Luke (16/24)  

1. А на учениците им зборуваше: "Беше еден Богат човек кој имаше настојник, кого го наклеветија пред него дека му го растура имотот.
2. И тој го повика и му рече: 'Што слушам за тебе? Дај сметка за твоето управување, зашто веќе не можеш да бидеш настојник!'
3. А настојникот си рече во себеси: 'Што да правам, зашто господарот ќе ми го одземе управувањето? Да копам? Не сум способен! Да питам? Се срамам!
4. Знам што ќе направам за да ме примат во нивните домови, кога ќе бидам отстранет од управувањето.'
5. И ги викна должниците на својот господар - секого одделно. На првиот му рече: 'Колку му должиш на мојот господар?'
6. А тој рече: 'Сто мери масло.' Му рече: 'Земи ја признаницата, седни брзо и напиши - педесет!'
7. Потоа му рече на вториот: 'А ти, колку должиш?' Тој рече: 'Сто мери пченица.' И нему му рече: 'Земи ја признаницата и напиши - осумдесет!'
8. А господарот го пофали несправедливиот настојник, бидејќи постапи итро. Зашто синовите на овој свет се поитри спрема својот род, отколку синовите на светлината.
9. И Јас ви велам: придобијте си пријатели преку неправедно богатство, па кога него ќе го нема да ве пречекаат во вечни живеалишта.
10. Оној што е верен во најмалото - верен е и во многу, а оној што е несправедлив во најмалото, несправедлив е и во многу.
11. Bпрочем, ако не сте биле верни во несправедливото богатство, кој ќе ви го довери вистинското?
12. И ако не сте биле верни во туѓото, кој ќе ви го даде она што е наше?
13. Ниеден слуга не може да им служи на два господара, зашто, или едниот ќе го мрази, а другиот ќе го љуби; или ќе се приврзе кон едниот, а другиот ќе го презре. Не можете да Му служите на Бог и на Мамон!"
14. Сето тоа го слушаа фарисеите, кои беа среброљупци и Му се потсмеваа.
15. А Тој им рече: "Bие се претставувате како праведни пред луѓето, но Бог ги знае вашите срца, зашто она што меѓу луѓето се смета за возвишено, пред Бог е гнасно."
16. "Законот и пророците беа до Јован. Оттогаш се проповеда Евангелието за Божјото царство, и секој сосила се пробива да влезе во него.
17. Полесно ќе биде небото и земјата да поминат, отколку да пропадне една цртичка од Законот.
18. Прељуба чини секој оној што ја остава својата жена и се жени со друга. И оној што се жени со оставена врши прељуба."
19. "Си беше еден богат човек, кој редовно се облекуваше во пурпур и во ленено платно и се веселеше раскошно секој ден.
20. А еден сиромав, по име Лазар, целиот во чирови, лежеше пред неговата порта
21. и копнееше да го касне она што паѓаше од трпезата на богатиот. Кучињата доаѓаа и му ги лижеа раните.
22. Така сиромавиот умре, и ангелите го однесоа во Авраамовиот скут.
23. Умре и богатиот и го погребаа. А во адот, во маката, тој ги поткрена своите очи и ги виде оддалеку Авраам и Лазар во неговиот скут,
24. и извика: 'Татко, Аврааме, смилувај ми се и испрати го Лазар да го натопи врвот од својот прст во вода, та да ми го разлади јазиков, зашто страшно се измачувам овде во пламенов!'
25. Авраам му рече: 'Синко, сети се дека ти ги прими своите благодати уште додека беше жив, а Лазар лошото! Сега тој овде најде утеха, а ти се измачуваш.
26. Освен тоа, меѓу нас и вас поставена е голема бездна, та и оние што би сакале да преминат оттука кај вас, не можат, а ниту пак вие да преминете оттаму кај нас.'
27. А тој рече: 'Ако е така, те молам, татко, испрати го дома кај татко ми,
28. таму имам петмина браќа, нека им посведочи, за да не се најдат и тие во ова место на маки!'
29. А Авраам рече: 'Ги имаат Мојсеј и пророците, нека ги слушаат нив!'
30. Тој пак му рече: 'Не, татко, Аврааме! Само ако некој од мртвите отиде кај нив, тие ќе се покајат.'
31. Му рече: 'Ако не ги слушаат Мојсеј и пророците, нема да му веруваат ни на оној кој воскреснал од мртвите.'"

  Luke (16/24)