Luke (21/24)  

1. А кога ги подигна очите, виде како богатите ги спуштаат своите дарови во ковчегот за прилози.
2. А виде и една бедна вдовица како пушти таму две парички,
3. и рече: "Bистина ви велам, беднава вдовица пушти повеќе од сите,
4. зашто сите овие приложија од тоа што им е повеќе, а таа во својата немаштија пушти сè што имаше за живеачка."
5. И кога некои зборуваа за Храмот дека е украсен со убави камења и со заветни дарови, Тој им рече:
6. "Ќе дојдат денови кога од ова што го гледате не ќе остане ни камен на камен кој не ќе биде урнат!"
7. А тие Го прашаа, велејќи Му: "Учителе, кога ќе биде тоа, и какви ќе бидат знаците кога ќе се случат тие настани?"
8. Тој пак им рече: "Bнимавајте да не ве заведат, зашто мнозина ќе дојдат во Мое име и ќе речат: 'Јас сум' и 'Bремето се приближи!' Не одете по нив!
9. Кога ќе чуете за војни и немири, не плашете се, зашто прво треба тоа да настане, но крајот не доаѓа веднаш!"
10. Тогаш им рече: "Ќе стане народ против народ и царство против царство,
11. ќе има големи земјотреси, а на разни места ќе има глад и помор; ќе има стравотии и големи знаци на небото.
12. Но пред сето тоа, ќе ставаат раце врз вас и ќе ве прогонуваат, ќе ве предаваат на синагогите и в зандани и ќе ве водат пред цареви и управители, заради Моето име.
13. Тоа ќе ви даде можност да сведочите.
14. И така, нека ви е при срце мислата да не се подготвувате однапред како ќе се браните,
15. зашто Јас ќе ви дадам зборови и мудрост, на која не ќе може да и се спротиви и да и противречи никој од вашите противници.
16. А ќе ве предаваат и родителите, и браќата, и роднините и пријателите, и ќе бидат убиени некои од вас,
17. и сите ќе ве мразат заради Моето име.
18. Но вам нема да ви падне ни влакно од главата.
19. Со трпение ќе ги спасите своите души!"
20. "А кога ќе видите дека Ерусалим е опколен од војски, знајте оти е близу неговото запустување.
21. Тогаш, оние што се во Јудеја нека бегаат во горите, оние што се во градот нека излезат надвор, а оние што се во полето, нека не влегуваат во градот!
22. Зашто тоа се дни на одмазда, за да се исполни сè што е напишано!
23. Тешко им на бремените и на доилките во тие дни, зашто ќе има голема невола по земјата и гнев врз овој народ.
24. Ќе паѓаат од сечилото на мечот, и ќе ги одведат во ропство меѓу сите народи; а неевреите ќе го газат Ерусалим додека не се исполнат времињата на неевреите."
25. "Ќе има знаци на сонцето, на месечината и на ѕвездите, а на земјата народите ќе бидат опфатени од страв и збунетост од бучавата на морето и на брановите.
26. Луѓето ќе изнемоштуваат од страв и од исчекувањето на она што ќе го снајде светот, зашто небесните сили ќе се разнишаат.
27. И тогаш ќе Го видат Синот Човеков како доаѓа на облак со голема сила и слава.
28. А кога ќе почне да се случува тоа, исправете се и поткренете ги главите, зашто наближува вашето откупување."
29. Потоа им кажа една споредба: "Погледнете ја смоквата, а и сите дрвја.
30. Кога ќе видите како разлистуваат, сами знаете дека летото е веќе близу.
31. Така и вие, кога ќе видите дека ова се збиднува, знајте дека Божјото царство е близу!
32. Bистина ви велам дека ова поколение нема да мине, додека сето ова не се збидне.
33. Небото и земјата ќе минат, но Моите зборови нема да поминат."
34. "Туку, вардете се, вашите срца да не бидат обременети со ненаситност, со пијанство и со грижи за животот, за да не ви дојде ненадејно тој ден,
35. зашто како стапица ќе дојде за сите што живеат на целата земја.
36. Туку, бдејте и молете се да имате сила да избегнете од сето тоа што ќе настане, и да застанете пред Синот Човеков."
37. Дење Тој поучуваше во Храмот, а навечер излегуваше и ноќта ја поминуваше на гората наречена Маслинова.
38. А целиот народ рано наутро доаѓаше кај Него во Храмот, за да Го слуша.

  Luke (21/24)