Luke (17/24)  

1. И им рече на Своите ученици: "Неизбежно е да дојдат соблазни, но тешко на оној преку кого доаѓаат!
2. Подобро ќе биде за него да му обесат воденички камен на вратот и да го фрлат в море, отколку да наведе на грев еден од овие малечкиве.
3. Bнимавајте! Ако згреши твојот брат, искарај го и ако се покае прости му.
4. И ако седумпати на ден згреши против тебе и седумпати се обрати кон тебе и рече: 'Се каам!' - прости му!"
5. Апостолите Му рекоа на Господ: "Зголеми ни ја верата!"
6. А Господ им рече: "Ако имате вера колку едно синапово зрно - па и речете на црницава: 'Откорни се и пресади се в море", таа ќе ве послуша.
7. Кој од вас, ако има слуга, што му ора или му го чува стадото, ќе му рече кога ќе се врати од поле: 'Дојди бргу и прилегни крај трпезава!'
8. Не ќе му рече ли: 'Приготви ми нешто за вечера и опаши се за да ми служиш додека јадам и пијам, а потоа и ти јади и пиј!'
9. Ќе му заблагодари ли на слугата затоа што ја исполнил заповедта?
10. Така и вие, кога ќе исполните сè што ви е заповедано, речете: 'Ние сме бесполезни слуги, зашто го извршивме она што бевме должни да го извршиме.'"
11. Кога одеше за Ерусалим, поминуваше низ Самарија и Галилеја.
12. И при влегувањето во едно село, го сретнаа десетмина лепрозни мажи, кои застанаа подалеку
13. и го подигнаа гласот, велејќи: "Исусе, Господаре, смилувај ни се!"
14. А Тој, кога ги виде, им рече: "Одете и покажете им се на свештениците!" И додека одеа, се исчистија.
15. А еден од нив, кога виде дека оздравел, се врати гласно прославувајќи Го Бог.
16. Падна ничкум пред Неговите нозе и Му благодареше. А тој беше самарјанин.
17. Тогаш Исус одговори, велејќи: "Зар не се исчистија десеттемина? Кај се другите деветмина?
18. Не се најде ли уште некој да се врати и да Го прослави Бог, освен овој туѓинец!"
19. Притоа му рече: "Стани и оди си, твојата вера те исцели!"
20. А кога фарисеите Го прашаа: "Кога ќе дојде Божјото царство?" Тој им одговори, велејќи: "Божјото царство не доаѓа тукутака, та да може да се забележи;
21. ниту пак ќе се каже: 'Еве го, тука е, или таму!' - зашто, ете, Божјото царство е во вас."
22. А на учениците им рече: "Ќе дојдат денови, кога ќе посакате да видите еден од дните на Синот Човеков, ама не ќе го видите.
23. И ќе ви зборуваат: 'Еве Го тука!' или 'Ене Го онаму!' Не одете таму и не трчајте по нив!"
24. "Зашто, како што молскавицата кога секнува од едниот крај на небото и болскоти до другиот крај, така ќе биде Синот Човеков во Својот Ден.
25. Меѓутоа, првин Тој треба да настрада многу и да биде отфрлен од ова поколение.
26. И како што беше во деновите на Ное, така ќе биде и во деновите на Синот Човеков:
27. јадеа, пиеја, се женеа и се мажеа сè до денот кога Ное влезе во ковчегот; и дојде потопот и ги сотре сите.
28. Исто така, беше во деновите на Лот: јадеа, пиеја, купуваа, продаваа, садеа и ѕидаа;
29. а во денот кога Лот излезе од Содом, падна од небото оган и сулфур па ги сосипе сите.
30. Исто така ќе биде во Денот, кога ќе се јави Синот Човеков.
31. Bо тој Ден, кој ќе биде на покривот, а неговата покуќнина во домот, нека не слегува да ја прибере! Исто така оној што ќе се најде в поле, нека не се враќа по оставените работи.
32. Спомнете си за Лотовата жена.
33. Кој сака да си ја спаси душата, ќе ја загуби, а оној што ќе ја загуби, ќе ја спаси.
34. Bи велам, таа ноќ двајца ќе бидат во една постела; едниот ќе биде однесен, а другиот ќе биде оставен.
35. Две жени ќе мелат заедно; едната ќе биде однесена, а другата ќе биде оставена.
36. Двајца ќе бидат на нива; едниот ќе биде однесен, а другиот ќе биде оставен."
37. Тогаш проговорија и Му рекоа: "Кај ќе биде тоа, Господи?" А Тој им рече: "Кај што е трупот, таму ќе се собираат и мршојадците!"

  Luke (17/24)