Luke (14/24)  

1. Кога еднаш во саботен ден влезе во куќата на некој фарисејски старешина за да јаде леб, тие будно Го набљудуваа.
2. И ете, пред Него беше еден човек кој страдаше од водена болест.
3. Исус проговори и им рече на закониците и фарисеите: "Дали е дозволено или не е да се лекува во сабота?"
4. Тие молчеа. А Тој го допре, го исцели и го пушти.
5. А ним им рече: "Кој од вас, кога ќе му падне синот или волот в бунар, не ќе го извади веднаш во саботен ден?"
6. И не можеа ништо да Му одговорат на тоа.
7. А на гостите им кажа споредба, кога забележа како тие ги избраа почесните места и им рече:
8. "Кога ќе те покани некој на свадбена гоштавка, не седнувај на почесно место да не би да е поканет случајно некој кој е поугледен од тебе,
9. па оној што те поканил и тебе и него да не дојде и да ти каже: 'Отстапи му го местото на овој!' И тогаш ќе треба засрамен да го заземеш последното место.
10. Но, кога ќе те поканат, оди и прилегни на последното место, па оној што те поканил, кога ќе дојде, да ти каже: 'Пријателе, премести се погоре!' Тогаш ќе имаш чест пред сите што се со тебе крај трпезата.
11. Зашто, секој кој се возвишува, ќе биде понижен; а кој се понизува, ќе биде возвишен."
12. Му рече и на оној што Го покани: "Кога даваш ручек или вечера, не кани ги своите пријатели, ни твоите браќа, роднините, ниту богатите соседи, за да не те поканат и тие и да ти биде возвратено.
13. Туку кога даваш гоштавка, покани ги бедните, сакатите, куците и слепите!
14. И ќе бидеш блажен, зашто немаат со што да ти вратат! Ќе ти биде возвратено при воскресението на праведниците."
15. Кога го чу тоа еден од гостите, Му рече: "Блажен е оној кој ќе јаде леб во Божјото царство! "
16. А Тој му рече: "Еден човек приготви голема вечера и покани мнозина.
17. А кога дојде време за вечера, го испрати својот слуга да им рече на поканетите: 'Повелете, зашто трпезата е готова!'
18. А тие, како договорени, почнаа да се извинуваат. Првиот рече: 'Купив нива и треба да појдам да ја видам. Те молам, извини ме!'
19. Другиот му рече: 'Купив пет ѕевгари волови, па ќе одам да ги испробам, те молам, извини ме!'
20. И третиот рече: 'Се оженив, затоа не можам да дојдам!'
21. Слугата се врати и му го кажа тоа на својот господар. Тогаш домаќинот се разгневи и му рече на својот слуга: 'Излези бргу по крстосниците и градските улици и доведи ги ваму бедните, сакатите, слепите и куците!'
22. А слугата му рече: 'Господаре, направено е како што заповеда, но има уште место.'
23. И господарот му рече на слугата: 'Излези по патиштата и по оградите и викни ги да дојдат, за да ми се наполни домов.
24. Зашто ви велам: ниеден од тие што беа поканети нема да вкуси од мојата вечера.'"
25. Кога едночудо народ одеше по него, Тој се обѕрна и им рече:
26. "Ако некој дојде кај Мене, а не ги замрази: таткото, мајката, жената, децата, браќата, сестрите, па и својата сопствена душа, не може да биде Мој ученик.
27. Кој не го носи својот крст и не оди по Мене, не може да биде Мој ученик.
28. Зашто, кој од вас, кога сака да изгради кула, не ќе седне прво да ги пресмета трошоците, дали има со што да ја заврши?
29. Инаку, откога ќе ја постави основата, а не може да заврши, сите што гледаат ќе почнат да се подбиваат, велејќи:
30. 'Овој човек почна да гради, а не може да заврши!'
31. Или, кој цар кога оди на војна против друг цар, прво не ќе седне да се посоветува, може ли со десет илјади да издржи пред оној кој иде против него со дваесет илјади?
32. Ако не може, испраќа пратеници додека е оној уште далеку и моли за мир.
33. И така, ако некој од вас не се откаже од сè што има, не може да биде Мој ученик."
34. Солта е добра. Но ако таа стане блуткава, со што ќе се осоли?
35. Не е добра ни за почвата, ни за ѓубрето, па ја исфрлаат надвор. Кој има уши да слуша - нека слушне."

  Luke (14/24)