Luke (11/24)  

1. А кога се молеше на едно место и кога престана, еден од Неговите ученици Му рече: "Господи, научи нè да се молиме, како што и Јован ги научи своите ученици!"
2. А Тој им рече: "Кога се молите, изговарајте: "Татко, нека биде свето Твоето име! Нека дојде Твоето Царство!
3. Нашиот насушен леб, давај ни го секој ден!
4. Прости ни ги нашите гревови, зашто и ние самите му ги проштаваме на секој должник! И не воведувај нè во искушение!"
5. И им рече: "Ако некој од вас има пријател и појде кај него на полноќ, и му рече: 'Пријателе, дај ми на заем три леба,
6. зашто ми дојде пријател од пат, а немам што да ставам пред него',
7. а оној однатре му одговори: 'Не додевај ми, вратата е веќе затворена, а децата ми се со мене в постела, не можам да станам да ти дадам',
8. ви велам, ако и не би станал да му даде затоа што му е пријател, ќе стане заради неговото настојување и ќе му даде колку што му треба.
9. А Јас ви велам: 'Молете и ќе ви биде дадено! Барајте и ќе најдете! Чукајте, и ќе ви биде отворено!
10. Зашто секој кој моли, прима; и кој бара, наоѓа; а на оној кој чука, ќе му биде отворено.
11. И кој е оној татко меѓу вас, што ќе му даде на својот син камен, ако побара леб? Или, ако побара риба, да му даде место риба, змија?
12. Или ако побара јајце да му даде скорпија?
13. И така, ако вие кои сте зли, можете да им давате добри дарови на своите деца, колку повеќе небесниот Татко ќе им го даде Светиот Дух на оние кои Го молат?'
14. Еднаш истеруваше демон, кој беше нем. И кога демонот излезе, немиот проговори, а народот се восхити.
15. А некои од нив рекоа: "Тој ги изгонува демоните со помош на Белзебуб, принцот на демоните.
16. Другите пак го искушуваа и бараа од Него знак од небото.
17. А Тој ги знаеше нивните мисли и им рече: "Ќе се испусти секое царство, ако се раздели во себеси, и домот разделен однатре - паѓа.
18. И ако сатаната се раздели во себеси, како ќе се одржи неговото царство? А вие велите дека изгонувам демони со помош на Белзебуб,
19. И ако Јас изгонувам демони преку Белзебуб, тогаш со чија помош ги изгонуваат вашите синови? Ете затоа тие ќе ви бидат судии.
20. Но ако изгонувам демони со Божјиот прст, значи дека Божјото царство дошло кај вас.
21. Кога силен, вооружен човек, го чува својот дом, над неговиот имот владее мир.
22. Но ако дојде посилен од него и го нападне и совлада, ќе му го одземе оружјето на кое се беше надевал, и ќе го раздели ограбеното.
23. Кој не е со Мене, тој е против Мене, и кој не собира со Мене, растура!
24. Кога нечистиот дух ќе излезе од човекот, тој талка по безводни места и бара спокојство. И кога нема да најде, вели: 'Ќе се вратам во својот дом, од каде што излегов.'
25. И кога ќе дојде, го наоѓа изметен и суреден.
26. Тогаш оди и зема седум други демони, полоши од себе, а кога ќе влезат живеат таму, па последната состојба на тој човек станува полоша од првата."
27. А кога го зборуваше тоа, една жена од народот, извика: "Блажена е утробата која Те носела и градите кои те доеле."
28. А Тој рече: "Напротив, блажени се оние кои го слушаат Божјото слово и го пазат."
29. А кога народот се собираше, Тој почна да зборува: "Ова поколение е зло поколение; бара знак, но нема да му биде даден, освен знакот на Јона.
30. Имено, како што Јона им беше знак на Ниневијците, така и Синот Човеков ќе биде за ова поколение.
31. Царицата на Југот ќе се јави на суд со луѓето од ова поколение и ќе го осуди; зашто дојде од крајот на земјата, за да ја чуе Соломоновата мудрост. А ете, тука има нешто поголемо од Соломон!
32. Ниневијците ќе се јават на суд со ова поколение и ќе го осудат, зашто се покајаа од проповедта на Јона, а ете, тука има нешто поголемо од Јона!
33. Никој не става запалена светилка на скриено место или под вршник, туку на свеќник, за да ја видат светлината оние кои влегуваат.
34. Светилката на телото е твоето око. Ако твоето око е бистро - целото твое тело е осветлено; ако пак е зло, и твоето тело е исполнето со темнина.
35. Затоа внимавај, светлината што е во тебе да не биде темнина!
36. Ако целото твое тело е полно со светлина, без да има темен дел, ќе биде целосно осветлено, како кога светилката те осветлува со своите зраци."
37. И додека Тој зборуваше, еден фарисеј Го покани на ручек кај него; Тој влезе и седна крај трпезата.
38. А штом фарисејот го виде тоа, се зачуди зашто не се изми пред да јаде.
39. А Господ му рече: "Точно, вие фарисеите ја чистите надворешноста на чашата и чинијата, а вашата внатрешност е полна со грабеж и лукавство.
40. Безумници! Зар Оној Кој ја создаде надворешноста, не ја создаде и внатрешноста?
41. Туку, дајте го како милостина тоа што е внатре, и ете, сè ќе ви биде чисто.
42. Но, тешко вам, фарисеи, кои давате десеток од нане и од горчлива трева, и од секаков зеленчук, а ги занемарувате правдата и Божјата љубов! Ова требаше да го правите без да ги запоставите и другите работи.
43. Тешко вам, фарисеи, зашто ги сакате првите места во синагогите и поздравите по пазарите.
44. Тешко вам, зашто сте како гробови, што не се забележуваат, па луѓето што газат преку нив не ги знаат."
45. Тогаш еден од закониците Му одговори, велејќи Му: "Учителе, кога го зборуваш тоа, и нас нè навредуваш."
46. Тој пак им рече: "Горко ви вам - законици, зашто ги товарите луѓето со бремиња што тешко се носат, а вие самите ни со прст не се допирате до бремињата.
47. Тешко вам, зашто им градите надгробни споменици на пророците, а татковците ваши ги убија!
48. Па така, вие сте сведоци за делата на вашите татковци и се согласувате со нив; зашто тие и ги убија, а вие им градите гробници.
49. Затоа и Божјата мудрост вели: 'Ќе им испратам пророци и апостоли, и едни ќе убијат, а други ќе прогонат,
50. за да се побара од ова поколение крвта на сите пророци пролеана од создавањето на светот:
51. од крвта на Авел, па сè до крвта на Захарија кој загина меѓу жртвеникот и светилиштето. Да, ви велам, ќе се бара од ова поколение.
52. Тешко вам, законици, зашто го зедовте клучот од знаењето - самите не влеговте, а им попречивте на оние кои сакаа да влезат."
53. А кога излезе оттаму, закониците и фарисеите многу се разгневија на Него и почнаа да Го испитуваат за многу работи,
54. дебнејќи Го да Го фатат за некој збор.

  Luke (11/24)