Luke (18/24)  

1. Им кажа споредба за да им покаже како треба секогаш да се молат и да не се обесхрабруваат.
2. И рече: "Bо еден град имаше некој судија кој не се плашеше од Бог, и не се грижеше за луѓето.
3. А во истиот град живееше и една вдовица, која постојано доаѓаше кај него и го молеше: 'Заштити ме од мојот соперник!'
4. Извесно време тој не сакаше да ја слуша, а потоа си рече во себеси: 'Иако не се плашам од Бог, ниту луѓето ме засегаат;
5. ќе ја заштитам вдовицава, зашто постојано ми додева'",
6. а Господ рече: "Чујте, што зборува неправедниот судија!
7. Та нема ли Бог да ги заштити Своите избраници кои Го повикуваат дење и ноќе, и ќе ги остави ли долго да чекаат?
8. Bи велам, брзо ќе ги заштити. Сепак, кога ќе дојде Синот Човеков, ќе најде ли вера на земјата?"
9. А на некои, кои беа уверени во себе дека се праведни, и кои со презир гледаа на другите, им ја кажа следнава споредба:
10. "Двајца влегоа во Храмот да се помолат: едниот фарисеј, а другиот даночник.
11. Варисејот застана и се молеше во себеси вака: 'Боже! Ти благодарам што не сум како другите луѓе: разбојници, неправедници, прељубници, или како овој даночник.
12. Постам двапати во седмицата и давам десеток од целиот свој приход.'
13. А даночникот стоеше далеку и не сакаше ниту очите да ги поткрене кон небото, туку се удираше в гради и велеше: 'Боже, биди милостив спрема мене грешникот!'
14. Bи велам, овој се врати дома оправдан, а другиот не. Зашто секој кој се возвишува себеси, ќе биде понижен, а кој се понизува себеси, ќе биде возвишен."
15. Му носеа и мали деца, за да ги допре, а кога учениците го видоа тоа, им забрануваа.
16. Но Исус ги повика и рече: "Оставете ги децата да доаѓаат кај Мене и не бранете им, зашто на таквите им припаѓа Божјото царство!
17. Bистина ви велам, кој не го прима Божјото царство како дете, тој никако нема да влезе во него."
18. А еден началник го праша, велејќи: "Учителе добар, што треба да сторам за да наследам вечен живот?"
19. Исус му рече: "Зошто Ме нарекуваш добар? Никој не е добар освен Самиот Бог.
20. Ги знаеш заповедите: 'Не врши прељуба, не убивај, не кради, не сведочи лажно и почитувај ги татка си и мајка си!'
21. Тој пак рече: "Сето тоа сум го запазил уште од мојата младост!"
22. А кога Исус го чу тоа, му рече: "Уште едно ти недостига: продај сè што имаш, и раздај го на сиромасите и ќе имаш богатство на небесата! Потоа, дојди и следи Ме!"
23. Кога го чу тоа, многу се нажали, зашто беше многу богат.
24. А кога Исус го погледна, рече: "Колку тешко им е да влезат во Божјото царство на оние кои имаат богатство!
25. Полесно и е на камилата да мине низ иглени уши, отколку на богат да влезе во Божјото царство."
26. А оние кои го чуја тоа, рекоа: "Тогаш, кој може да се спаси?"
27. Тој пак рече: "Она што е невозможно за луѓето, можно е за Бог."
28. А Петар рече: "Еве, ние оставивме сè и тргнавме по Тебе!"
29. Тој им рече: "Bистина ви велам, нема таков којшто ако заради Божјото царство оставил: куќа, жена, браќа, родители или деца,
30. а да не прими многу повеќе во ова време, а во идниот век и вечен живот."
31. Потоа ги зеде со Себе дванаесеттемина и им рече: "Еве, одиме горе во Ерусалим и ќе се исполни сè што пишувале пророците за Синот Човеков,
32. зашто ќе биде предаден на неверниците, и ќе Му се потсмеваат, и ќе биде измачуван и плукан;
33. и откако ќе биде камшикуван, ќе Го убијат, но Тој ќе воскресне на третиот ден."
34. Но тие не разбраа ништо од тоа, зашто тој збор беше скриен од нив и не го сфатија кажаното.
35. А кога се приближи до Ерихон, некој слеп човек седеше крај патот и просеше.
36. Кога чу дека поминува народ, праша што е тоа?
37. Му рекоа дека минува Исус од Назарет,
38. а тој извика, велејќи: "Исусе, Сине Давидов, смилувај ми се!"
39. А оние што одеа напред го прекоруваа да молчи. Но тој викаше уште посилно: "Исусе, Сине Давидов, смилувај ми се!"
40. Исус застана и заповеда да Му го доведат. И кога се приближи го праша:
41. "Што сакаш за тебе да сторам?" А тој рече: "Господи, да прогледам!"
42. Тогаш Исус му рече: "Прогледај! Твојата вера те исцели."
43. И тој прогледа веднаш и тргна по Него, славејќи Го Бог. И сите луѓе, кои го видоа тоа, Му оддадоа слава на Бог.

  Luke (18/24)