Jude (1/1)    

1. Јуда, слуга на Исус Христос и брат на Јаков, до оние кои се повикани, љубени од Бог Таткото и зачувани за Исус Христос.
2. Да ви се множат милоста, мирот и љубовта!
3. Мили мои, додека правев напори да ви напишам за нашето заедничко спасение, почувствував потреба со писмо да ве поттикнам да се борите сесрдно за верата која им е предадена на светиите еднаш за секогаш.
4. Зашто, тајно се вовлекоа некои луѓе, кои се одамна однапред назначени за оваа осуда: безбожници, кои благодатта на нашиот Бог ја извртуваат во разузданост и Го одрекуваат нашиот единствен Господар и Господ, Исус Христос.
5. Сега сакам да ви напомнам, еднаш за секогаш, иако знаете сè, дека Господ, откако го избави народот од Египет, ги погуби оние што не поверуваа,
6. па и ангелите, кои не го зачуваа своето место, туку го оставија своето определено место, ги чува во вечни окови под мрак, за судот на великиот ден.
7. Токму така како Содом и Гомора и нивните околни градови, кои на ист начин како и овие се оддадоа на блудство и тргнаа по туѓи тела, тие стојат како пример, поднесувајќи ја казната на вечниот оган.
8. Овие мечтатели, на ист начин го осквернуваат телото, ја презираат власта и хулат на ангелското величие.
9. А архангелот Михаил, кога се расправаше и препираше со ѓаволот за телото на Мојсеј, не се осмели да изрече навредлива пресуда, туку рече: "Господ да те прекори!"
10. А овие пак хулат на она што не го знаат; а она што го знаат по инстинкт како неразумните животни, во тоа пропаѓаат.
11. Тешко ним, зашто тргнаа по Каиновиот пат, и за печалба нагрвалија во заблудата на Балаам и изгинаа во Кореевиот бунт.
12. Тие се подводни гребени на вашите трпези на љубовта, кои се гостат со вас без страв, грижејќи се само за себеси; безводни облаци носени од ветровите, есенски неплодни дрвја, двојно мртви и откорнати;
13. бесни морски бранови што се пенат со своите срамоти; ѕвезди скитнички, за кои мрачна темнина за вечни векови се чува.
14. А за овие пророкуваше Енох, седмиот по Адам, велејќи: "Ете, Господ дојде со илјадници Свои светии,
15. за да им суди на сите и за да ги изобличи сите безбожници за сите нивни безбожни дела што безбожно ги направиле, и за сите навредливи зборови што безбожните грешници ги изговориле против Него."
16. Тие луѓе се мрморковци, кои постојано се поплакуваат на својата судбина, кои живеат според своите похоти; нивната уста зборува надмено, им се умилкуваат на луѓето заради стекнување полза.
17. А вие, мили мои, треба да си спомнете на зборовите кажани порано од апостолите на нашиот Господ Исус Христос;
18. зашто тие ви рекоа: "Bо последното време ќе се јават подбивачи, кои ќе живеат според своите безбожни похоти."
19. Тоа се сејачи на раздор, душевно настроени луѓе - кои Го немаат Духот.
20. А вие, мили мои, изградувајте се себеси врз вашата пресвета вера, молејќи се во Светиот Дух,
21. одржете се себеси во Божјата љубов, нестрпливо очекувајќи ја милоста на нашиот Господ Исус Христос за вечен живот.
22. Бидете милостиви кон оние кои се сомневаат,
23. спасувајте ги другите, извлекувајќи ги од оган. Спрема некои пак покажете милост, со страв, мразејќи ја дури и облеката од телото осквернета.
24. А Оној Кој може да ве дочува од слизнување и да ве постави непорочни пред Неговата слава со голема радост,
25. Единствениот Бог, нашиот Спасител, преку Исус Христос нашиот Господ, нека има слава, величие, сила и власт пред вековите, сега и во сите векови. Амин!

      Jude (1/1)