Luke (10/24)  

1. Потоа Господ определи седумдесетмина други и ги испрати, по двајца, пред Себе во секој град и во секое место, каде што сакаше да појде.
2. И им рече: "Жетвата е голема, а работниците се малку. Затоа молете Го Господарот на жетвата да испрати работници на Својата жетва.
3. Одете! Ете, Јас ве праќам како јагниња меѓу волци.
4. Не носете ни чекмеже, ни торба, ниту обувки и по пат не поздравувајте никого!
5. И во која куќа ќе влезете, најнапред речете: "Мир во овој дом!"
6. И ако има таму човек на мирот, вашиот мир ќе остане на него; а ако нема, ќе се врати кај вас.
7. Останете во таа куќа, јадете и пијте што ќе ви дадат, зашто работникот ја заслужува својата заработка. Не минувајте од куќа во куќа.
8. И ако влезете во некој град и ве примат, јадете што ќе изнесат пред вас!
9. Исцелувајте ги болните во него и говорете им: "Божјото царство се приближи до вас!"
10. Ако пак влезете во некој град и не ве примат, излезете на неговите улици и речете:
11. "И правот од вашиот град, што се залепил на нашите нозе, ви го истресуваме; но знајте го ова - Божјото царство се приближи."
12. Bи велам - полесно ќе му биде на Содом во оној ден, отколку на тој град."
13. "Тешко тебе, Хоразине! Тешко тебе, Бетсаидо! Зашто ако во Тир и Сидон беа извршени моќните дела што се случија кај вас, веќе одамна би се покајале, облечени во вреќишта и во пепел.
14. Но на Тир и Сидон полесно ќе им биде на Судот, отколку вам!
15. А ти Капернауме, зар ќе се издигаш до небо? До адот ќе бидеш спуштен!
16. Кој ве слуша вас, Мене Ме слуша, и кој ве отфрла вас, Мене Ме отфрла, а кој Ме отфрла Мене, Го отфрла Оној Кој Ме прати."
17. А седумдесеттемина се вратија со радост и рекоа: "Господи, дури и демоните ни се покоруваат во Твое име."
18. А Тој им рече: "Го гледав сатаната како паѓа од небото, како молња!
19. Ете, ви давам власт да газите на змии и на скорпии и над секоја непријателска сила, и ништо нема да ви напакости.
20. Но не радувајте се на тоа дека духовите ви се покоруваат, туку радувајте се дека вашите имиња се запишани на небесата!"
21. Bо истиот час Тој многу се зарадува во Светиот Дух и рече: "Те славам, Татко, Господар на небото и на земјата, што го скри ова од мудрите и умните, а им го откри на малите деца. Да, Татко, зашто таква Ти беше Твојата волја.
22. Мојот Татко Ми предаде сè! И никој не знае Кој е Синот, освен Таткото; и Кој е Таткото - освен Синот, и оној на кого Синот сака да му открие."
23. И кога се обрати кон учениците, им рече насамо: "Блажени се очите кои го гледаат ова што вие го гледате!
24. Зашто, ви велам дека многу пророци и цареви сакаа да го видат тоа што вие го гледате, а не го видоа, и да го чујат она што вие го слушате, а не го чуја."
25. И ете, еден толкувач на Законот стана да Го искушува и Го праша: "Учителе, што треба да правам за да наследам вечен живот?"
26. Тој му рече: "Што е напишано во Законот? Што читаш?"
27. А тој одговори, велејќи: "Љуби Го Господ, својот Бог со сето свое срце, со сета своја душа, со сета своја сила и со сиот свој ум, и својот ближен како себеси!"
28. На тоа Исус му рече: "Точно одговори! Прави го тоа и ќе живееш!"
29. Но тој, сакајќи да се оправда, Го праша Исуса: "А кој е мојот ближен?"
30. Исус му одговори, велејќи му: "Еден човек, слегувајќи од Ерусалим во Ерихон, налета на разбојници кои го соблекоа и го ранија, го оставија полумртов и си отидоа.
31. А случајно по истиот пат слегуваше еден свештеник и кога го виде, го одмина.
32. Исто така и еден левит, кога дојде таму и кога го виде - го одмина.
33. А еден патник, самарјанин, дојде до него и кога го виде, се сожали.
34. Му се приближи, му ги полеа раните со масло и вино и му ги преврза; потоа го качи на своето добиче, го однесе во гостилницата и се погрижи за него.
35. Утредента извади два денарии, му ги даде на гостилничарот и му рече: 'Погрижи се за него, а ако потрошиш нешто повеќе, ќе ти платам на враќање.'
36. Што мислиш, кој од тие тројца му беше ближен на оној кој падна во рацете на разбојниците?"
37. Тој одговори: "Оној што му укажа милосрдност." Исус му рече: "Оди и ти прави така."
38. Кога одеа, влезе во едно село, а некоја жена, по име Марта, Го покани во својот дом.
39. Таа имаше сестра што се викаше Марија, која седна крај Господовите нозе и го слушаше Неговото слово.
40. А Марта се трудеше многу да Му служи што подобро. Таа пристапи и рече: "Господи! Зар не Те засега тоа што сестра ми ме остави сама да Те служам? Речи и да ми помогне!"
41. А Господ и одговори, велејќи: "Марта! Марта! Ти си загрижена и вознемирена за многу нешта;
42. а само некои работи се потребни, всушност само една. Марија го избра добриот дел, што нема да и се одземе."

  Luke (10/24)