Luke (15/24)  

1. Сите даночници и грешници се собираа околу Него, за да Го слушаат.
2. А фарисеите и закониците пак мрмореа, велејќи: "Овој прима грешници и јаде со нив."
3. Тогаш им ја кажа оваа споредба:
4. "Кој од вас, ако има сто овци, и загуби една од нив, не ќе ги остави деведесет и деветте во пустината и не ќе тргне по загубената, додека не ја најде.
5. А кога ќе ја најде, ќе ја крене на своите рамена радувајќи се
6. и кога ќе дојде дома, ќе ги викне пријателите и соседите и ќе им рече: 'Радувајте се со мене, зашто ја најдов својата изгубена овца!'
7. Bи велам: поголема радост ќе има на небото, за еден грешник кој се кае, отколку за деведесет и девет праведници, кои немаат потреба од каење."
8. "Или, која жена, ако има десет сребреници и загуби еден, нема да запали светилка, и не ќе ја мете куќата, и не ќе го бара внимателно, додека не го најде?
9. А кога ќе го најде, ќе ги викне пријателите и соседите и ќе им рече: 'Радувајте се со мене, зашто го најдов сребреникот што го загубив!'
10. На ист начин, ви велам, се радуваат Божјите ангели, заради еден грешник, кој се кае."
11. И рече: "Еден човек имаше два сина.
12. Помладиот од нив му рече на татка си: 'Татко, дај ми го делот од имотот, што ми припаѓа!' И тој им го раздели имотот.
13. А по неколку дена помладиот син собра сè што беше негово и замина во далечна земја и таму го потроши својот имот, живеејќи развратно.
14. Кога потроши сè, настана голем глад во таа земја, и тој се најде во скудност.
15. Тогаш отиде и се здружи со еден тамошен човек, а тој го испрати на своите полиња, за да ги пасе свињите.
16. И страден беше да го наполни својот желудник со рогачки што ги јадеа свињите, но никој не му ги даваше.
17. А кога дојде на себеси, рече: 'Колку момоци кај татко ми имаат леб во изобилство, а јас овде умирам од глад!
18. Ќе станам и ќе си појдам кај татко ми, па ќе му речам: 'Татко, згрешив спрема небото и пред тебе;
19. не сум веќе достоен да се нарекувам твој син. Прими ме како еден од твоите момоци!'
20. И стана и тргна кон татка си. И кога беше уште далеку, неговиот татко го здогледа и се сожали, па се стрча кон него, му се фрли на вратот и го целиваше.
21. А синот му рече: 'Татко, згрешив спрема небото и пред тебе. Не сум веќе достоен да се нарекувам твој син!'
22. Но таткото им рече на своите слуги: 'Бргу, донесете ја најубавата облека, облечете го и ставете му прстен на раката, и обувки на нозете.
23. Дотерајте го згоеното теле и заколете го, да јадеме и да се веселиме,
24. зашто овој мој син беше мртов и оживе, беше загубен и се најде.' И почнаа да се веселат.
25. А неговиот постар син беше в поле. Кога се враќаше и се приближи до куќата, чу песна и играње;
26. па повика еден од слугите и го праша што е тоа.
27. А тој му рече: 'Брат ти си дојде и твојот татко го закла згоеното теле, бидејќи се врати жив и здрав.'
28. Тој се налути и не сакаше да влезе, а неговиот татко излезе и почна да го моли.
29. А тој му одговори на татка си: 'Еве, ти служам толку години и никогаш не прекршив ниедна твоја заповед, а ти никогаш не ми даде ни јаре, за да се повеселам со своите пријатели.
30. А кога дојде овој твој син, кој го сплиска твојот имот со блудници, му закла згоено теле!'
31. Тој пак му рече: 'Чедо, ти си секогаш со мене, и сè што е мое - твое е.
32. Но треба да се веселиме и да се радуваме, зашто овој твој брат беше мртов и оживе, беше загубен и се најде.'"

  Luke (15/24)