Luke (13/24)  

1. Токму во тоа време дојдоа некои и Го известија што се случи со Галилејците, чија крв Пилат ја измеша со крвта на нивните жртви.
2. Тој одговори, велејќи им: "Мислите дека тие Галилејци беа повеќе грешни од останатите Галилејци, па затоа настрадаа така?
3. Не, ви велам, но ако не се покаете, сите така ќе загинете.
4. Или мислите дека оние осумнаесет души, врз кои падна Силоамската кула и ги уби, беа повиновни од сите луѓе кои живеат во Ерусалим?
5. Не, ви велам! Но ако не се покаете, сите така ќе загинете."
6. Ја кажа и оваа споредба: "Некој човек беше насадил смоква во своето лозје, па дојде да побара плод на неа, но не најде.
7. Тогаш му рече на лозарот: "Еве, веќе три години доаѓам и барам плод на оваа смоква, но не наоѓам. Пресечи ја! Зошто и натаму да ја испостува земјата?"
8. Но тој му одговори, велејќи: "Господине, остави ја уште оваа година, додека раскопам околу неа и ја наѓубрам,
9. па можеби ќе роди идната година, ако не пресечи ја.
10. А кога поучуваше во сабота, во една синагога,
11. ете, таму беше една жена, која осумнаесет години имаше болест предизвикана од дух, и беше свиткана вудве и не можеше да се исправи.
12. Штом Исус ја виде, ја повика и и рече: "Жено, избавена си од својата болест,
13. па ги стави рацете врз неа, а таа веднаш се исправи и Го славеше Бога.
14. А настојникот на синагогата Му забележа дека Исус исцели во сабота, па му рече на народот: "Има шест дена кога треба да се работи! Bо тие денови доаѓајте и лекувајте се! А не во саботен ден!"
15. Но Господ му одговори, велејќи: "Лицемери! Дали секој од вас не го одврзува својот вол или магаре од јаслите во сабота и не го води ли да го напои?
16. А оваа жена, Авраамова ќерка, која сатаната ја врзал веќе осумнаесет години, не требаше ли да биде ослободена од таа врска во саботен ден?"
17. И кога го рече тоа, се засрамија сите Негови противници, а целиот народ им се радуваше на сите славни дела што ги изврши.
18. Потоа рече: "На што прилега Божјото царство и со што да го споредам?
19. Прилега на синапово зрно, што човек го зема и го посејува во својата градина, каде израснува и станува големо дрво, а небесните птици прават гнезда на неговите гранки."
20. И пак рече: "Со што да го споредам Божјото царство?
21. Тоа прилега на квасот, што се зема и се замесува во три мери брашно, додека сето тоа не скисне."
22. И патувајќи кон Ерусалим, минуваше низ градови и села и поучуваше.
23. А некој му рече: "Господи, малку ли се оние што се спасуваат?" Тој пак им рече:
24. "Настојувајте да влезете низ тесната врата, зашто ви велам: мнозина ќе посакаат да влезат, но не ќе можат.
25. Кога домаќинот ќе стане и ќе ја затвори вратата, ако вие останете надвор и почнете да чукате и да викате: "Господаре, отвори ни!", Тој ќе ви одговори: "Не знам од каде сте!"
26. Тогаш ќе почнете да зборувате: "Јадевме и пиевме пред Тебе, а Ти поучуваше по нашите улици."
27. А Тој ќе ви рече: "Bи велам, не знам од каде сте! Отстапете од Мене сите вие што вршите неправда!"
28. Ќе има лелек и чкртање со заби, кога ќе ги видите Авраам, Исак, Јаков и сите пророци во Божјото царство, а себеси - истерани надвор.
29. И ќе дојдат од исток и запад, од север и југ, и ќе седнат во Божјото царство.
30. И ете, има последни што ќе бидат први, и има први што ќе бидат последни."
31. И во истиот час пристапија некои фарисеи и Му рекоа: "Излези и оди си оттука, зашто Ирод сака да Те убие!"
32. Тој им рече: "Одете и кажете и на таа лисица: 'Еве изгонувам демони и исцелувам денес и утре, а третиот ден ќе завршам.
33. Но денес, утре и задутре треба да патувам, зашто не чини пророк да загине надвор од Ерусалим.'"
34. "Ерусалиме, Ерусалиме, ти што ги убиваш пророците и со камења ги погубуваш оние што се испратени кај тебе, колкупати сакав да ги соберам твоите деца, како квачката своите пилиња под крилјата, но не сакавте!
35. Еве, ви останува пуст вашиот дом. И ви велам: нема да Ме видите додека не дојде време да кажете: 'благословен е Оној Кој доаѓа во Господово име!'"

  Luke (13/24)