John (7/21)  

1. Потоа Исус одеше по Галилеја, бидејќи не сакаше да оди низ Јудеја, зашто Евреите Го бараа за да Го убијат.
2. А наближуваше јудејскиот празник на Сениците.
3. Тогаш Неговите браќа Му рекоа: "Замини оттука и оди во Јудеја, за да ги видат и Твоите ученици делата што ги вршиш;
4. зашто никој не прави нешто тајно, кога самиот сака да биде познат. Штом ги вршиш тие дела, објави му се на светот."
5. Зашто ни Неговите браќа не веруваа во Него.
6. Затоа Исус им рече: "Моето време сè уште не е втасано, а за вас времето секогаш е згодно.
7. Светот вас не може да ве мрази, а Мене Ме мрази, зашто сведочам за него оти неговите дела се зли.
8. Bие појдете горе на празникот. Јас нема да отидам, зашто Моето време уште не е исполнето."
9. Тоа им го рече и остана во Галилеја.
10. А кога Неговите браќа отидоа на празникот, тогаш отиде и Самиот, не јавно, туку тајно.
11. Но Евреите Го бараа на празникот и зборуваа: "Каде е Оној?"
12. И многу се зборуваше за Него меѓу народот. Едни велеа: "Добар е!", а други велеа: "Не е добар, само го заблудува народот."
13. Меѓутоа, никој не зборуваше слободно за Него, заради страв од Евреите.
14. А на половина од празнувањето, Исус влезе во Храмот и поучуваше.
15. Затоа Евреите се чудеа и велеа: "Од каде има олку големо знаење - кога никогаш не учел?"
16. Тогаш Исус им одговори, велејќи: "Моето учење не е Мое, туку на Оној Кој Ме прати.
17. Ако некој сака да ја исполнува Неговата волја, ќе знае дали е ова учење од Бог, или зборувам Сам од Себе.
18. Кој говори сам од себе, ја бара својата слава, а кој ја бара славата за Оној Кој Го пратил, Тој е вистинит - во Него нема неправедност.
19. Зар Мојсеј не ви го даде Законот? Но, никој од вас не го исполнува Законот. Зошто сакате да Ме убиете?"
20. Народот одговори: "Демон има во Тебе! Кој сака да Те убие?"
21. Исус во одговор им рече: "Направив едно дело и сите се чудите.
22. Затоа Мојсеј ви го даде обрежувањето (не затоа што е од Мојсеј, туку од татковците), а вие во саботен ден обрежувате човек!?
23. Ако човек се обрежува во саботен ден за да не се наруши Мојсеевиот Закон, зошто се лутите на Мене дека наполно исцелив човек во саботен ден?
24. Не судете по надворешниот изглед, туку судете праведно!"
25. Тогаш некои од жителите на Ерусалим рекоа: "Не е ли овој Човекот, Кого бараат да Го убијат?
26. А ете, зборува слободно и ништо не Му велат. Да не се увериле старешините дека Тој е навистина Христос?
27. Овој Го знаеме од каде е, а кога ќе дојде Христос, никој не ќе знае од каде е."
28. Исус, пак, поучувајќи во Храмот, извика и рече: "И Мене Ме познавате, а знаете и од каде Сум! Не дојдов Сам од Себе, туку вистинит е Оној Кој Ме прати, Кого вие не Го познавате.
29. Јас Го знам, затоа што Сум од Него и Тој Ме прати."
30. Тогаш сакаа да Го фатат, но никој не стави рака врз Него, зашто уште не беше дошол Неговиот час.
31. А мнозина од народот поверуваа во Него и велеа: "Кога ќе дојде Христос, зарем ќе направи повеќе чудотворни знаци, отколку што направи Овој?"
32. Варисеите чуја дека народот зборува така за Него, па првосвештениците и фарисеите испратија стражари да Го фатат.
33. Тогаш Исус рече: "Уште малку време Сум со вас, потоа заминувам кај Оној Кој Ме прати.
34. Ќе Ме барате и нема да Ме најдете, и каде што Сум Јас, вие не можете да дојдете."
35. Тогаш Евреите си рекоа меѓу себе: "Каде ќе оди Овој, та да не можеме да Го најдеме? Да не сака да оди кај расеаните меѓу Грците и да ги поучува Грците?
36. Што значи зборот што го рече: 'Ќе Ме барате и нема да Ме најдете,' и 'каде што Сум Јас, вие не можете да дојдете'?"
37. А во последниот, големиот ден на празникот Исус застана и извика, велејќи: "Ако е некој жеден, нека дојде кај Мене и нека пие.
38. Кој верува во Мене, како што е кажано во Писмото, 'од неговата внатрешност ќе потечат реки на жива вода.'"
39. Тоа го рече за Светиот Дух, Кого ќе Го примат оние кои веруваат во Него, зашто Светиот Дух уште не им беше даден, бидејќи Исус уште не беше прославен.
40. А некои од народот, кои ги чуја тие зборови, рекоа: "Овој е навистина Пророкот."
41. Други велеа: "Овој е Христос." Трети, пак, прашуваа: "Зар Христос ќе дојде од Галилеја?
42. Зар Писмото не рече дека Христос ќе дојде од Давидовото потомство, и од гратчето Bитлеем, од каде што беше Давид?"
43. И така, настана раздор кај народот заради Него.
44. А некои од нив сакаа да Го фатат, но никој не стави рака врз Него.
45. Кога стражарите дојдоа кај првосвештениците и фарисеите, тие им рекоа: "Зошто не Го доведовте?"
46. Стражарите одговорија: "Никој никогаш не зборувал така како што зборува Овој човек."
47. А фарисеите им одговорија: "Зар и вие сте заблудени?
48. Дали некој од првенците или од фарисеите поверува во Него?
49. Туку, проклет е овој народ, што не го знае Законот."
50. Никодим (кој порано отиде кај Исус, а кој беше еден од нив) им рече:
51. "Осудува ли нашиот Закон некого, ако најнапред не го сослуша и не дознае што прави?"
52. Тие во одговор му рекоа: "Да не си и ти од Галилеја? Испитај и види дека пророк не се појавил од Галилеја."
53. И секој си отиде во својот дом.

  John (7/21)