велејќи: "Престанете!" И се допре до увото та го исцели.
52. Тогаш Исус им рече на оние што се кренаа против Него - на првосвештениците, на началниците на Храмот и на старешините: "Нагрваливте небаре сум разбојник со мечови и стапови!
53. Кога бев секој ден со вас во Храмот, не кренавте рака на Мене. Но, ова е ваш час и власт на темнината!"
54. А кога Го фатија, Го одведоа и Го воведоа во домот на врховниот свештеник. Петар одеше по Него, оддалеку.
55. Кога запалија оган сред дворот и испоседнаа наоколу, и Петар седеше меѓу нив.
56. И кога една слугинка го виде како седи до огнот, се загледа во него и рече: "И овој беше со Него!"
57. Но тој одрече, велејќи: "Жено, не Го познавам!"
58. Малку подоцна, го виде некој друг и рече: "И ти си од нив!" А Петар рече: "Човеку, не сум!"
59. И кога помина уште околу еден час, еден друг тврдеше: "Навистина, и овој беше со Него, зашто е Галилеец!"
60. А Петар рече: "Човеку, не знам што зборуваш!" И веднаш - додека уште зборуваше, петел запеа.
61. Тогаш Господ се обѕрна и го погледна Петар, а Петар се сети на Господовите зборови, што му ги рече: "Пред да пропее петел, трипати ќе се откажеш од Мене!"
62. И Петар, штом излезе надвор, горко заплака.
63. А луѓето, кои го чуваа Исус, Му се подбиваа и Го тепаа.
64. Кога Му Го покрија лицето, Го удираа и Го прашуваа: "Проречи кој Те удри?"
65. И со многу други зборови Го хулеа.
66. Кога се раздени, се собраа народните старешини, првосвештениците и закониците, и Го воведоа во Советот,
67. и Му рекоа: "Ако си Ти Христос, кажи ни!" А Тој им рече: "Ако ви кажам, нема да поверувате.
68. Ако ве прашам, нема да одговорите.
69. Но отсега Синот Човеков ќе седи оддесно на Божјата Сила."
70. Тогаш сите тие рекоа: "Значи, Ти си Божјиот Син?" Тој пак им рече: "Јас сум."
71. А тие рекоа: "Какво сведоштво уште ни е потребно. Самите чувме од Неговата уста."

  Luke (22/24)