Luke (12/24)  

1. Bо меѓувреме се собраа едночудо луѓе, па се газеа едни со други. Тој почна да им зборува првин на Своите ученици: "Пазете се од фарисејскиот квас, што е лицемерство!
2. Нема ништо скриено, што не ќе се открие, ниту тајно, што не ќе се дознае!
3. Затоа, тоа што сте го рекле во темнина, ќе се чуе на видело, и што сте го шепотеле во собите, ќе биде разгласено од покривите.
4. А вам, пријатели, ви велам: не плашете се од оние што го убиваат телото, а потоа не можат ништо повеќе да сторат!
5. Туку ќе ве предупредам од кого да се плашите: плашете се од Оној Кој откако ќе убие има власт да фрли во пеколот! Да, ви велам, плашете се од Него!
6. Зар не се продаваат две врапчиња за две парички? И ниедно од нив не е заборавено пред Бог.
7. А вам ви се изброени и сите влакна на главата! Не плашете се! Bие вредите повеќе од многу врапчиња.
8. И ви велам: секој што ќе Ме признае Мене пред луѓето, и Синот Човеков ќе го признае него пред Божјите ангели;
9. а кој ќе се откаже од Мене пред луѓето, ќе биде откажан пред Божјите ангели.
10. На секој што ќе рече збор против Синот Човеков, ќе му биде простено, но на оној кој ќе похули против Светиот Дух, нема да му биде простено.
11. И кога ќе ве одведат во синагогите, пред управителите и властите, не грижете се за тоа како и што ќе кажете во ваша одбрана,
12. зашто Светиот Дух ќе ве научи во истиот час што треба да кажете!
13. Тогаш некој од толпата Му рече: "Учителе, кажи му на брат ми да го подели наследството со мене!"
14. А Тој му рече: "Човече, кој Ме поставил Мене за судија или за делител над вас?"
15. И им рече: "Bнимавајте и чувајте се од секој вид на алчност, зашто животот на човекот не се состои во изобилството на неговиот имот!"
16. И им кажа и споредба, велејќи: "Земјата на еден богат човек многу му роди.
17. И размислуваше во себеси: 'Што да направам, ќе немам каде да ги соберам плодовите?'
18. Потем рече: 'Ќе сторам вака: ќе ги урнам амбарите и ќе изградам поголеми и таму ќе го соберам сето жито и целата летнина.
19. Е, тогаш ќе и речам на својата душа: душо, имаш јадачка и пијачка за многу години; почивај, јади, пиј и весели се!'
20. Ама Бог му рече: "Безумен човече, вечерва ќе ти ја побарам душата! Чие ќе биде сето тоа што го натрупа?'
21. Така поминува секој што собира богатство за себе, а не е богат во Бога."
22. И уште им рече на учениците: "Затоа ви велам: не бидете загрижени за својот живот - што ќе јадете, ниту за своето тело - што ќе облечете;
23. зашто животот е повеќе од храната, а телото од облеката.
24. Погледнете ги гавраните, ниту сеат, ниту жнеат; немаат ни складови, ни амбари, а сепак Бог ги храни. А вие вредите многу повеќе од птиците!
25. А кој од вас може грижејќи се, да и додаде еден лакот на својата става?
26. И така, ако не можете да го направите ни најмалото, зошто сте загрижени за другото?
27. Погледнете како растат криновите. Тие не се трудат и не предат; а Јас ви велам дека ни Соломон, во сета своја слава, не се облече како еден од нив.
28. Ако Бог така ја облекува тревата в поле, што денес ја има, а утре се фрла в оган, колку повеќе вас, маловерни?
29. И не гледајте што ќе јадете и што ќе пиете, и не бидете загрижени!
30. Сето тоа го бараат луѓето од овој свет, а вашиот Татко знае дека тоа ви е потребно.
31. Туку барајте го Неговото царство, и тоа ќе ви се придодаде!
32. Не плаши се, мало стадо, зашто вашиот Татко со радост реши да ви го даде Царството.
33. Продајте го својот имот и дајте го како милостина! Направете си торби што не излитуваат, неисцрпно богатство на небесата, каде крадец не се приближува, ниту молец изедува,
34. зашто каде што е вашето богатство таму ќе биде и вашето срце."
35. Бидете подготвени и запалете ги светилките!
36. А вие бидете како луѓе кои го чекаат својот господар кога се враќа од свадба, за да му отворат веднаш штом ќе дојде и чукне.
37. Блажени се оние слуги кои господарот ќе ги најде будни кога ќе си дојде! Bистина ви велам дека ќе им рече да прилегнат крај трпезата и ќе дојде да им служи.
38. И ако дојде во втората или третата стража и ги најде така, блазе си им.
39. Но, знајте го ова: ако домаќинот знае во кој час ќе дојде крадецот, нема да дозволи да му провали во куќата.
40. И вие бидете подготвени, зашто Синот Човеков ќе дојде во час кога не Го очекувате!"
41. Тогаш Петар рече: "Господи, само нам ли ни ја кажуваш оваа споредба или на сите?"
42. А Господ рече: "Кој е тој верен и разумен настојник, кого господарот ќе го постави над своите слуги, за да им дава храна на време?
43. Блажен е оној слуга, кого господарот, кога ќе се врати, ќе го најде да прави така!
44. Bистина ви велам, ќе го постави над целиот свој имот.
45. Но ако тој слуга рече во своето срце: 'Мојот господар нема скоро да дојде', па почне да ги тепа слугите и слугинките, да јаде, да пие и да се опива;
46. господарот на тој слуга ќе дојде во ден кога не го очекува, и во час што не го знае, и ќе го раскине на парчиња и ќе го прати кај неверните.
47. А оној слуга, кој ја знаел волјата на својот господар, а не приготвил и не постапил според неговата волја, ќе биде многу тепан.
48. А оној кој не знаел, а направил нешто што заслужува камшикување, ќе биде малку тепан. Од секој, кому му е дадено многу, многу ќе се бара, а кому му е доверено многу, од него ќе се бара уште повеќе."
49. "Дојдов да фрлам оган на земјата, и колку би сакал веќе да е запален!
50. Но треба да бидам крстен, и колку ми е тешко додека не се изврши тоа.
51. Мислите ли дека дојдов да донесам мир на земјата? Не, ви велам, туку раздор,
52. зашто отсега петмина во една куќа ќе бидат разделени: тројца против двајца, двајца против тројца.
53. Ќе се разделат татко против син, и син против татко; мајка против ќерка, и ќерка против мајка; свекрва против снаа, и снаа против свекрва."
54. А на народот му рече: "Кога гледате дека се дига облак од запад, веднаш велите: 'Доаѓа бура' - и се збиднува.
55. И кога гледате дека дува јужен ветар, велите: 'Ќе биде жешко и се збиднува.
56. Лицемери! Умеете да ги протолкувате појавите на небото и земјата, како тогаш не го препознавате ова време?
57. А зошто сами за себе не процените што е право?
58. Зашто, кога одиш со својот противник кај управникот, погрижи сè уште по пат да се спогодиш со него, за да не те предаде на судијата, а судијата да те предаде на извршителот, а тој да те фрли в зандана.
59. Ти велам, нема да излезеш оттаму, додека не ја дадеш и последната пара."

  Luke (12/24)