Luke (19/24)  

1. И откако влезе во Ерихон, минуваше низ градот.
2. И ете, некој човек, по име Закхеј, кој беше началник на даночниците и беше богат,
3. сакаше да види Кој е Исус, но не можеше од народот зашто беше низок по раст.
4. И истрча напред, се качи на црница за да Го види, зашто требаше да мине покрај неа.
5. И кога Исус дојде на тоа место, погледна нагоре и му рече: "Закхеј, слези бргу, денес треба да бидам во твојот дом!"
6. И слезе веднаш и Го прими на гости со радост.
7. А сите што го видоа тоа почнаа да негодуваат и да зборуваат: "Отиде на гости во куќа на грешен човек!"
8. Закхеј стана и Му рече на Господ: "Еве, Господи, половината од својот имот ќе ја дадам на сиромасите, и ако сум зел од некого нешто несправедливо, ќе вратам четирикратно."
9. А Исус му рече: "Денес дојде спасението во овој дом, зашто и тој е син на Авраам.
10. Бидејќи Синот Човеков дојде да го бара и да го спаси загубеното."
11. И додека тие го слушаа тоа, им кажа една споредба, зашто беа близу до Ерусалим, а тие мислеа дека Божјото царство ќе се појави веднаш.
12. И рече: "Еден благородник замина во далечна земја за да се зацари и да се врати.
13. Откако ги повика своите десет слуги, им даде десет сребреници и им рече: "Тргувајте додека се вратам!"
14. Но неговите поданици го мразеа и испратија по него пратеници да кажат: "Не сакаме тој да царува над нас."
15. А кога се врати, по примањето на царството, заповеда да му ги повикаат оние слуги на кои им беше дал сребреници, за да види кој колку спечалил.
16. И така, првиот дојде и рече: 'Господаре, твојот сребреник донесе десет сребреници.'
17. И му рече: 'Арно сторено, добар слуго, затоа што беше верен во нешто сосем мало, имај власт над десет градови.'
18. Дојде и вториот и рече: 'Господаре, твојот сребреник донесе пет сребреници.'
19. Му рече и на овој: 'А ти биди над пет градови!'
20. Дојде и друг, и рече: 'Господаре, еве го твојот сребреник, што го чував во шамивче,
21. зашто се плашев од тебе, бидејќи си строг човек: земаш што не си оставил и жнееш што не си посеал!'
22. Му рече: 'Нечесен слуго, ќе ти судам според твоите зборови. Знаеше дека сум строг човек, дека земам што не сум оставил и дека жнеам што не сум посеал.
23. Зошто тогаш не ги вложи моите сребреници кај трговците, а јас по доаѓањето ќе ги земев со интерес?'
24. А на оние, кои беа присутни, им рече: 'Земете му го сребреникот и дајте му го на оној кој има десет!'
25. Тогаш му рекоа: 'Господаре, ама тој има десет!'
26. Bи велам, на оној кој има ќе му се даде уште, а на оној кој нема, ќе му се одземе и тоа што го има.
27. А моите непријатели кои не сакаа да царувам над нив, доведете ги тука и погубете ги пред мене!"
28. Откако го рече тоа продолжи натаму, качувајќи се нагоре кон Ерусалим.
29. А кога се приближи до Бетфага и Бетанија, до гората наречена Маслинова, испрати двајца ученици
30. и им рече: "Појдете во селоно што е отспротива! И кога ќе влезете во него, ќе најдете врзано магаренце, на кое никој никогаш не јавал. Одврзете го и доведете го.
31. И ако некој ве праша: 'Зошто го одврзавте?' - речете му вака: 'Потребно Му е на Господ.'"
32. А испратените отидоа и најдоа како што им рече.
33. Кога го одврзуваа магаренцето, неговите сопственици им рекоа: "Зошто го одврзувате магаренцето?"
34. Тие рекоа: "Потребно Му е на Господ!"
35. И го доведоа магаренцето пред Исус, па ги ставија врз него своите облеки, и Го качија Исус.
36. А кога одеше, ги постилаа своите облеки по патот.
37. Кога веќе наближуваше до стрмнината на Маслиновата Гора, целата врволица ученици почна радосно и гласно да Го прославува Бог за сите моќни дела што ги видоа,
38. велејќи: "Благословен е Царот Кој доаѓа во Господово име! Мир на небото и слава во висините!"
39. А некои од фарисеите меѓу народот, Му рекоа: "Учителе, прекори ги Твоите ученици!"
40. Тој одговори: "Bи велам, ако овие замолчат, камењата ќе извикуваат."
41. А кога се приближи и го виде градот, заплака за него и
42. рече: "Е, да знаеш барем во овој ден за оние нешта кои носат мир! Но сега се скриени од твоите очи.
43. Зашто ќе дојдат денови за тебе, кога твоите непријатели ќе те опкружат со ровови, ќе те опколат и ќе те притеснат од сите страни.
44. И ќе те срамнат со земјата тебе, и твоите деца во тебе; и не ќе остане во тебе ни камен на камен, зашто не го препозна времето кога беше посетен!"
45. Потоа влезе во Храмот и почна да ги брка надвор продавачите,
46. велејќи им: "Напишано е: 'Мојот дом треба да е дом за молитва', а вие го направивте разбојничко дувло."
47. И поучуваше секој ден во Храмот. А првосвештениците, закониците и народните првенци гледаа како да Го погубат.
48. Но не можеа ништо да сторат, зашто сиот народ Го слушаше секој Негов збор.

  Luke (19/24)